Актуелно

Даница Личанин-Блажеска: Ограничувањата се неприфатливи

16 Mar 2015

Гостин-воведничар: Даница Личанин-Блажеска, сопственик и генерален менаџер на синџирот локални маркети „Рептил“

FMCG-индустријата (fast-moving consumer goods), што во превод значи „брзодвижечки потрошувачки добра“, е една од најголемите индустрии во светот. Во овој сектор се наоѓаат најголемите светски брендови, што ни кажува дека мора да се движиме брзо и да внесуваме креативни иновации во продажбата.

Најуспешните глобални FMCG-компании се базираат врз работникот и задржувањето на купувачите. Токму од оваа причина, и македонските компании треба да посветат најмногу внимание на вработените, на односот кон купувачите, да се насочат кон следење на светските трендови и промена на досегашните навики. Како поуспешно да комуницираме со купувачите и како да ги задоволиме нивните барања и потреби се мисли што постојано треба да нè следат и поттикнуваат.

Како што рекол Сем Волтон, основачот на „Волмарт“: Високите очекувања се клуч за сè, јас би го преиначила неговото тврдење и би додала дека ние треба да ги задоволиме високите очекувања на купувачите, бидејќи само на тој начин ќе преживееме и ќе успееме во оваа брзорастечка индустрија и конкуренција.

За да бидеме во тек и да ги следиме трендовите, ние мора да се потрудиме да присуствуваме  на сите национални и регионални  настани од FMCG-индустријата, кои се особено важни. На тие настани може многу да се научи, да се слушнат новините на пазарот и успешните практики од најуспешните компании и консултанти.

Затоа на моите колеги од секторот им препорачувам да не се ограничуваат и оградуваат со изговори од типот јас сум мала, средна или голема фирма. Кога веќе сте во бизнисот и работите, потребно е да одвоите дел од своето време и секоја можност да ја искористите за посета на настан, конференција или наречете го како што сакате. Трошокот за учество е минимален и смешен, во споредба со фидбекот што ќе го добиете за успех во вашиот бизнис.

Особено сум среќна и нестрпливо ја очекувам претстојната FMCG-конференција во Скопје. Искрено се надевам и очекувам учество на сите „дуќанџии“, за да потврдиме дека сè уште го држиме поголемиот процент од пазарот во Македонија и дека успешно ќе се справиме со растечките гиганти во индустријата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...