Малопродажба

Петар Лазаров: Уредно наредени и означени производи

17 Aug 2015
 
Сите купувачи сакаат да се чувствуваат пријатно во вашиот дуќан. Ако не можете да ги понудите условите и удобноста на супермаркетите, не значи дека не треба да се потрудите на купувачите да им понудите специјално доживување.

Автор: Петар Лазаров, „Македонија-експорт консалтинг"

Во минатиот број се осврнавме повеќе на значењето на правилниот избор на производи за вашите продавници. Ако сакате да направите оптимално портфолио на производи, кое најдобро ќе ги задоволи потребите на вашите купувачи, а воедно и ќе обезбеди и најголема профитабилност, пред сè мора добро да го познавате вашиот купувач, неговите потреби и желби. Затоа мора да правите редовни анализи и анкети со вашите купувачи. Искористете ги овие прашања да дознаете повеќе за вашиот купувач и кои производни програми се најкорисни да ги имате во вашето портфолио.

  • Кои производи најмногу ги купуваат моите купувачи?
  • Кои производи не ги купуваат?
  • Кои групи на производи најмногу ги купуваат, а кои најмалку?
  • Што ме одвојува од конкуренцијата?
  • Дали имам некои производи што се различни од другите, а се интересни за купувачите?
  • Кои производи ми се најпрофитабилни, a кои најмалку?

Покрај добра оптимизација на вашите стандардни производи, ако сакате да ја зголемите продажбата, можете да ја проширите палетата и со други комплементарни производи.   Семки и зрнести производи, кафе/чај за по пат, готови сендвичи, освежителна лимонада, здрава храна, свежо овошје и зеленчук и други производи или услуги што ќе ви ја зголемат циркулацијата на купувачи и ќе ја зголемат висината на просечната фискална сметка.

Основата на вашиот бизнис е да го направите најдоброто портфолио на производи кое ќе ги задоволи потребите на купувачите, со цел правење профит и сведување на вашите трошоци на минимум.

Вашата работа не е да ги имате сите производи што секој купувач ви ги побарал (и поради 200 г салама што некој ја купува еднаш месечно, вие да фрлате 3 кг црево), ниту да имате сè што имаат другите или сè од сите доставувачи, ниту пак да мислите дека ако дуќанот изгледа преполн, купувачите ќе бидат позадоволни. Затоа оптимизацијата на производите и нивната поставеност е од огромно значење за водење на вашиот бизнис. Во овој текст ќе прочитате како да ги позиционирате на полиците вашите производи.

Поставување на производи – мерчендајзинг

Правилното обележување на продавницата и на производите и нивно правилно редење е од огромна важност за вашиот бизнис. Преку правилен мерчендајзинг вие влијаете на:

- Привлекување на нови купувачи

Преку доброто надворешно обележување на продавницата и истакнување на промотивните производи, ја зголемувате можноста за привлекување повеќе нови купувачи.

- Зголемување на продажбата на најважните производи

Колку подобро се изложени на полица, оние производи кои се најпродавани и најпрофитабилни, толку е поголема шансата вашиот промет и профит да се зголеми. Ваша задача е тие производи секогаш да им се на дофат на купувачите.

- Импулсивното купување

Добрата изложеност на импулсивните производи заедно со ефектниот промотивен материјал на продажните места, се од суштинско значење за импулсивно купување од страна на купувачите. Една од најважните работи што вие треба да ги направите е да ги примамите купувачите, покрај она што го имале во план, да купат и уште нешто дополнително.    

- Имиџ на продавницата

Со правилно групирање на производите и нивно позиционирање, обезбедуваме попријатни услови за купувачот. На тој начин потсвесно влијаете на перцепцијата на купувачот за вашата продавница.

  • Од каде сè е видлив вашиот дуќан (кои се најдобрите точки)?
  • Дали продавницата изгледа привлечно и што кажува изгледот?
  • Дали вашите прозорци се активни и привлекуваат?
  • Дали внатрешниот изглед е пријатен и ненападен?
  • Дали категориите и производите се наредени јасно и се лесно достапни?
  • Дали сезонските производи се јасно истакнати и означени?
  • Дали најпрофитните производи се лесно видливи и достапни за купувачите?

Целта на секоја продавница e да привлече поголем број купувачи и да понуди оптимален број производи, во зависност од локацијата и просторот. Затоа од огромна важност за вашите купувачи е продавницата да биде видлива и просторот уредно пополнет со производи и со други промотивни елементи. Ако производите се расфрлани, наредени едни над други, цените нејасно обележани, категориите на производи измешани (не се ставаат хемиски препарати блиску до храна), промотивните производи се неадекватно обележани или вашите најпрофитни производи се недоволно истакнати, тогаш вие губите од вашиот профит. Сите купувачи што пазарат во вашиот дуќан сакаат да се чувствуваат пријатно и почестено. Ако на вашите купувачи не можете да им ги понудите условите и удобноста на супермаркетите, не значи дека не треба да се потрудите и да им понудите специјално купувачко доживување. Старите и искинатите постери кои ги кријат дупките или дел од прозорите, рачно напишаните промотивни пораки, лошото осветлување, хаотичното поставување на производите, пренатрупаноста, сето тоа директно влијае на искуството што го добива купувачот за вас и за вашиот бизнис. Ако вашиот дуќан изгледа неуредно, тогаш купувачите ќе очекуваат и пониски цени. Ако не го добијат тоа, тогаш многу лесно може да си најдат друга алтернатива. Бидејќи најголемиот проблем на малите продавници се неконкурентните цени во однос на големите маркети, ваша задача е да најдете начини зошто купувачите да дојдат кај вас, иако имате повисоки цени.  

Ова се некои од најважните аспекти на добрата оптимизација на производното портфолио и поставување и редење на производи на полиците. Доколку сериозно ги сфатите овие насоки и уште поважно реално ги имплементирате, можноста да заработите е поголема.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...