Македонија

Проверете каде купувате: објавен регистарот на е-трговци

16 Mar 2021

Асоцијацијата за е-трговија направи онлајн регистар на е-трговци. Изработен е во соработка со петте банки кои што нудат е-трговија и има за цел да ја зголеми информираноста на купувачите и нивната заштита, да им овозможи лесно да направат разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата и да ја намали можноста за купување од непроверени онлајн продавачи и учество во сивата економија.

Регистарот е  дел од платформата „eТрговија за сите” која на едно место ги содржи сите потребни информации за започнување и водење на бизнис во е-трговија.

Од Асоцијацијата за е-трговија велат дека се потребни заеднички напори за намалување на сивата економија – институциите да го дадат својот придонес, граѓаните да се заштитат себе си преку купување само од регистрирани е-трговци, а компаниите да ги унапредуваат своите процеси, корисничко искуство и да одиграат едукативна улога кај потенцијалните купувачи.

Извршената анкета лани на  2.800 е-купувачи покажува дека  47 отсто од купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми, а 61 отсто од нив се изјаниле дека го прават тоа затоа што им е полесно и побрзо. 48 отсто од е-купувачите никогаш не добиваат фискална сметка при ваквите нарачки, а 27 отсто рекле дека ретко добиваат. Над 70 отсто од нив ги знаат ризиците, дека не се заштитени како потрошувачи, како и дека се дел од сивата економија, но сепак го прифаќаат ризикот при ваквите нарачки.

Овие податоци се загрижувачки и говорат за ниското ниво на даночен морал и свест за значењето и негативните последици од сивата економија, како и ниското ниво на дигитални вештини на населението. Преку регистарот на онлајн продажни места купувачите имаат можност лесно да проверат пред да направат нарачка дали се работи за регистирана онлајн продавница, велат од Асоцијацијата.

Од почетокот на годината е воведен и „беџ за верификуван е-трговец” кој преставува визуелна ознака која ќе им помогне на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има имплементирано неопходните законски регулативи и правила за работење во е-трговијата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...