Македонија

Ќе се формира заеднички регионален пазар на Западен Балкан

11 Nov 2020

Намалување на времето на чекање на граничните премини за 30% со спроведување на пакет мерки што вклучуваат проширување на Зелените коридори и поедноставување на процедурите поддржани од Систематска електронска размена на податоци SEED +, потоа намалување на трошоци и бирократијата како и олеснување на е-трговијата  и побрзо приклучување кон единствениот пазар на ЕУ треба да овозможи Заедничкиот регионален пазар за кој денеска разговарале  лидерите на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.

Според очекувањата, регионалната економска интеграција може да генерира дополнителни до 6,7% раст на БДП во регионот.

Интегрираниот пазар од 18 милиони луѓе е поконкурентен на европската и глобалната сцена и попривлечен за странските инвеститори. Понатаму, воспоставувањето на Заеднички регионален пазар ќе му помогне на регионот во процесот на усвојување на стандардите на ЕУ и приближување кон единствениот пазар на ЕУ, рече Емир Ѓикиќ, директор на ЦЕФТА Секретаријатот.

ЦЕФТА, додаде тој,  ќе биде клучна за спроведување на најважните активности во Регионалната трговска област, но исто така и во другите области на планот, заедно со Советот за регионална соработка, Транспортната заедница, Форумот за инвестиции во Комората на WB6 и други партнери.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека планот за создавање на заеднички регионален пазар на Западен Балкан претставува важна пресвртница и охрабрувачка порака.

Тоа ќе биде стимул за нашите економии од што ќе имаат корист и граѓаните и компаниите, нагласи Меркел по Самитот на Берлинскиот процес во Софија.

Меркел им честиташе на учесниците на Самитот за напредокот што го постигнаа во тешки околности, кога економиите се под притисок поради пандемијата на новиот коронавирус.

Таа изјави дека сите земји мора да се приспособат на предизвикот за климатските промени, дека тоа е важно и за Западен Балкан и ги пофали лидерите од регионот кои, како што рече, „покажаа дека ја делат таа одговорност“.

Со потпишувањето на декларациите за Зелената агенда за земјите од Западен Балкан и за Заеднички регионален пазар, државите од регионот покажаа дека веќе размислуваат и дејствуваат европски и за екологијата и за економијата и за нелојалната конкуренција – изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Премиерот Зоран Заев нагласи дека ЕУ храбро ја потврди поддршката за Западен Балкан со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, со што ќе се обезбеди голема финансиска поддршка за реформските процеси и за економска трансформација на регионот.

Претставувањето на Зелената агенда за Западен Балкан дополнително ќе донесе нов наратив во однос на економскиот развој и ќе помогне да се интегрира регионот во клучните политики на ЕУ, рече Заев.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...