Малопродажба

Владимир Милетиќ: Срце на место

22 Nov 2016

Сите велат дека во бизнисот нема емоции и дека денес сè се базира на интересите, дека не треба да се работи со срце, туку само со глава. Да се остане студен. Не знам, можеби тоа го можат фрижидерите. Можеби пивото треба да биде студено. Сепак, јас сум само човек...

Автор: Владимир Милетиќ

Во делот од градот каде што живеам, Бранко и Цеца имаат продавница. Тие се љубезни и вредни домаќини, во доцните четириесетти години. Кога и да навратам во продавницата, секогаш некој од нив е таму. Некогашното мало дуќанче на аголот денес се претвори во продавница со релативно широк асортиман. Ако нешто во моментот нема на полиците, тие ќе го набават тоа многу бргу. Она што секогаш имаат, тоа е пиво. И секогаш само еден вид. Морам да признаам дека не сум баш љубител на тој бренд и го избегнувам по цена на заминување во друга продавница. Повеќепати се чудев од каде таква исклучителност, особено кога ќе ја видам широката палета на други производи. Во една пригода, доцна навечер, го затекнав Бранко сам во продавницата. Ми наплати за неколку ситници по што дојдов и се пошегував дека сега морам да одам до друга продавница по пиво. Бранко малку се замисли и прашално ме погледна. Како да се премислуваше дали ќе го разберам. Најпосле ја почна приказната.

Знаеш комшија, Цеца и јас работиме многу години. Нè знаат купувачите, нè знаат и доставувачите. Никому не сме му останале должни ни денар. Знаеме дека не сме големи и обврските си ги плаќаме на време. Денес тоа е реткост, знаеме и ние, но така ја направивме фирмата. Мораат работниците навреме да добијат плата и доставувачите да бидат исплатени. Ако не платиш еднаш, тогаш сите ќе дознаат и ќе те обележат. Ете комшија, ги гледаш на телевизија тие банкарски термини. Секоја земја го има тој кредитен рејтинг. Колку е полош, толку кредитот е поскап. Тоа го знаеме и ние и затоа не дозволуваме да ни падне рејтингот. Разбираш комшија?

Бранко се загледа во мене, како да размислува дали да продолжи понатаму. Молчам и кимам со главата дека разбирам, а тој продолжува: Веројатно поради тоа ние станавме прочуени, кај нас доаѓаат комерцијалисти од сите страни. Не поминува ниту ден, без да дојдат барем дваесет. Еден за маргарин, втор за јогурт и млеко, трет за тестенини, четврти за средства за чистење. Сите тие имаат компјутери, каде што внесуваат некакви податоци. Сите се на брзање, па морам прво да ги услужам нив, па дури потоа потрошувачите кои купуваат. И многу се паметни. Сите знаат што е најдобро за мене. Сите имаат некакви акции. На почетокот секој месец, па секоја недела, а сега почнаа и секој ден. Ми објаснуваат што е на голем попуст, ми прават пресметки колку ќе ми биде исплатливо, ако не земам ќе пропуштам животна можност... Небаре ќе се збогатам со таа нивна акција. Сите повторуваат еден ист текст, како да се роботи. Ако кажам дека нема да земам, тие пак ќе почнат од почеток со истото, ако ги прекинам, пак од почеток... Знаеш ли дека на некои ниту името не им го знам, затоа што цело време зборуваат само за производите. За мене тоа не е нормално. Да работам со човек, кому ни име не му знам.

Додека зборуваше, Бранко се премести до фрижидерот со пиво и извади едно. Она што никогаш не сакав да го купам. До пред неколку години овде ги имавме сите пива што постоеја. Јас сакам да имам асортиман. Шест произведувачи во понуда. Не знам дали се сеќаваш, тоа беше кога сите се рекламираа, како само пиво да се бара. Секој ден ми доаѓаа комерцијалисти, супервизори, регионални директори, повеќе не знаев кој што нуди. Ако го земеш само нашето ќе добиеш тенда, ако не го земеш нивното ќе добиеш фрижидер, ако продадеш најмногу ќе добиеш и полици и подароци... Тоа не беше нормално. Понекогаш се појавуваа во исто време и едниот и другиот.

Едниот ме убедува мене, а другиот ја убедува Цеца. Тогаш доаѓаше и Богдан, јас не се сеќавам на него, но Цеца ми кажа дека го забележала. Младо, ситно момче, воопшто не личеше на останатите од конкуренцијата. Не можеше да се наметне лесно, дури малку и се шегуваа на негова сметка, затоа што беше нов во работата и зашто е тивок. На Цеца ѝ беше симпатичен, виде дека е чесно момче, па за да му помогне нарачуваше и кога не беше потребно...

Бранко воздивна, и понатаму држејќи го шишето. Кога Цеца отиде на операција за срцето, никому не кажавме. Дури ни на вработените во продавницата. Но, се познаваше на моето лице. Кога живееш и работиш со некого цел живот, творите заедно, се мачите заедно... те боли и тебе, кога го боли другиот. Мораа да ѝ вградат стент, поради стеснување на крвните садови. Додека таа беше во болница, јас работев, малку да се оттргнам од мислите. И понатаму во продавницата доаѓаа сите комерцијалисти. И понатаму запишуваа во нивните направи, ми ги покажуваа новите акции, оставаа летоци... Никој од нив не забележа дека ја нема Цеца. Никој не ни праша. Што да се прави... слушнав дека одат во триесет дуќани дневно. Не ме чуди што ништо не забележуваат. Само Богдан ми пријде и веднаш ме праша како сум, дали сум добро. Отсутно реков дека не сум, тој се извини и се повлече од продавницата без да ја заврши работата.

Фала му на господ, операцијата помина добро. Цеца полека заздравуваше во болница. Ја посетував секој ден. Еден ден го здогледав Богдан пред болницата со букет цвеќе. Му пријдов за да се поздравиме, а тој ми го подаде букетот и ми рече: „Поздравете ја Цеца и посакајте ѝ брзо оздравување во мое име", рече тивко и ми ја стегна раката во знак на поддршка. Не успеав дури ни да му се заблагодарам за вниманието, веќе беше на излезот од болницата. Убав и едноставен букет од полско цвеќе. Ѝ го однесов на Цеца, која многу се израдува на вниманието. Некој се сетил. Не знам како да ти објаснам комшија, но за мене тоа пиво не е само пиво. Оттогаш, само Богдан има право да носи пиво во мојата продавница. Се зближивме. Пред некое време ни раскажа дека оној ден кога отиде на посета, шефот го казнил со 20% затоа што не го исполнил дневниот план. Не го ни прашал за причината. Компјутерот покажал неправилност и овде нема простор за разговор.

Сите велат дека во бизнисот нема емоции и дека денес сè се базира на интересите, дека не треба да се работи со срце, туку само со глава. Да се остане студен. Не знам, можеби тоа го можат фрижидерите. Можеби пивото треба да биде студено. Сепак, јас сум само човек... Еве, земи го сега ова пиво. Пробај го. Вечерва не чини ништо.

Го зедов пивото од неговите раце и тргнав да си одам. Седнав на првата клупа и го отворив. Студено пиво. Студено е и надвор. Но, мене сепак ми е топло околу срцето.

За авторот:

Владимир Милетиќ – директор на странска компанија, консултант во областа напредување во кариера, писател на мотивациски приказни и зборови, блогер (www.dnevnikjednogdirektora.com). Можете да му пишувате нa: vladimirmiletic33@gmail.com



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...