Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk
Моделот за субвенционирање на странските инвестиции во Македонија овозможи влез на неколку странски компании и со помош на тој модел, државата се најде на мапата на земји поволни за инвестирање. Поради тоа, политиката за нивно субвенционирање продолжува речиси со истиот интензитет. Но, реалната слика на економската состојба во Македонија, што ја посочуваат и многубројни економисти, аналитичари и бизнисмени, укажува на потреба од промена на моделот за привлекување странски инвестиции. Ова со факти и со бројки беше потврдено и во истражувањето „Странските инвестиции под лупа" спроведено од Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН).
Тоа што се наметнува како прашање е колку вложените средства од буџетот на Македонија во промоција и во привлекување странски инвестиции вистински се оправдани со оглед на досегашните остварени резултати на странските компании што вложиле во земјава? Ако се земе предвид теоријата дека парите што ги вложуваат домашните компании остануваат во државата, дали треба конечно да се понуди модел за еднакво субвенционирање и на домашните инвеститори?
Сè погласни се укажувањата на експертите дека државата треба еднакво да се грижи и за едните и за другите, доколку сакаме македонската економија вистински да се најде меѓу најдобрите во регионот и во светот.
Според претприемачот и поранешен заменик министер за економија Зоран Витанов, програмата на Владата, односно мерките што таа им ги нуди на странските инвеститори се во ред, освен што ги става во нерамноправна положба домашните инвеститори.
Моделотза привлекување странски инвестиции не е лош модел, нам ни треба промовирање, потребни се и промотори што ќе бидат во странските држави итн. И сето тоа го поддржувам и го оправдувам. Но, проблемот е во амбиентот во државата за привлекување странски инвестиции. Залудно ја промовираме државата кога немаме судство, кое е гарант на сопственоста. Можам да кажам дека имаме гротескно судство. Освен проблемот со него, компаниите се соочуваат и со неразвиена инфраструктура, а бизнисот ѝ е потчинет на политиката. Според мене, овие проблеми се причината за слабите резултати од досегашните вложувања на странските инвеститори, истакнува Витанов.
Според Петар Гошев, поранешен гувернер на Народна банка на Македонија, по изминати десет години, резултатите од спроведувањето на политиката за субвенционирање на странските инвестиции се катастрофални: политиката на ниски даноци не даде повисоки стапки на економски пораст, како што тврдеа нејзините креатори, а следена со постојано високи годишни јавни расходи (со реален пораст значително поголем од реалниот пораст на БДП) резултираше главно со огромно зголемување на јавниот долг на државата.
Досегашната Влада својата економска политика ја потпираше, во основа, на две клучни политики: политика на ниски даноци, со примена на т.н. модел на рамен данок и политика на интензивно привлекување странски инвестиции, во која се вклопува и првата. Политиката на привлекување на странските инвестиции проголта многу енергија и даночни пари од домашниот приватен сектор и заврши, исто така, катастрофално – со најниски износи по жител во споредба со сите земји во регионот, со занемарлив број отворени работни места – фискално многу скапи. Затоа, итно треба да се напуштат двете наведени политики, да се заменат целосно со нови политики, зашто и двете се доказ за тоа како Македонија вртоглаво влегува во замката на неолиберализмот, во кој богатите се сé побогати, а сиромашните сé посиромашни, додава Гошев.
Преглед на странските инвестиции во FMCG-секторот според истражувањето „Странските инвестиции под лупа"
Според истражувањето направено од БИРН, „Странските инвестиции под лупа", во Македонија се најавени 138 странски инвестиции, од кои 51 се реализирани инвестиции, 43 се нереализирани, а странски инвестиции што се во тек се 44. Вредноста на најавените странски инвестиции е 3,79 милијарди евра, а од нив дури 3,21 милијарди евра се нереализирани. Од истражувањето може да се види дека се најавени 62.701 работно место, а вработување добиле 20.248 луѓе.
