Македонија

„Бимилк“ ќе овозможи фармерите да користат робот за измолзување на кравите

07 Apr 2022

Битолската компанија „Бимилк“ која годинава одбележува 70 години постоење, најави поддршка за фармерите за користење најсовремена опрема во производството на млеко, односно користење најсовремен робот за измолзување.

Според генералниот директор Ѓорги Петрушев, вложувањето во нова современа опрема е континуирано и со цел да се овозможи унапредување на процесот на млекопроизводството.

Препознаени сме како доверлив партнер не само на фармерите туку и од програмата на УСАИД, со кои неколку години по ред имаме билатерални меморандуми за соработка и заедничка поддршка на семејни фирми со развоен потенцијал. Како резултат на ова, наскоро, наши фармери ќе бидат меѓу првите кои во земјава ќе почнат со користење на најсовремен робот за измолзување и тоа е значајна инвестиција, најави Петрушев.

Од „Бимилк“ најавуваат и друга поддршка за фармерите, пред се за ублажување на индиректните негативни ефекти од кризата во Европа, посебно од нарушувањето на системот за снабдување со житарици потребни за сточна храна, растот на цените и други проблеми.

Размислуваме како да ја зголемиме млечната база во државата и да го унапредиме јадрото и да се зголеми продуктивноста и ефикасноста за помалку да се чувствуваат екстерните шокови. Во услови на зголемени трошоци на сите субјекти, ние направивме корекција на откупната цена на млекото, дадовме неповратни средства за пролетната сеидба како дополнителна помош за сточарите и со нив сме во постојана комуникација затоа што клучна работа во овој момент е да се најде тој т.н. деликатен баланс со кој се овозможува опстанок на примарните производители и нивни развој, заштита на стандардот на потрошувачите и обезбедување на долгорочна одржливост и стабилност на преработувачите, односно сите чинители во млечната индустрија, посочи Петрушев.

„Бимилк“ ги поддржа своите кооперанти со финансиски гаранции, кредитирање при набавката или обезбедување на резерви од сточна храна за набавка на нови грла јуници, односно за постигнување на максимален ефект од увозот на јуници кој го стимулира државата со потпишување договори за субвенционирање при набавка, увоз на јуници.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...