Светска банка во последниот извештај предвидува земјава годинава да ја заврши со пад на БДП од 4,1 отсто, а за наредната и за 2022 година раст од 3,6, односно 3,5 отсто.
Ова беше соопштено денеска на онлајн презентацијата на Редовниот економски извештај за Западен Балкан бр. 18 .
Во најновиот Редовен економски извештај на Светска банка КОВИД-19 пандемијата силно ја погоди Северна Македонија, со ограничување на движењето, нарушени синџири на снабдување и продолжена неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата. Како резултат на тоа, земјата се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата. Економската активност се предвидува да се намали за 4,1 процент во 2020 година.
Северна Македонија не е единствената земја погодена; сите земји од Западен Балкан се соочуваат со рецесија, па регионалниот пораст се предвидува да се намали за 4,8 проценти во 2020 година, што е за 1,7 процентни поени пониско од априлската проекција. Ограничувањата на патувањата и мерките за социјално дистанцирање исто така придонесоа за намалувањето на растот во оние земји што се повеќе зависни од туризмот.
Во извештајот е истакнато дека Владата со пружената поддршка го ублажи влијанието од кризата врз пазарот на труд, стапката на невработеност се зголеми на 16,7 проценти, за првпат од 2011 година, бидејќи во вториот квартал од годината 17.690 лица ги загубија своите работни места. Програмите за поддршка на Владата, исто така, помогнаа во ублажување на влијанието врз работниците и фирмите, но фискалниот простор се стесни бидејќи долгот надмина 60% од БДП. Бидејќи крајот на економската криза е несигурен, притисоците врз пазарот на трудот и врз приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месеци.
Краткорочните изгледи за Северна Македонија се позитивни, но доминираат надолните ризици. Фазата на сузбивање на пандемијата сé уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сé уште важечките мерки за социјално дистанцирање може уште повеќе да го одложи закрепнувањето, вели Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија и додава: Економските и социјалните мерки за справување со кризата ќе бидат главен приоритет, но исто така, ќе биде важно и да се продолжи со неопходните среднорочни фискални реформи, реформи во областа на конкурентноста, животната средина и доброто управување со јавните политики, за да се постигне одржливо закрепнување и пристап во ЕУ.
Линда Ван Гелдер, директорка за регионот на Западен Балкан при Светска банка објаснува дека како и во поголем дел од светот, КОВИД-19 пандемијата и понатаму тешко ги погодува луѓето во Западен Балкан. Се заканува на здравствената, како и на економската добросостојба на населението во сите шест земји.
Извештајот потврдува дека брзината на закрепнувањето, на краток рок, ќе зависи од развојот на пандемијата, одобрувањето на вакцина што ќе овозможи нормализација на економската активност и одржливо закрепнување кај главните трговски партнери на регионот, особено на Европската Унија (ЕУ).
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.