FMCG Македонија 2021

Интересен од почеток до крај....како помина 7 FMCG SUMMIT SKOPJE 2021

29 окт 2021

Поучен, отвори нови можности, интересен од почеток до крај...се само дел од оценките за 7 FMCG SUMMIT SKOPJE 2021, што се одржа онлајн, на 28 октомври, во организација на магазинот InStore и маркетинг агенцијата „Кликер маркетинг“

Самитот имаше повеќе од 1.450 прегледи на нашиот канал на Youtube.  

Воведно обраќање имаше Верица Мартиновска, директорка на InStore и на „Кликер маркетинг“, која потсети дека InStore годинава слави 10 годишен јубилеј, период во кој се покажа дека магазинот му е потребен на FMCG секторот исто колку и FMCG секторот му е потребен на магазинот. Ги најави следните два проекти, 100 MUST HAVE, односно избор на 100 најдобри брендови кои во следната година треба да ги има на полиците и претстојниот Skopje Marketing Summit. 

Илина Бакев, директорка на „Мама'с“ во Австрија, раскажа за искуството при влегувањето на австрискиот пазар и за поуките што можат да се извлечат од нивниот случај. 

Влеговме во нова географска одредница и се насочивме кон нова целна група. Основањето на компанијата беше лесниот дел, после дојдоа оперативните работи кои беа потешкиот дел. Лекциите што ги научивме се дека мора да го знаете локалниот јазик и покрај убедувањето дека бизнисот „работи“ на англиски јазик, добро е да имате локален консултант во тимот и маркетинг активности за менаџирање на брендот соодветно приспособени на истиот. Потребно е и константно тестирање и промена на стратегијата кога ќе се увиди таква можност. Секако, мора да имате добар производ, рече Бакев.

Селма Кадиќ - Маглајиќ (искусен академик за маркетинг, со претходно искуство во автомобилската, забавната и медиумската индустрија) зборуваше за корситењето на вештачката интелегенција во продажните канали. Практично претстави алатки за профилирање на купувачот кои се многу корисни во секојдневната работа, особено кога се користат за потребите на маркетингот и продажбата. 

Повеќето развиени земји и некои земји во развој донесоа национални стратегии за користење вештачка интелегенција. 63 отсто од компаниите во развиениот свет користат некои од тие алатки. Балканот не го следи баш тој тренд, рече Кадиќ - Маглајиќ. 

Следен говорник беше Реј Гаул, експерт за водечки трендови во малопродажбата, ко-основач и извршен директор во Retail Cities. Неговата тема беше „Поглед на малопродажбата во 2022 година - инфлација, енергетска ефикасност и натрупување залихи“. 

Глобалните синџири на снабдување не се усогласени и големите играчи се движат во спротивна насока. Денешните стравови се инфлација, трупање резерви, недостиг во синџирот на снабдување, недостиг на работници за суштински работни места, зголемени плати за нискоквалификувани работни места, нелојалност кај работодавецот, желба никогаш повеќе да не се враќате во канцеларија, здравје и благосостојба, климатски промени....Најголемо влијание ќе има на промените во мисиите на купувачите според денот од неделата. Нема конзистентност од една недела до друга, дури и во 2022 година. Многу е важна флексибилноста на менаџерот на продавницата – за различен дел од денот, за различни денови. Инфлацијата, трупањето резерви и „кошмарите“ во синџирот на снабдување за сите се различни. Одете полека, зборувајте, соработувајте, не предузвикувајте несогласувања. Обидете се да ги избегнете експлозиите, бидејќи сите ќе се најдеме во нив, порача Гаул.   

Душан Рангелов, директор за развој на бизнис, основач на „ Sales & Business Consulting “ во Србија зборуваше за интегриран ГТМ модел како процес кој може да се интегрира внатре во компаниите. 

Така доаѓаме до одговор на прашањето, како нас не гледаат купувачите, или како не гледаат во споредба со конкуренцијата, појасни Рангелов. 

