Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk
Одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало стапи во сила на 1 март, откако претходно Владата ја донесе по предлог на Министерството за економија. Пред донесувањето на одлуката, која ќе важи до 31 мај годинава, потрошувачите забележаа празни полици и зголемен страв поради зголемени цени, а институциите најавија дополнителни контроли и казни.
Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8; 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомесните производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот. Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици.
Ги прашавме компаниите како мерката за ограничување на маржата ќе влијае врз работењето на маркетите, дали е можен недостиг на производите опфатени со ограничените маржи и дали мерката е во лош момент, со оглед на тоа што се поклопи и со ситуацијата во Украина? Дополнително, прашавме што мислат за најавениот закон за нефер практики кај синџирите супермаркети?
Никој не е поштеден од негативните последици
Горан Ѓорѓиевски, претседателот на Агро-бизнис комора, Сојуз на стопански комори
Кризата во која се наоѓаме добива сè посилна економска димензија, а негативните последици директно или индиректно се рефлектираат глобално со загрижувачки интензитет чиј тренд не може да се предвиди бидејќи факторите од кои зависи се непредвидливи. На почетокот економските последици од кризата беа поради рестриктивните мерки кои се воведуваа со цел да се спречи ширење на вирусот, но сега негативниот ефект е значително проширен и се соочуваме со зголемување на цената на енергентите и основните прехранбени производи, инфлацијата, како и воениот конфликт.
Во такви услови никој не е поштеден од негативни последици, трпат бизнисите, но и животниот стандард на граѓаните. Затоа и сметаме дека товарот треба да се поднесе рамномерно, а во таа насока ограничувањето на маржите е поправичен пристап во однос на замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи. Цените на производите треба да се формираат врз реална основа со оглед на цените на влезните инпути и берзанските движења, затоа и замрзнувањето на маржите е пореалистичен пристап кон формирање на овие стратешки производи. Профитите на производствените претпријатија не се големи и тие работат со маржи од 2%, 3% или 5%, додека маржите на трговските синџири се многу повисоки, затоа е и добро што се отвори темата и што законски ќе се регулира фер однос на трговските синџири и производителите. Каков ќе биде трендот на движење на цените понатаму, не може однапред да се каже бидејќи зависи од цената на енергентите и други фактори.
Профитите на производствените претпријатија не се големи и тие работат со маржи од 2%, 3% или 5%, додека маржите на трговските синџири се многу повисоки. Затоа е и добро што се отвори темата и што законски ќе се регулира фер однос на трговските синџири и производителите.
Но ограничувањето на маржите само делумно ќе придонесе за ублажување на последиците од порастот на цените. Цените на енергентите незапирливо растат, струјата за 400%, гасот за 700%, има реална и голема потреба да се активираат стоковите резерви и да им се дадат на претпријатијата субвенции за снабдување со енергија, ако се сака навистина да се постигне позитивен ефект и да се зачуваат претпријатијата од ударот на кризата.
Одлуката треба да се преиспита
Висар Јакупи, сопственик на „Киппер“ и член на Управниот одбор на Стопанска комора на Северозападна Македонија
Мерката за ограничување на маржата значително влијае врз редовното и непреченото функционирање на синџирот на обезбедување на прехранбени производи за граѓаните. Имено, со оваа мерка значително се отежнува работата на трговците на мало кои оперираат со маркети и трговците на големо кои нив ги снабдуваат со стока, бидејќи со утврдените маржи од 5% за трговците на големо, односно 10% за трговците на мало никако не може да се покријат трошоците на трговците. Тука се трошоците за транспорт, логистика и изложување на производите до потрошувачите, за веќе покачени цени за електрична енергија и нафтени деривати.
Важно е да се спомене и фактот дека за трговците на мало многу проблематична е утврдената маржа од 10% за одредени производи опфатени со одлуката, како што се овошјето и зеленчукот и свежото месо што калираат повеќе од 5%, а од трговците на мало се бара тие да се продаваат со трговска маржа од 10%. Оттука, реално овие производи треба да се продаваат од страна на трговците на мало со негативна маржа, а да не се спомене ситуацијата на трговците на големо кои треба да ги продаваат овие производи со маржа од 5%.
Трговците на мало, односно маркетите се тие кои најмногу се оштетуваат со новата одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки, но тие не се субјектите кои ги покачуваат цените на пазарот, туку маркетите единствено ги имплементираат покачувањата на цените на производите кои ги набавуваат од нивните добавувачи, т.е. од трговците на големо и производителите. За жал, веќе од 1 март трговците на мало, односно маркетите најмногу се напаѓаат и се мета на надлежните инспекции кои за да докажат дека работат на имплементирање на новата одлука на Владата, ја отежнуваат работата на маркетите со инспекциски контроли кои траат со часови и имаат намера репресивно да дејствуваат.
Цените на дел од производите од новата одлука кои досега биле замрзнати веќе се зголемија од производителите и трговците на големо кои на тоа се принудени. И тие веќе неколку месеци имаат поголеми трошоци за производство со поскапувањето на суровините и повисоките трошоци за струја и транспорт на производите.
Недостиг на производите опфатени со одлуката може да се појави имајќи предвид дека важењето на одлуката за ограничување на маржите е за период од три месеци. Недостигот може да се појави и поради фактот што дел од трговците нема да може да опстојат три месеци, за кој период се принудени да работат и со загуба.
Трговците на мало најмногу се оштетуваат со новата одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки, иако тие не се субјектите што ги покачуваат цените на пазарот. Маркетите ги имплементираат покачувањата на цените на производите што ги набавуваат од нивните добавувачи, т.е. од трговците на големо и производителите.
Исто така, вреди да се спомене дека има добавувачи, односно трговци на големо кои имаат најавено дека за периодот на важење на одлуката за ограничување на маржите нема да нè снабдуваат со стока од причина што при продажба треба да работат со загуба.
Оваа одлука треба што побрзо да се преиспита и да се повлече, а потоа апелирам до сите надлежни институции и трговците што се засегнати да се собереме и да дискутираме за наоѓање вистинско и најдобро решение за решавање на овој проблем за да не се создаваат поголеми штети и во економијата и за граѓаните.
Лош момент на донесување на одлуката за ограничување на маржите е и ситуацијата во Украина, која создава ефекти не само во Македонија, туку и во цела Европа и подалеку. Според официјалните бројки од нашите институции, увозот од Украина во нашата држава во 2021 година имаше пораст на 1,3%. Потоа, освен официјалната трговска размена со Украина, има и индиректна размена која ќе создаде лоши економски ефекти, на пример, за репроматеријали кои преку Србија се набавуваат од Украина.
Несомнено е дека сите мерки и нови закони што го засегаат реалниот сектор треба секогаш да се носат во партнерство и во консултација со реалниот сектор. Досега, за жал, немаме ниедна информација за содржината на најавениот нов закон, но очекуваме во процесот на подготвување да бидеме повикани на консултација и очекуваме дека нашите ставови и предлози ќе бидат вистински разгледани од страна на државните институции.
Носењето одлуки без консултација со приватниот сектор, како ограничување на трговските маржи, може да биде одлучувачко за судбината и опстанокот на економските оператори на пазарот.
Текстот е објавен во мартовското издание на InStore.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.