Актуелно

Горан Теменугов: 106 причини за алашвериш

17 фев 2020

Институциите што треба да се борат против корупцијата се во беспарица. И тука почнува на ти го - дај ми го.

Пишува: Горан Теменугов, новинар 

2020 година ја почнавме со веста за пад од 13 места на листата на Индексот на перцепција на корупцијата што ја изготвува „Транспаренси интернешнл“ (Transparency International). Од 93. во 2019 година Македонија падна на 106. место од 180 земји во кои се мери овој индекс. Едноставно, ова мерење ни го кажа она што сите го знаеме. Дека во Македонија царуваат митото, рушветот, корупцијата. И тоа на секое ниво и во секој сектор. Оваа проблематика безброј пати сум ја опсервирал. Сум пишувал и сум зборувал за неа. Сметам дека корупцијата е основниот проблем во државава. Корупција имаме во судството. Според исказите на една од поранешните специјални обвинителки, Лиле Стефанова, за да биде пуштен од притвор на слобода тајкунот Орце Камчев, наводно во ургенциите биле вклучени една судијка, Добрила Кацарска, и брачниот пар Филимена и Михајло Маневи, од кои сопругата е поранешна судијка, а сопругот поранешен министер за правда. Стефанова ја спомена и експратеничката на СДСМ и блиска соработничка на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Наташа Савова, дека и таа вршела притисок врз обвинителката за Камчев да добие домашен притвор во случајот „Империја“. Токму овој случај е основата од каде што потекна аферата „Рекет“, каде што ѝ се суди на поранешната прва специјална обвинителка Катица Јанева.

По вакви искази на обвинителката Стефанова сфаќаш дека корупцијата е навлезена во највисоките слоеви на општеството. Во оние сектори што би требало да бидат браник од оваа појава. Кога ќе се види и како власта се однесува кон институциите кои се задолжени за борба против митото, јасно станува дека сè е само декларативно. За да функционираат овие институции, како што се Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство и судовите, потребни се пари. Сериозни средства. Но, тука машала се крати. Нема доволно пари за да може Антикорупциска и Обвинителството непречено да водат постапки, да собираат докази и да формираат издржани предмети кои нема да паѓаат пред судиите. А судовите, пак, често пати поради неплатени долгови кон вештаци и други доверители, се предмет на извршување. Звучи лудо, но судовите, кои имаат функција да ги контролираат постапките на извршителите, често се мета токму на присилна наплата. Чудесна, до ниво на апсурд е Македонија. Институциите што треба да се борат против корупцијата се во беспарица. И тука почнува на ти го - дај ми го.

Корупцијата е навлезена во највисоките слоеви на општеството и тоа во оние сектори што би требало да бидат браник од оваа појава.

Освен парите, проблем е и човечкиот капацитет. Општеството е премногу зависно од политиката. Политичарите се алфа и омега во нашиот јавен живот. Болно е кога ќе се види како првата дама на Антикорупциска, Билјана Ивановска, се состанува со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи по негово барање и расправаат за работењето на Комисијата. Со неверојатна леснотија Антикорупциска, која треба да ја лови корупцијата кај високите функционери, се става во функцијата алатка на извршната власт за прибирање дневнополитички поени. За да биде појасно колку се девалвира со ова работата на Антикорупциска, треба само да се каже дека легитимитетот на оваа Комисија произлегува директно од Собранието на Македонија, како највисоко политичко тело преку кое се манифестира политичката волја на граѓаните. Значи, Антикорупциска и Иванова не одговараат пред никој друг, туку само пред Собранието, каде што одговара и Владата.      

И тука требаа антикорупционерите да им кажат „не“ на политичарите. Мораа да покажат дигнитет и интегритет. Дека се отпорни на дневната политика. Кога вака би се манифестирале јавно ставовите и кога јавно антикорупционерите би ја укориле Владата бидејќи не постапи по нивниот заклучок дека во случајот на екс-вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев имало конфликт на интереси, би се градела довербата дека се отпорни на дневна политика и дека се првата искра во борбата против корупцијата. Мрачно е на 106. место на листата на перцепцијата на корупцијата, каде што сите земји од регионот се подобри од нас.       

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...