Малопродажба

Фокус: Промотивната активност на млечните производи

13 Apr 2023

Промотивно најактивен е кашкавалот, а од брендовите, на првите три позиции се најдоа: ‘Z bregov, Bimilk, Korab Trnica...

Извор: „Фокус рисрч“

Специјално за InStore – Македонија агенцијата „Фокус“ ги анализира промотивните активности на голем број категории во летоците на најголемите маркети. Кои се трендовите на македонскиот пазар и каква е состојбата на промотивните активности се само дел од прашањата чии одговори може да се најдат врз основа на податоците и анализите на „Фокус“.

Анализата што овој пат ја прави агенцијата е за категоријата млеко и млечни производи за периодот јануари 2023 во споредба со истиот период 2022 година.

Во периодот од првиот месец во 2023 година наспроти истиот период лани „Фокус“ анализира 18 поткатегории. Во овој период промотивно најактивен е кашкавалот кој бележи пораст од 14,7% лани на 23,1% годинава. Пораст бележи и пудингот на 9,2% годинава, наспроти лани кога бил 2,8%. Саламуреното сирење бележи пад од 16,9% на 8,7% годинава, како и ферментираните производи – од 9,2% на 8,7%. Во првиот месец од годинава, пораст бележи јогуртот за пиење од 6,7% на 8,3%, додека овошниот јогурт го задржува процентот на промотивна активност. Податоците за другите поткатегории може да ги видите на графикон 1.

Брендови

Иако минатата година, на првата позиција, според промотивната активност во летоците, на првата позиција беше Bimilk, годинава на таа позиција се најде ‘Z bregov. Овој бренд во првиот месец од годинава бележи 8,2%, што е за еден процент повеќе од истиот месец лани. Bimilk бележи намалување на промотивната активност, од 9% на 6,6%, додека Korab Trnica бележи пораст од 3,9% на 6,2%. Пораст бележат и брендовите Maestro (од 2,7% на 5,3%) и Млекара Тетово (од 1,2% на 3,5%). Другите брендови се прикажани на графикон 2.

Во кои трговски синџири учествуваат производителите?

„Фокус“ го испитува и присуството на водечките производители во летоците на индивидуални трговски синџири – „Тинекс“, dm, „Веро“, „Рамстор“, „Зур“, „Кам“ и други. Во анализата направена во првите осум месеци од годинава се дадени првите три трговски синџири каде што производителот учествува со највисок процент. (графикон 3)

„Виндија“  има најголемо промотивно присуство во летоците на „Дим“ (30%) и во „Рептил“, „Тинекс“ и во „Веро“ со нешто повеќе од 22% и во „Рамстор“ со 17%.

Производите на „Зот“ со 100%, во „Киси трејд“, со 44,4% во „С-маркет“ и со 21,43% во „Киппер“.

Портфолиото на „Бимилк“ е најзастапено во „Рамстор“ со17,2%, во „Миса“ со 16,7% и во „Тера“, „Кит-Го“ и во „Супер Кит-Го“ со 11,1%.

„Кораб Трница“ е присутен во „Стокомак“ со 25%, во „Рамстор“ со 17,2%, а со 13,36% во „Кит-Го“ и во „Супер Кит-Го“.

„Млекара Маестро“ е присутен во „Атва“ со 31,2%, во „Монтенегро“ со 25% и во „С-маркет“ со 22,2%.

Која е цената на саламуреното сирење и на кашкавалот?

„Фокус“ прави темелни анализи за развојот на цените на одделните артикли во текот на месеците. За споредба се земени поткатегориите саламурено сирење и кашкавал. За анализа се зема јануари од 2023 година наспроти истиот период во 2022 година.

Кај саламуреното сирење (1 кг) се забележува зголемување на минималната цена од 105 денари на 184 денари годинава. Зголемени се и максималната цена од 389 на 469 денари како и просечната цена од 252,71 на 370,2 денари.

Кашкавалот од 1 кг бележи намалување само на минималната промотивна цена од 100 денари, односно од 245 на 145 денари годинава. Максималната цена е зголемена од 1.199 на 1.399 денари, просечната цена од 366,91 на 556,03 денари. (графикон 4).

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...