Актуелно

И Македонија сака да се спаси од пластичните кеси

26 Sep 2019

Рестриктивни мерки се предвидени. Ние мораме да ги имплементираме препораките, немаме друг избор, велат од Министерството за животна средина

Пишува: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Големи глобални компании ја исфрлаат пластиката од употреба и почнуваат да користат материјали што се рециклираат, поради тоа што пластичниот отпад сериозно ја загрозува животната средина. Пример за тоа колку е алармантен проблемот беше фотографијата од мртов кит на Филипините, од чиј стомак научниците извадија 40 килограми пластични кеси. Драматичното предупредување го обиколи и го згрози светот.  

Во средината на март годинава, на собирот на Обединетите нации за животна средина во Најроби, 170 земји ја донесоа одлуката за значително намалување на употребата на пластика до 2030 година. Беше усвоена необврзувачка резолуција за потрошни предмети, како што се пластичните кеси.

Следејќи го глобалниот тренд, многу земји во светот користењето на пластични кеси го сведоа на минимум или целосно го забранија. Така, на пример, во Кенија од минатата година употребата на кеси се казнува со максимум четири години затвор. Забраната опфаќа продажба, производство, па дури и едноставно држење пластична кеса в рака. Резултати има и таму каде што употребата на кеси е сведена на минимум. Пример се Данците – користат само по четири кеси годишно. И Њујорк донесе закон со кој од март 2020 година на територијата на оваа сојузна држава во САД ќе биде забрането да се користат пластични кеси.

Производството и увозот на пластични кеси досега се забранети во 61 земја во светот.

Европската Унија, пак, до 2021 година ќе ги забрани производите од пластика за еднократна употреба како што се пластични сламки, виљушки, ножеви... За другите производи од пластика е оставен рок во кој треба да престане нивната употреба. Земјите почнаа да преземаат и поединечни мерки. Минатиот месец Германија најави закон со кој целосно ќе забрани употреба на пластични кеси, откако договорите со малопродажните синџири за да се намали нивната употреба не ги дале посакуваните резултати. Од регионов, слични иницијативи дојдоа од Србија и од Босна и Херцеговина. Град Белград од 1 јануари следната година ќе ги забрани пластичните кеси и тие нема да смеат да се нудат во малопродажните објекти. Со тоа, Белград ќе биде меѓу првите европски градови што донесоа таква одлука. Претходната мерка за наплата на кесите во тамошните маркети придонесе нивното користење во Белград да се намали за околу 60 отсто. 

Дрогеријата dm во Босна и Херцеговина (БиХ) од 12 август ги повлече од употреба кесите за купувачи од своите продавници и наместо нив, ќе дава платнени торби.

Министерство за животна средина: Ќе ги следиме препораките

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) подготвува предлог-закон за управување со отпад, кој треба да биде готов до крајот на оваа година. Со него, меѓу другото, ќе се регулира и употребата на пластичните кеси. Оттаму не кажуваат детали затоа што предлогот уште е во изработка, но потврдија дека намерата е по одреден период одредени производи од пластика целосно да се укинат.

Рестриктивни мерки се предвидени. Ние мораме да ги имплементираме препораките, немаме друг избор, ни изјави Ана Мазнева-Каранфиловска, раководителка на Секторот за управување со отпад во МЖСПП.

Ако оваа заложба на Министерството остане и по јавната расправа на која се очекуваат и спротивставени заложби, се разгледува и опција примената на законот да има одложено дејство и да почне да се спроведува од 2025 година.

Најдобро е да се демотивира користењето на тие производи. Колку граѓани би зеле пластична кеса ако таа е 30-40 денари?  

Со новиот предлог-текст на Законот се забранува лесните пластични кеси за транспорт на стоки да бидат достапни на пазарот, доколку тие не се платат. Има еден исклучок - се дозволува да се достапни на пазарот 100% биоразградливи пластични или хартиени кеси за транспорт на стока кои нема да им се наплаќаат на граѓаните, со исклучок на оксо-биоразградливи и оксо-разградливи производи. Цената што треба да ја платат крајните корисници и потрошувачи за пластична кеса за транспорт на стоки изнесува 10 денари за парче и му се плаќа на трговецот на мало на местото на продажба. Сега, некои маркети ги наплаќаат по 1-2 денари.

Обид да се забранат помалите пластичните кеси имаше и во 2009 година, на кој производителите на пластика остро се спротивставија. Во 2013 година беа воведени биоразградливите кеси и беше оставено трговците сами да одлучат дали ќе ги наплаќаат. Биоразградливите кеси содржат посебни адитиви и додатоци кои придонесуваат ваквите кеси кога ќе дојдат во допир со земјата, по извесен период од 90 дена до две години целосно да се распаднат во содржини корисни за почвата како ѓубриво.

Трговците молчат, производителите очекуваат негативни последици 

 Дали ваква мерка би успеала во домашните синџири маркети? Неколку големи трговци што ги контактиравме не одговорија на ова прашање. Преовладува ставот дека во блиска иднина, сепак, ќе останеме  подалеку од трендот на исфрлање на кесите што ги зафати Европа и регионот.  

Компаниите во Групацијата за производство и преработка на пластични маси при Стопанската комора сметаат дека воведување ваква мерка во земјава нема значително да влијае врз  животната средина, а ќе има несогледливи негативни последици врз домашните производители. Оттаму додаваат дека потрошувачката на пластични кеси по глава на жител во земјава е на едно од најниските нивоа во Европа.

