Практиката за воведување едукативни програми е добредојдена за потрошувачите, кои се преплавени со различни податоци за храната што ја купуваат и ја јадат, а кои најчесто доаѓаат од непроверени извори, како, на пример, од социјалните мрежи
Автор: Проф. д-р Владимир Какуринов, „Клуч"
Зголемената побарувачка на свежи прехранбени производи и довербата во хигиената и во безбедноста на храната во одделите за месни, млечни и за пекарски производи, како и за готовата храна во супермаркетите, се два нови тренда кои се движечка сила на развој на супермаркетите.
Специјализираните оддели, особено тие со приготвена храна која може веднаш да се јаде или потребно е само да се загрее пред јадење, претставуваат конкурентска предност на супермаркетите во однос на кетеринг-компаниите и на рестораните. Во последните пет години, супермаркетите постојано го зголемуваат асортиманот на месните, млечните и на пекарските производи, како и на готовата храна, со што ги привлекуваат потрошувачите да купуваат ваква храна кај нив, наместо да ја нарачуваат или да одат во ресторан.
Потрошувачите сакаат да купуваат во овие оддели затоа што според нив:
• Имаат можност да го изберат тоа што го сакаат;
• Вработените во тие продавници имаат знаења за квалитетот и за безбедноста на храната што ја продаваат;
• Производите на тие оддели постојано се свежи;
• Цената на тие производи е пониска отколку во специјализираните продавници.
Од исклучително значење за секој потрошувач е чистотата и безбедноста на храната во супермаркетите. Тоа особено се однесува на специјализираните оддели за месни, млечни и за пекарски производи, како и на одделите за готова храна. Потрошувачите веднаш ќе си заминат од супермакетот и најверојатно никогаш нема да се вратат ако забележат дека во тие оддели со свежа и со преработена храна, нема хигиена или постои сомневање за безбедноста на понудената храна.
Потрошувачите многу повеќе внимаваат на хигиената и на безбедноста на храната во одделите со месни, млечни и со пекарски производи, отколку на хигиената и на безбедноста во другите оддели.
Најважно од сè е потрошувачите да имаат доверба во безбедноста на храната, затоа што сите бараат едноставно и непречено да купат свежа, претходно приготвена храна која е подготвена за консумација или која пред јадење дома, треба само да се загрее. Со оглед на тоа што овие оддели се главна грижа за потрошувачите, од особено значење е да се внимава на нивната хигиена и на безбедноста на храната што се продава таму.+
Додека чекаат на ред за да бидат услужени, потрошувачите имаат доволно време да забележат многу работи во одделите каде што се продаваат производите. Тие можат да забележат речиси сè, вклучувајќи ја хигиената на вработените во овие оддели, нивните хигиенски навики, состојбата со хигиената и постапките за чистење на машините за сечење, работните површини, тацните и дисплеите, ракувањето со производите, температурата итн.
Бројни истражувања укажуваат на тоа дека една третина од потрошувачите повеќе не доаѓаат во супермаркетот во кој забележале нехигиена и неуредност. Интересно е дека тие потрошувачи многу повеќе внимаваат на хигиената и на безбедноста на храната во одделите со месни, млечни и со пекарски производи, отколку на хигиената и на безбедноста во другите оддели. Според истражувањата, дури 85 отсто од потрошувачите мора да бидат сигурни дека сè е во ред со безбедноста на храната во тие оддели на супермаркетот. Тоа им е првиот и најсигурен сигнал дека во целиот супермаркет се внимава на безбедноста на храната.
Основните препораки што тимот за безбедност на храна во супермаркетите треба да им ги даде на вработените во одделите за месни, млечни и за пекарски производи се:
1. Со храната мора да се ракува во беспрекорно чиста средина;
2. Вработените мора често да ги мијат рацете и да ги менуваат ракавиците за еднократна употреба и тоа – секогаш пред очите на потрошувачите;
3. Тие оддели мора да бидат оценети со највисока оценка од внатрешната и од надворешната инспекција за безбедност на храната и таа оценка (сертификат, признаница), мора да биде видлива за потрошувачите;
4. Вработените мора секогаш да носат мрежи за коса;
5. Вработените мора секогаш да носат чисти јакни, кецели, униформи и обувки.
Добра вест за одделите за месни, млечни и за пекарски производи во супермаркетите е тоа што потрошувачите имаат трипати поголема доверба во нив, отколку во специјализираните продавници за тие производи. Со други зборови, потрошувачите трипати повеќе му веруваат на системот за безбедност на супермаркетите, отколку на тој во месарниците, малите самопослуги и на специјализираните продавници за пекарски производи.
Потрошувачите во супермаркетите се задржуваат само додека да ги купат производите што им се потребни и своите претпоставки за хигиената и за безбедноста на производите, ги базираат врз тоа што го гледаат. Затоа, секој супермаркет мора да направи повеќе напори за да ги задржи повеќе време потрошувачите и, притоа, да им покаже дека се грижи за безбедноста на храната што се продава. Оттука произлегува и мојот предлог.
Секој супермаркет мора да направи повеќе напори за да ги задржи повеќе време потрошувачите и, притоа, да им покаже дека се грижи за безбедноста на храната што се продава.
Најдобар начин за исполнување на таа цел е воведување едукација за потрошувачите во однос на безбедност на храната, особено на одделите каде што тие најчесто се задржуваат, односно на одделите за месни, млечни и за пекарски производи. Поткрепа на ова тврдење се резултатите од многу истражувања, кои кажуваат дека 96,5 отсто од возрасните потрошувачи во супермаркетите најчесто купуваат храна токму во тие специјализирани оддели.
Едукацијата може да се изведе на повеќе начини, вклучувајќи поставување соодветни ознаки поврзани со квалитетот и со безбедноста на храната, како и постојаност во воведените практики што секојдневно ги гледаат сите потрошувачи. Сепак, според мене, најважно е да се воведат едукативни програми за потрошувачите.
Овие програми би се состоеле од давање општи совети за безбедноста на производите што потрошувачите ги купуваат на одреден оддел во супермаркетот. Таа практика е добредојдена за потрошувачите, кои се преплавени со различни податоци за храната што ја купуваат и ја јадат, а кои најчесто доаѓаат од непроверени извори, како, на пример, од социјалните мрежи. На тој начин, тие не само што ќе научат повеќе за квалитетот и за безбедноста на храната што ја купуваат и ја јадат, туку ќе се издигне и реномето на супермаркетот. Тој ќе биде не само место каде што се купува храна, туку и место кое се грижи за здравјето на своите потрошувачи и нуди можност да се научи нешто повеќе.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.