Актуелно

Мислења и коментари: Интернационализирање на македонските компании

22 Mar 2019

Според податоците од Државниот завод за статистика во Македонија, само 3.500 компании извезуваат, а тоа е околу 5% од вкупниот број активни трговски друштва во земјава. Најголем дел или 2.835 фирми се микро и мали, а само 110 од извозниците се големи компании, кои пак го создаваат најголемиот дел или 80% од вкупниот извоз на државата. Токму затоа соговорниците ги прашавме на што се должи малиот процент на компании што се одлучиле своите производи да ги пласираат надвор од нашиот пазар, што треба државата, а што компаниите да направат за да се подобри состојбата и како компаниите да го искористат влезот во НАТО и сегашната ситуација со Косово за пласман на нивните производи

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

Експертски став

Владимир Глигоров, економски истражувач во Виенскиот економски институт

Обично само мал број од поголемите компании извезуваат. Исто така, кога станува збор за малите стопанства, извозната понуда е ограничена на релативно мал број стоки. Проблемот е повеќе во тоа што се извезува. Дали станува збор за примарни или за индустриски производи. Потоа, важна е интернационализацијата, што значи да се соработува во синџирите на производство, а не да се извезува стока која целосно се произведува во земја-извозник. Така што не е толку проблем концентрацијата, туку пред сè понудата која е ограничена и концентрирана на мал број производи.

Пазарите околу Македонија имаат ограничена побарувачка бидејќи се во стагнација или забавен пораст веќе подолго време. Затоа е важно да се најдат нови, подалечни пазари и да се отворат патишта за нови компании кои брзо ќе растат и ќе се развиваат.

 Малите стопанства по правило немаат проблем со пласманот, туку со понудата на производи. Бидејќи при извоз цените не зависат од тоа колку се нуди, количеството што малото стопанство ќе го понуди е мало, така што практично можат да извезуваат онолку колку што произведуваат. Од друга страна, понудата ја ограничуваат оние фактори што влијаат врз порастот на компаниите и врз раѓањето нови компании. Ова не важи доколку станува збор за извоз на регионалните пазари, односно во соседството, бидејќи на овие пазари побарувачката е важна. Во овој случај извозот зависи од тоа во каква состојба е регионалниот пазар, а пазарите околу Македонија имаат ограничена побарувачка бидејќи се во стагнација или забавен пораст веќе подолго време. Затоа сметам дека е важно да се најдат нови, подалечни пазари и да се отворат патишта за нови компании кои брзо ќе растат и ќе се развиваат.

Во поглед на сегашната ситуација со косовскиот пазар, мора да се нагласи дека тој е многу важен за Македонија, но сегашната состојба е привремена. Сеедно, очекувам на подолг рок Косово да има потреба од голем увоз, со што се обезбедува пазар за македонските производи. Влезот во НАТО би требело да ја поттурне интернационализацијата на македонските стари и нови компании, а подобрите односи со ЕУ може да влијаат врз зголемено присуство на овој голем пазар. Тогаш македонските компании ќе бидат ограничувани при извозот само во поглед на тоа колку можат да произведат стоки и услуги.

Став од секторот

Хамим Даути, комерцијален директор на „Даути комерц“

Големите компании имаат услови, можности, кадар и финансии да ги истражуваат и финансираат надворешните пазари, но и да обезбедат добри партнери за нивно застапување во странство. Потоа, тие многу полесно можат да ги задоволат и различните стандарди што се бараат во секоја држава, кои се во согласност со барањата и потребите на потрошувачите. Ова се некои од придобивките на големите компании кои, токму поради тоа, се одлучуваат да ги пласираат своите производи и на странските пазари.

Од друга страна, за малите компании тоа не е толку едноставно и лесно да се реализира! Причините се токму горенаведените предности што ги имаат големите компании.

Затоа, кога е во прашање државата и што таа може да направи за да се зголеми извозот, би кажал дека таа треба и може да ги поддржи малите и средни компании што се производно ориентирани. Ако знаеме дека е навистина висок процентот на малите и средни компании во вкупниот број стопански субјекти во Македонија, тогаш е разбирлива потребата за нивна поддршка преку различни механизми.

Државата треба и може да ги поддржи малите и средни компании што се производно ориентирани преку различни механизми, а и ние од „Даути комерц“ постојано се трудиме да им понудиме помош и поддршка на малите претпријатија.

Како компанија постојано се трудиме да им понудиме помош и поддршка на малите претпријатија. „Даути комерц“ застапува големи компании од Македонија за пазарите во Косово, Црна Гора и во Албанија, но за малите компании и за оние што тешко се пробиваат на странските пазари, постои можност за организирано собирање стока во главниот магацин во Сарај во Скопје, за збирно да ги дистрибуираме на другите пазари. Освен овој вид поддршка, сите наши контакти и информации што ги имаме за пазарите во Европа и во другите делови од светот ги споделуваме со нашите драги соработници.

За тоа како компаниите можат да ја искористат ситуацијата со Косово и влезот во НАТО, мора да се потенцира дека во многу ситуации политичките случувања се префрлаат и во економскиот сегмент, таков е случајот и со Косово и Србија. Со ставањето 100% царина за производите од Србија и БиХ се менува сликата на конкуренцијата во Косово. Првите знаци за недостиг на стока веќе беа забележани во јануари и тој вакуум на стока, заедно со компаниите од Македонија, одлично го пополнивме, така што имаме видливи резултати. Доколку ситуацијата продолжи и празните места на полиците продолжат да ги пополнуваат македонски производи, тогаш позитивните ефекти за македонските компании можат да бидат долгорочни.

