Македонија

Сојузот на синдикати на Македонија бара зголемување на платите на работниците

21 Oct 2021

Поради зголемувањето на цените на храната и енергенсите, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара зголемување на платите на работниците бидејќи во спротивно предупредуваат дека ќе има тренд на осиромашување на граѓаните.

Сојузот на синдикатите на Македонија оправдано во изминатиот период укажува и бара минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60 проценти од просечната плата, а во таа насока ја разбираме и изјавата и иницијативата до крајот на 2021 година да се зголеми минималната плата на 18.000. Со такво зголемување на минималната плата, истата ќе изнесува околу 63 проценти од просечната плата со што би се оствариле заложбите на синдикатот и барањата на работниците, велат од ССМ.

Во следниот период, според ССМ, треба да се размислува и за промена на законското решение со кое ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60 проценти од просечната плата, како и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата.

Пресметките на ССМ покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во август изнесувале 34.342 денари што значи дека потребни се отприлика две минимални плати за да се покријат основните месечни потреби.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...