„Жито лукс“ во соработка со синџирот маркети „Тинекс“ реализира хуманитарна акција, наменета за потребите на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле во Скопје.
Од 22 декември до 12 јануари 2021 година, за секој купен производ од компанијата во кој било маркет „Тинекс“, дел од средствата ќе бидат донирани за помош и подобрување на условите на функционирање на институтот.
Здравјето е врвен приоритет на секое општество, а здравјето на децата, кои се столбот и иднината на заедницата, е најголема благосостојба. Токму поради тој факт, здравствените установи во кои се згрижуваат најмладите пациенти се во постојан фокус на општествено одговорните активности на нашата компанија, изјавија од „Жито лукс“.
Директорот на Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле, м-р. д-р. спец. Ангелчо Андоновски, ја поздрави оваа иницијатива, истакнувајќи дека е од исклучителна важност во овие кризни моменти за здравствениот систем и за државата воопшто.
„Жито лукс“ умее да ги препознае вистинските приоритети и е наш долгогодишен верен соработник и активен донатор. Овие хуманитарни aкции се од непроценливо значење. Ги повикувам и другите компании да го следат овој пример, со надеж дека во рамките на можностите ќе можат да придонесат за полесно справување со ковид-кризата, истакна тој.
Компанијата „Жито лукс“ досега за институтот има донирано медицински апаратура, мебел за опрема и подобрување на болничките услови, како и производи од сопствената палета.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.