Институционален став

Дриљон Исени, извршен директор, Стопанска комора на Северозападна Македонија

Покрај малиот број компании што ги пласираат производите на странските пазари, најголемо учество во извозната структура имаат производите на средни и големи компании, кои оперираат главно во слободните економските зони. Тие пристапуваат на други пазари бидејќи имаат модернизирана технологија и поквалитетна работна сила, фактори кои се значајни за производство на производи со поголема додадена вредност. Извозот е полесен кога произведуваат производи со поголема додадена вредност, додека пак нашите компании имаат полупроизводи или производи со ниска додадена вредност. Инфраструктурните услови секако претставуваат предизвик за компаниите бидејќи овозможуваат полесно поврзување и намалување на време и средства за пренос на стоки и услуги на други пазари.

Потребни се поголеми напори за зголемување на извозот во Косово бидејќи сме на кратко растојание и ги знаеме пазарот и потрошувачот. Но, важно е да се почнат инфраструктурните проекти кои се одолжуваат со децении, а му се потребни на бизнисот.

За помош од државата, прв чекор е да се поддржуваат компании кои веќе произведуваат преку обуки на менаџментот, зголемување на свеста за продуктивноста, начини да се зголеми порастот на продуктивноста во компанијата, зголемување на производните процеси, обезбедување поефикасно користење на неенергетските инпути во производствениот процес, поддршка на програми за обука за подобрување на квалитетот на постојните вработени и поддршка на економскиот обем за фирмите, зголемување на можностите за пристап до пазарот, ублажување на проблемите на малите и средните претпријатија за пристап до финансии и стимулации/субвенции.

Влезот во НАТО нуди стабилност на земјата, како најважен фактор за инвестирање, потоа можност до пристап на набавките на НАТО-алијансата, позитивен придонес во склучување партнерски договори и, секако, подобра цена на сметка на сигурноста. Во однос на пласманот на нашите производи во Косово, сметаме дека треба да се направат поголеми напори за искористување на сите ресурси за зголемување на извозот во Косово бидејќи сме на кратко растојание и ги знаеме пазарот и потрошувачот, што се многу важни фактори за да бидеме поприсутни и да извезуваме повеќе во соседството. Според нас, за зголемување на извозот во оваа земја, важно е да се почнат инфраструктурните проекти кои се одолжуваат со децении, а му се потребни на бизнисот.

Став од секторот

Д-р Љупчо Велески, директор за извоз во „Витаминка“

Македонија е мала и сè уште неинтегрирана национална економија, со население со прилично слаба куповна моќ и силно изразени трендови на иселување на највиталниот и работоспособен дел од населението, што само по себе зборува дека доколку македонските компании сакаат да обезбедат егзистенција и развој, процесите на динамично интернационализирање на работењето немаат алтернатива. Оттука сметам дека поимот интернационализација е многу поадекватен и посуштествен од терминот извоз бидејќи значи севкупно поврзување на македонските компании со глобалниот пазар по сите основи: комерцијални, технолошки, финансиски, дигитални, know-how и сл. Околу 99% од вкупниот број стопански субјекти во Македонија се мали и средни претпријатија и нивото на нивната интернационализација е многу пониско. Веројатно оваа лоша состојба на процесите на интернационализација на работењето на македонските компании (а со тоа и на извозот) се должи не неадекватните економски политики сите овие години и предолгиот процес на интегрирање во глобалните политички и економски текови.

Поимот интернационализација е многу поадекватен и посуштествен од терминот извоз бидејќи значи севкупно поврзување на македонските компании со глобалниот пазар по сите основи: комерцијални, технолошки, финансиски, дигитални, know-how и сл.

Државата може многу да направи, за што се потребни волја и знаење како да ги поддржи овие процеси, почнувајќи од изградба и стабилизирање на севкупниот економски и политички амбиент, забрзување на интегративните процеси, динамичен развој на инфраструктурата, креирање стратегии на секоја индустриска гранка, поддршка на претприемачкиот дух, конкретна и суштинска поддршка во подигањето на конкурентските перформанси на компаниите од типот на подобар пристап до финансирање, трансфер на технологии, поддршка на иновативност, едуцирање, субвенционирање на настапите во странство (саеми, Б2Б-средби), кластерско здружување итн. Државата е должна да креира амбиент и претпоставки, но на крајот успехот на компаниите зависи од нив самите.

За можностите од приемот во НАТО, може да се каже дека тоа е сигнал за политичка стабилност и тоа имплицира многу побезбедносно опкружување и приближување на земјата во структури кои ќе овозможат многу подобро функционирање на државните системи отколку досега и елиминација на опасноста од драстични девијации на тие системи. Паралелно со приемот во НАТО, веројатно треба да почне и аналоген процес на многу поинтензивно и посуштествено приближување до ЕУ, што ќе обезбеди многу полесен пристап до претпристапните фондови на ЕУ, од една страна, но ќе овозможи и регулација на државната бирократија и силен трансфер на знаење, од друга страна. Процените и искуствата од другите земји се дека тоа врз македонската економија и компаниите ќе се одрази многу позитивно. Што се однесува до ситуацијата во Косово, ако прашањето се однесува на актуелното ембарго кон српските производи, наш став, од чисто економски аспект, е дека не нè прават среќни какви било формални или неформални бариери од која било страна и ние сме за коректен и фер натпревар на компаниите на пазарот и нашите стратегии ги развиваме во согласност со тој генерален принцип.  



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...