Македонија

Почнати се преговори за продажба на „Рамстор“ - го купува бизнисменот Ајдован Адемовски

02 Feb 2021

Почнати се преговори за продажба на 100 отсто од акциите на подружницата „Рамсторе Бугарија ЕАД“, која поседува 99 отсто од акциите на „Рамстор Македонија“ на компанијата „Сити Плаза ДОО Скопје“, објави турски „Мигрос Тиџарет“, сопственикот на синџирот маркети „Рамстор“. 

Потпишан е преддоговор, а во тек се преговорите во врска со потпишувањето на договорот за пренос на акциите. 

Во писменото соопштение од компанијата се вели дека подружницата „Рамстор Македонија“, која работи во Северна Македонија, сочинува приближно 1,2 отсто од консолидираната продажба на компанијата во периодот 1 јануари - 30 септември 2020 година. Притоа е направена повторна проценка на работењето на „Рамстор Македонија“. 

Како резултат на проценката, почнати се преговори за продажба на 100 отсто акции од нашата подружница „Рамстор Бугарија ЕАД“, која поседува 99 отсто акции од „Рамстор Македонија“, на компанијата „Сити Плаза ДОО Скопје (купувач), стои во соопштението. 

Во него се додава и дека компанијата за да не им наштети на легитимните интереси и за да се избегне заблуда на инвеститорите, претходно одлучила да се одложи јавното објавување на дискусиите во врска со продажбата. 

InStore побара информација и од „Сити Плаза“. Од таму ни рекоа дека имаат обврска како деловна страна да ги почитуваат деловните политики и етика и затоа во овој момент нема да излегуваат со официјална изјава. 

Адемовски е претседател на Македонско-Турска стопанска комора во Македонија (МАТТО), почесен конзул на Турција, сопственик на  трговскиот центар „Капитол мол“ и на хотелот „Хилтон“ во Скопје.  



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...