Компаниите-членки на Групацијата за производство и преработка на пластични маси кои произведуваат пластични кеси за употреба во малопродажба, во производството на овој тип кеси ги применуваат стандардите за биоразградливост согласно националната регулатива кои се соодветни на меѓународно признати стандарди. Во производството се користат суровини – адитиви сертифицирани од овластени лаборатории. Овие компании ги преземаат и сите мерки за минимизирање на негативното влијанието врз животната средина поради тоа што имаат воспоставено и технолошки процеси за рециклирање на сопствениот отпад, одговорија од Групацијата.

Според последните податоци од Заводот за статистика кои се однесуваат на домашното производство, во 2018 година се произведени вреќи и кеси (вклучувајќи и конусни) од полиетилен од 6.112 тони, како и вреќи и кеси (вклучувајќи и конусни) од други пластични маси, освен од полуетилен во количина од 11 тони. Тоа е раст од 2,2 отсто на количинското производство на вреќи и кеси во 2018 година во споредба со годината претходно.

Според укажувањата на компаниите, во потсекторот производство на пластични маси има повеќе од 1.000 вработени.

Производството и увозот на пластични кеси досега се забранети во 61 земја во светот.

Приспособувањето на бизнисите треба да биде поддржано и со некои социјални мерки од страна на државата, за лицата што таму се вработени и нивните семејства.

 

Антонио Јовановски, извршен директор на еколошкото здружение „Гоу грин“:

Одлуката за забрана не е лесна, ама е неопходна

Дали како граѓанска организација имате податоци колку кеси се трошат годишно и колку тие ја загадуваат животната средина?

- Состојбата со пластичните кеси може да се согледа во секојдневието. Бесплатни кеси им се даваат на купувачите и кога нема потреба, во супермаркети (некои ги наплаќаат симболично) и на зелени пазари. Граѓаните немаат свест и земаат непотребно штом се бесплатни и не размислуваат за последиците.

Во ЕУ забраната за еднократно користење производи од пластика ќе стапи во сила од 2021 година. Во нашата земја сè уште не е донесена сериозна регулатива за дестимулирање на употребата на пластичните ќеси или на производи од пластични материјали. Се чека Планот за превенција на создавање отпад, но немаме увид што е пропишано со тој план, иако невладиниот сектор треба да биде вклучен во изработката на политиките. Во новиот предлог-закон за управување со отпад од 2025 година би имале забрана за употреба на производи за една употреба кои се изработени од пластични материјали (пластични сервиси за јадење, чашки, цевки, чепкалки за уши итн.). И ова не е сигурно бидејќи бизнис-заедницата реагира на таа забрана. Се добива впечаток дека ниту граѓаните ниту институциите не се многу свесни за ризиците на кои сме секојдневно изложени поради прекумерното користење на пластичните производи за еднократна употреба. Има многу примери како пластиката ни го загрозува здравјето, еден од нив е директна и индиректна поврзаност со загадениот воздух. Секоја кеса кога ќе заврши во канта, завршува на депонија. Депониите најчесто се отворени и немаат никакви стандарди (освен скопска „Дрисла“, која исполнува минимални стандарди) и доаѓа до самозапалување или намерно палење на отпадот (за да се намали обемот). Тој чад и цврсти честички што се ослободуваат ние ги дишеме, односно ги дишеме токсичните хемикалии и изложеноста на нив е фактор за смртност - поврзана е со рак, дефекти, нарушен имунитет, ендокрини нарушувања и други заболувања.

Што од досега познатите мерки за намалување на отпадот од кесите е прифатливо за Вас од еколошки аспект?

- Најдобро е да се демотивира користењето на тие производи преку зголемени цени или правење некој производ попрактичен за употреба. Колку граѓани би зеле пластична кеса ако таа е 30-40 денари? Со новиот предлог-текст на Законот за управување со отпад се забранува лесните пластични кеси да бидат достапни на пазарот, доколку тие не се платат. Ние тоа го поздравуваме, и така треба да биде. Прашањето е, по која цена? Цената што треба да ја платат крајните корисници и потрошувачи за пластична кеса за транспорт на стоки изнесува 10 денари за парче и му се плаќа на трговецот на мало на местото на продажба. Сметаме дека е добар старт и паралелно со оваа мерка да тече образовна кампања за граѓаните за алтернативните начини на кои можат да ги носат купените производи дома (платнени торби). Во предлог-текстот на законот има еден исклучок, и тоа дека 100% биоразградливи пластични или хартиени кеси за транспорт на стока нема да им се наплаќаат на граѓаните. Што значи ова и колку се тие биоразградливи, кој го потврдува и верификува тоа, е под знак прашалник.

Како гледате на реакциите на дел од бизнисот што е против целосно исфрлање на кесите од употреба?

Така што ќе си ја изгубат работата. Има многу мали средни и големи бизниси кои се во овој сектор за пластични производи за еднократна употреба. Доколку не се приспособат кон реалните случувања и забраните кои кога-тогаш ќе бидат реалност, тогаш ќе им пропадне бизнисот. Приспособувањето на бизнисите треба да биде поддржано и со некои социјални мерки од страна на државата, за лицата што таму се вработени и нивните семејства. Одлуката за забрана не е лесна, ама е неопходна. Во спротивно, самите се труеме и не само ние, туку и целата флора и фауна околу нас.

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...