Петар Бошкоски, менаџер за комерцијални операции во „Филип Морис“ го претстави нивото на дигитализација во компанијата, како работи сега и начинот на кој е направена. како примери ги наведе работата на „Икеа“, „Најк“ со можноста за скенирање на стопалото на купувачот за најсоодветна понуда на патики, „Амазон“ со воведувањето достава со дронови...

Тоа влијаеше врз нас барем да почнеме да размислуваме во таа насока. Главната порака е дека дигиталната стратегија е токму креирање стратегија и менување на начинот на размислување. најголемите придобивки од трансформацијата допрва ни следуваат и се надеваме дека наскоро ќе можеме да се пофалиме со целосно нов бизнис модел, рече Бошкоски. 

Александра Мартиновска Стојческа, раководителка на одделот за земјоделска политика на Земјоделскиот факултет во Скопје ја објасни шемата на одржливите системи за храна и клучната улога што тие ја имаат за постигнување на целите за одржлив развој. 

Во делот на трансформацијата на системот за храна, потребна е подобрена достапност според избор, зголемување на привлечноста на храната и подобрена достапност според цена. Кај нас, во последните 40-тина години, енергијата преку исхрана е значително зголемена. Најдобро стоиме при внесување зеленчук; за внесување овошје, мешунки, јаткасти плодови и млеко сме некаде во рамки на светскиот просек. Пакуваната храна кај нас помалку се купува во однос со јужна Европа, а повеќе во однос на светот, рече Мартиновска Стојческа. 

Жан - Жак Ванденхид , футуролог и експерт за трендови во малопродажбата, се вклучи од Белгија и зборуваше за последиците од четврта индустриска револуција во малопродажбата. 

Потрошувачот ви вели - јас сум господар на моите избори! Имам пристап до се, од секаде, во секое време. На еден или друг начин мора да одговориме на промените во барањата на потрошувачот.  Но, потрошувачот секогаш ќе одговори на пониските цени, на дополнителната корисничка вредност и на зголемениот избор. Мојот совет е да се фокусирате на тоа што купувачот сака, што му се допаѓа, што преферира. Можеби некои прилики ќе бидат тешки во почетокот. Има дилеми - дали да инвестирам во традиционални продавници или во продавници што ќе бидат релевантни после 20, 30, 50 години? Попатно имаме многу знаци кои ќе ни покажат дали сме на вистинскиот пат, рече Ванденхид. 

Во рамки на самитот се емитуваше ексклузивно видео - интервју со Драган Стајковиќ, генерален директор на „Бамби“. Тој зборуваше за развојот на компанијата која на пазарот опстојува повеќе од 5 децении, за аквизицијата од страна на „Кока кола“, за пазарот во поранешна Југославија и за новите инвестиции. Според податоците што ги сподели, од 3.500 тони од нивните производи, 10 отсто од целата продажба се остварува на пазарот во БиХ, а другите во останатите земји од поранешната заедничка држава. Во Македонија се продаваат по околу 1.000 тони годишно и на овој пазар „Бамби“ гледа како на пазар за раст и развој. 

Борис Вукиќ, партнер и еден од основачите на „Adizes Southeast Europe“(ASEE) и виш соработник на Adizes Institute САД, гласно ги постави дилемите и предизвиците пред кои се исправени семејните бизниси. Тој беше и модератор на интересната и мошне жива дискусија на оваа тема, во која учествуваа Перица Вечишки, генерален директор на „Атлантик трејд“, Јанинка Чупаркоска, генерална директорка во „Кожувчанка“ и Дејан Ваневски, менаџер за развој на бизнис стратегии во „Тривити“, како „глас“ на професионалните менаџери. Тие ги споделија своите ставови на прашањата: дали компанијата може да биде и семејна и професионална, колку втората или третата генерација може да го продолжи семејниот бизнис, дали и кога да се воведе професионален менаџмент...

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...