Мала оаза на свежината
Месецов InStore ја посети продавницата „Ани-На", која најдобро може да биде опишана со епитетите – свежина, љубезност и одлична услуга. Продавницата е лоцирана на булеварот „Јане Сандански", бр. 91, на површина од 30 квадратни метри.
„Ани-На" успешно опстојува на оваа локација од 2000 година. Сопственичката Лидија Димовска, љубезно нè пречека и ведро ни раскажа што значи работата во продавницата за неа.
Уште од 1995 година навлеговме во тајните на трговијата, со отворањето на двете продавници, од кои, едната беше во населбата Драчево, а втората во Кисела Вода. Ова е нашата трета продавница која продолжува да работи и денес, а ја отворивме кон крајот на летото, во 2000 година, се сеќава Лиде на почетоците.
Таа додава дека претходното искуство во продавницата во Кисела Вода, која била сопственост на нејзиниот сопруг, било од скапоцено значење за продолжувањето на трговската работа: Од препознавањето на квалитетот на производите, начинот на организација, редењето и изложувањето на полиците, соработката со доставувачите..., до препознавањето на потребите на купувачите.
На продажен простор од 30 квадратни метри, асортиманот го сочинуваат околу 2.500 артикли. Во понудата се вклучени речиси сите трговски групи, со исклучок на алкохолните пијалаци. Акцентот е на овошјето и на зеленчукот, кои се од сопствено домашно производство, одгледани во бавчите во село Зелениково.
Сме работеле најчесто со две продавачки или со една, но во моментов, во продавницата работам само јас. Помалата ќерка ме заменува во неделите, а понекогаш и сопругот ме заменува на неколку часа. Сепак, тој има особено значаен секојдневен ангажман – секое утро ги носи овошјето и зеленчукот и ја снабдува продавницата со потребната свежина, со насмевка раскажува Лиде.
При изборот на другиот дел од асортиманот, според Лиде, најважно е во продавницата секогаш да ги има производите што најмногу се трошат, но исто така, таа ги прифаќа и препораките од комерцијалистите, ги следи телевизиските реклами и се информира за она што е ново на пазарот.
Во непосредна близина на „Ани-На" има неколку големи маркети. На само неколку метри од продавницата се наоѓа „Веро", малку подалеку и „Рамстор", „Тинекс"... Конкуренцијата е голема, но нема откажување: Да се издржи во овој аквариум каде што ние сме малата рипка, а тие големи ајкули, не би рекла дека е само борба, туку и преживување. Но, со една надежта секое утро, додека го редам лебот на полиците и ги пречекувам од работа работниците, си поминува ден за ден, вели Лиде.
Таа истакнува дека како добар трговец, секогаш го почитува мислењето на купувачите. Ако некој од нив мисли дека малите продавници се поскапи во споредба со големите синџири, Лиде со насмевка им одговара: Ваше е правото да изберете од каде ќе пазарите!
Како предност на „Ани-На", Лиде ги истакнува секогаш свежите производи, блискиот однос и препознавањето на потребите на купувачите. Како што ни кажа таа, уличката пред продавницата секојдневно е исполнета со многу луѓе – ученици кои се враќаат од училиште, постари лица кои се шетаат низ маалото, некој што дошол на гости, но сепак, најчестите купувачи се тие од соседството.
Тука сите ме знаат и ме викаат Лиде. Со купувачите немам само однос на продавач кон купувач, туку односот е повеќе пријателски. Знам најчесто за што доаѓаат да купуваат во одреден дел од денот, ги пречекувам со насмевка, а додека ги услужувам, знаеме и да се пожалиме или да се пофалиме за нешто. На заминување повторно насмевка и топло „Се гледаме", вели таа.
Работата со различни луѓе, носи и безброј случки – пријатни и непријатни, но Лиде сака да се сеќава само на пријатните: Од убавите случувања, се сеќаваме на многубројните средби со некои од познатите музичари, како Калиопи или Ристо Самарџиев, но и со новинари, професори итн.
При крајот на нашиот разговор, Лиде ни ги откри желбите и плановите за иднината: Да имаме доволно парични средства, најпрвин би направила одредени промени во овој објект – реновирање, промена на распоредот на просторот и, секако, би сакала да отвориме уште неколку продавници. Размислуваме за отворање на уште една, но изгледа дека ќе почекаме малку подобри времиња за тоа.
Пораката на Лиде до другите колеги од трговијата гласи: Инвестирајте во својот мал бизнис, следете ги сите случувања и не откажувајте се. И, секако, продолжете да работите во полза на потрошувачите!
Се вчитува следна вест...