Приреди: |
Промоцијата на Македонија како инвестициски рај за странскиот капитал, беше дел од рекламите емитувани на светските медиуми, меѓу кои и „Си-ен-ен". Беа организирани бројни промоции за инвестициски можности во земјава, на кои присуствуваа компании, потенцијални инвеститори.
Македонија беше претставувана како земја со најниска ефективна стапка на данок во светот, која освен конкурентските услови за бизнис, со својата стратешка положба нуди и слободен пристап до 650-милионскиот пазар на потрошувачи преку договорите за слободна трговија. Покрај ниските даноци, поволностите во технолошко-индустриските зони, меѓу аргументите за инвестирање во земјава кои им се претставуваат на компаниите, беа и бројни други поволности: четири часа за отворање фирма, најдобра услуга на централен регистар во Европа, минимизирани бирократски процедури...
Новата влада најавува промена на економските политики, а со тоа и на третманот на странските инвестиции наспроти домашните компании. Оттука, се наметнуваат неколку прашања.
Претходната влада истакнуваше дека поради поволностите, голем број глобални компании ја одбрале Македонија како бизнис-дестинација. Беше истакнувано позитивното влијание на странските инвестиции врз македонската економија и врз целото стопанство. Новите вработувања и зголемувањето на извозот беа посочувани како клучни придобивки од технолошко-индустриските развојни зони, но освен тоа, беше истакнувано и воведувањето на новите практики, технологии и знаења во земјата.
Новата влада најавува промена на економските политики, а со тоа и на третманот на странските инвестиции наспроти домашните компании. Оттука, се наметнуваат прашањатакако досега се покажа влијанието на странските инвестиции врз домашните компании, односно дали тие беа повеќе конкуренција или стимулација за домашните компании. И, секако, кои треба да бидат главните механизми со кои државата може да им помогне на домашните компании да станат атрактивни за странските пазари, но и за младата работна сила во земјава. Прочитајте ги мислењата и коментарите на нашите соговорници.
Институционален став |
Анализите покажуваат дека во најголем дел, соработката меѓу странските и домашните фирми не надминува 1% од нивниот вкупен промет. Голем дел од странските компании работат како изолирани острови и најголемиот дел од репроматијалите ги набавуваат од увоз. За да се зголеми соработката, Владата подготвува нов модел со транспарентни критериуми, со што ќе се елиминира досегашната практика во дискреционо одлучување за висината на директната државна помош. Моделот ќе понуди еднаков третман за сите инвеститори, а висината на државна помош ќе биде поврзана со процентот со кој странската компанија ќе соработува со домашните фирми. Со новите мерки, бенифит ќе имаат сите инвеститори – и домашните и странските.
Треба да бидеме искрени и да признаеме дека односот на претходната влада кон инвеститорите не беше еднаков и тоа создаде неприродна конкуренција меѓу компаниите. Додека домашните компании со своето работење го полнеа буџетот, а за возврат не добиваа речиси никаков стимул, значајни буџетски средства се наменуваа за поддршка на странски фабрики. Тоа не е фер. Еве еден реален предизвик што треба да се надмине. Домашните компании имаат проблем да задржат квалитетни работници, пред сè, затоа што со државна помош странските компании имаат можност да исплатат нешто повисоки плати.
Новиот модел ќе понуди еднаков третман за сите инвеститори, а висината на државна помош ќе биде поврзана со процентот со кој странската компанија ќе соработува со домашните фирми.
Владата преку пакет мерки ќе го поддржи порастот и развојот на стопанството и со државна помош ќе стимулира пораст на платите, но нема да се меша во бизниот. Со новите мерки ќе се поддржат здравите фирми да го подигнат нивото на технолошки развој, да ги модернизираат производствените капацитети и да произведуваат производи со повисока додадена вредност. Наша цел е никогаш да не се повтори досегашната практика во креирање политички фирми и нивно фаворизирање. Тоа не е здраво за една демократска држава, а ни за економијата. Очигледно тоа се спроведувало поради лукративните побуди на одредени политички профитери, на кои кога ќе им заврши политичката кариера, сакаат да продолжат да бидат бизнисмени. Тоа ќе се смени сега.
