Македонија

Избрани најдобрите вина од Балканот

07 Jun 2021

Oколу 1.000 вина учествуваа на овогодинешнoто 10 јубилејно издание на Балканскиот интернационален вински натпревар (BIWC) кој се одржа во Скопје. На натпреварот беа избрани најдобрите вина на Балканот од престижно жири од 18 вински судии од 10 земји.

За прв пат во државата беше организиран настан од ваков тип. Покрај натпреварот жирито и гостите имаа прилика да ги посетат нашите винарии и имаа можност поблиску да се запознаат со  развојот на винарството во државата и посветеноста за врвен квалитет во производството како и да го почувстуваат нашето гостопримство. Она што е поголем предизвик е како вината од балканските земји да се стават на светската винска мапа на место кое го заслужуваат. Преку активностите на Балканската винска мрежа, која ја основавме во Скопје пред 2 години, во следниот период ќе работиме токму на реализација на оваа цел, изјави Елена Младеновска - Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“.

За најдобри, посебно за секоја држава беа прогласени:

Албанија – Merlo 2018 од винарија „Белба“, Бугарија – SM 2018 од „Рокс винарија“, Босна и Херцеговина – Колекција Cabernet Sauvignon и Merlot 2018 од винарија „Фазан“, Хрватска – Prisbus Riserva 2018 од винарија „Барака“, Грција – Afoura Santorini Assyrtiko 2019 од винарија „Анхидрос“, Косово – Grand Rahova резерва 2019 од винарија „Лаби“, Црна Гора – Stari podrum 2013 од винарија „Плантаже“, Романија – Issa Sauvignon blanc 2020 од винарија „Крама ла салина“, Србија – Vinum Grašac пенливо 2018 од винарија „Винум“, Словенија – Brut seven numbers од винарија „Пуклавец“ и од Турција – Astikus Mons Cabernet Sauvignon 2018 од винарија „Чамлија“.

Од Македонија за најдобро вино беше прогласено Signature Merlot 2017, Гранд резерва од винарија „Камник“ која ја однесе и наградата за најдобар дизајн на етикета за виното Carmenere од „Шато Камник” кое е слика на уметникот Михаил Корубин.

На самиот настан, Роберт Пол Блум прими признание од организаторите за Најдобра винска личност на Балканот за својата долгогодишна работа со продажба и промоција на балканските вина на европскиот пазар.

Наградата за Гранд трофеј ќе се прогласи на 17 Јуни во Софија каде ќе се објави и локацијата на натпревар за 2022 година.

Секоја година натпреварот се шири и добива поинаква димензија. Додаваме и нови категории на награди зависно од трендовите во секторот. Така оваа година за прв пат ја воведовме и наградата за „Винска личност на Балканот“ за заслуги во промоцијата на балканските вина која оваа година ја доби Роберт Пол Блум од Холандија кој голем дел од работниот век го посвети на промоција на вината од Балканот, изјави Галина Нифору, директор и основач на Балканскиот вински натпревар и фестивал. 

Настанот беше одржан од 2 до 4 јуни оваа година, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, во ко-организација на здружението „Вина од Македонија” со поддршка од Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...