Веќе 25 дена мелничарите не можат да реализираат извоз зашто Косово им ги враќа камионите со брашно под изговор дека нивото на железо и фолна киселина во него е под пропишаниот правилник.
Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија, Горан Малишиќ, за ваквиот проблем веднаш биле известени Министерството за економија и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Во последните 25 дена, Косово ни ги враќа камионите под изговор дека нивото на железо и фолна киселина е под пропишаниот правилник, иако и пред испорака и по враќањето нашето брашно е испитано во нашите лаборатории и констатирано е дека содржи повеќе од минималната утврдена количина на железо и фолна киселина, нагласува Малишиќ.
Мелничката индустрија апелира до Владата, одговорните министерства и државни агенции, веднаш да го решат проблемот со извозот, како и неконкурентниот и неконтролиран увоз на брашно со околните држави кои се потписнички на ЦЕФТА и со соседите кои се членки на ЕУ.
Ако не можат, тогаш нека спроведат соодветен реципроцитет. Изгледа дека само ние ги почитуваме ЦЕФТА протоколите, а домашното преработувачко производство во изминатите 15 години се намали за најмалку 60 отсто. Апелираме дека е крајно време да се преземат мерки за заштита и зголемување на домашното производство и преработка. Во спротивно, ќе се соочиме со енормно зголемување на цените на брашното и лебот како основни суровини од пченицата, која пак е заштитена со Закон како стратешка култура, кој Закон ниту еден државник не го почитува од 2000 година па наваму, предупредуваат мелничарите.
Косово има Правилник за квалитет во кој се бара во брашното да има зголемено ниво на железо и фолна киселина како начин да ја заштитат својата мелничка индустрија од увозно брашно веќе 15 години. Поради ова, за да ги исполнат условите за извоз во Косово, нашите мелници, како што објаснуваат од Групацијата при Стопанската комора, дополнително дозираат премикс со железо и фолна киселина.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.