Експертски став |
д-р Мерсел Биљали, универзитетски професор и колумнист
Странските инвестиции се многу важна компонента во општиот економски и секаков друг развој. Секако, за државата да биде привлечна дестинација за странските компании, потребно е де се исполнат повеќе услови. Пред сè, потребна e стабилност – внатрешна и регионална. Потребна е и внатрешна политичка стабилност, правна сигурност, владеење на правото и функционирање на судството, како и ефикасност на администрацијата. А, домашните компании треба со многу професионален труд да се приспособат кон постојните околности и кон пазарот за кој претендират, но и да се фокусираат кон новите технолошки достигнувања.
Странските инвестиции не беа ниту конкуренција ниту стимулација, туку дополнителен товар за домашните компании, кои во голема мера беа дискриминирани. Минатата власт, само од нејзе познати причини, на одделни компании им давала енормно големи субвенции во вид на финансиси средства, нешто што по ниту една точка не се вклопува со основната економска логика. За жал, со години повеќе стотина милиони евра, пари на граѓаните, биле фрлени на бројни странски компании, дури на некои им се плаќале одделни даноци (персонален), па инфраструктурна помош или гратис земјиште, додека внатрешните компании морале да страдаат и мака да мачат за да не згаснат. Многу такви наши компании беа соочени со огромни притисоци, казни, насилни преземања. Тоа мора да се обелодени и да добие правен епилог.
Непосредната финансиска помош на државата во модерните стопанства се рангира многу подолу. Поважно е да се добие потребна клима, соодветно знаење и познавање на состојбите во внатрешниот, регионалниот и на поширокиот пазар.
Помошта од државата на домашните компании може да биде повеќекратна. Дури, непосредната финансиска помош во модерните стопанства се рангира многу подолу. Поважно е да се добие потребна клима, соодветно знаење и познавање на состојбите во внатрешниот, регионалниот и на поширокиот пазар. Едукацијата на кадрите за поефикасно и поквалитетно производство може делумно да се покрие од државата. Тука спаѓа и вештината на користењето на новите технологии, како и намалувањето на трошоците за производство и за работа. Мора да се формираат професионални консултантски организации кои перманентно ќе бидат во тренд со времето, давајќи услуги на домашните компании.
Став од секторот |
Анатол Кутревски, втор извршен директор, „Пекабеско"
Странските инвеститори во земјава, генерално, се во поповолна положба во однос на домашните компании. Нерамноправната положба се отсликува во поволностите што државата им ги нуди на странските инвеститори што решаваат да вложат во слободните економски зони, а тоа се даночните и царинските ослободувања, инфраструктурна логистика и субвенциите.
Во однос на прашањето дали тие се повеќе конкуренција или стимулација за домашните компании, би одговорил дека се огромна конкуренција во однос на работната сила, и тоа нелојална, затоа што ги земаат работниците од домашните компании. Цената на трудот ја диктира пазарот, а кога некој вештачки е ставен во поповолна позиција, тоа не може да влијае позитивно на конкуренцијата. Ако еден добива бројни поволности, а другиот не, не мислам дека е тоа добар начин за создавање лојална конкуренција.
Само ако условите се еднакви за сите, само ако сите сме рамноправни, тогаш има поле за натпревар.
Гледано од аспект на месната индустрија, нашиот сектор не е директно засегнат од странските инвестиции. Тие повеќе се присутни во другите индустрии, како што е, на пример, автомобилската. Ние како фирма не може да се пожалиме, како што многу други компании се жалат.
Потребен е еднаков третман на домашните компании и на странските инвеститори, односно изедначување на условите. Само ако условите се еднакви за сите, само ако сите сме рамноправни, тогаш има поле за натпревар и тогаш не би требало да има проблем. Државата треба еднакво да се грижи и за едните и за другите, ако сакаме македонската економија вистински да се најде меѓу најдобрите во регионот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.