Македонија

„Жито пром“ најави нов погон и нови функционални колачи

21 Dec 2020

Компанијата „Жито пром“ производител на кроасаните 4U соопшти дека бележи успешна година и покрај сите предизвици кои ги донесе пандемијата.

Дополнително, од компанијата најавуваат зголемување на производствениот капацитет и нов производ – функционални колачи.

Во последните 9 месеци работевме на целосно реновирање и подготовка на нов производствен капацитет од 1.000м², со кој значително ќе се зголеми асортиманот на производи на компанијата. Во 2021 година палетата на производи ќе биде дополнета со иновативни функционални колачи, кои позитивно ќе влијаат врз метаболизмот, како и врз целокупното здравје на човекот, вели Татјана Танева-Новаковска од „Жито пром“.

Овој проект е реализиран во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Инвестицијата вредна половина милион евра, комбинација на средства од ФИТР и „Жито Пром“, ќе донесе 20 нови вработувања и најмалку 5 нови линии на производи.

Од „Жито пром“ очекуваат нивните функционални колачи брзо да го освојат домашниот пазар, но и странските пазари каде што е веќе присутна гевгелиската компанија. Кроасаните 4U од годинава, покрај на постоечките пазари се извезуваат и во Либија, Малта, Израел и Полска, благодарение на успешното саемско претставување во февруари во Келн.

Дури и во вакви тешки економски услови, успеавме да обезбедиме влез на нови пазари. Фактот дека производот е квалитетен и направен по високи стандарди за квалитет, потврдени со интернационалниот сертификат IFS (International Featured Standard), ги охрабри новите партнери да ги вклучат нашите производи во нивното портфолио, вели Танева-Новаковска.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...