Доколку ги погледнеме најавените инвестиции во FMCG-секторот, според индустриите, трговија на големо и на мало, прехранбена индустрија, индустрија на производство на пијалаци и земјоделство, шумарство и рибарство, вкупната вредност на најавените инвестиции изнесува 460,7 милиони евра, од кои реализирани се 56,93 милиони евра, а нереализирани 403,77 милиони евра.
Во индустријата на трговија на големо и на мало најавени се седум странски инвестиции со вкупна вредност од 155,7 милиони евра, од кои три се реализирани -„Туш", „Агрокор" и „Мини пани" (Форнети), чија вредност достигна 12,56 милиони евра. Нереализирани странски инвестиции во оваа индустрија се две во вредност од 143,14 милиони евра („И и Д Балкан" и „Асанд капитал").
Во прехранбената индустрија, пак, најавени беа пет инвестиции во вредност од 224 милиони евра. Од нив, најголемата најавена и нереализирана инвестиција е „Сахара груп", чија вредност требаше да достигне 200 милиони евра. Во групата на нереализирани се најде и компанијата „Џонсон и Филипс агро", чија најавена вредност беше 5 милиони евра. Компанијата „Суташ", според истражувањето на БИРН, досега има вложено 10,01 милиони евра, додека „Стиза" од најавените 3 милиони евра, досега има вложено 471,8 илјади евра. Инвестиција што сѐ уште е во тек е на компанијата „Натуралиа фуд", која според најавата треба да достигне вредност од 3 милиони евра.
Во индустријата за производство на пијалаци, најавени и реализирани се две инвестиции. Нивната најавена вредност е 37 милиони евра. Компанијата „Продис" најави инвестиција во вредност од 23 милиони евра, но во текот на минатата година оваа компанија престана да работи. Преку најавената инвестиција од 14 милиони евра на компанијата „МЛ Гари", во октомври минатата година беше отворена фабриката за производство на флаширана вода „Маја", која продолжува да работи и да се пробива на македонскиот пазар.
Во индустријата земојделство, шумарство и рибарство беа најавени девет инвестиции од кои четири се реализирани, а три не се. Вредноста на најавените инвестиции е 44 милиони евра, од кои реализирани се 21,1 милион евра. За најголемата најавена инвестиција во оваа индустрија , во вредност од 10 милиони евра, „Инофрут", нема податоци за реализацијата. Од најавените и реализирани инвестиции, „Антура" најави инвестиција од 6 милиони евра и тие средства се реализирани, „Епл ланд" најави 5 милиони евра, а реализирани се 4,72 милиони евра, „Таурус фарм" најави 5 милиони евра, а реализирани се дури 9,6 милиони евра и „Ливидиагро" најави 4 милиони евра, а реализирани се повеќе од 671 илјада евра.
Каков е третманот на домашните инвеститори во Македонија?
За тоа дали треба да се смени моделот за привлекување странски инвестиции во модел на еднакво поттикнување и на домашните и на странските инвестиции, Гошев истакна дека тоа недвосмислено е потребно. Меѓутоа, како клучно прашање тој го наметнува следното: каков амбиент воопшто бара бизнисот?
Сите искуства во светот, одамна покажаа дека инвеститорите барат политичка стабилност, предвидливост на економските политики (да не се менуваат често законите, уште помалку преку ноќ, како кај нас), владеење на правото, а во тие рамки ефикасно извршување на договорите, под заштита на судскиот систем, нулта толеранција на корупцијата, недискриминација на пазарните субјекти, објасни Гошев.
И Витанов се сложува дека е потребен еднаков третман на домашните и на странските инвеститори, но истакнува дека е потребен и модел за поддршка на семејните компании: Доколку дадеме поддршка на нашите семејни компании, тогаш во секој помал град ќе имаме компанија што ќе обезбеди вработувања и ќе го подигне стандардот на градот. Ние забораваме да се потпреме на сопствените сили.
Клучно за поволноста на економската клима во земјата е обезбедување на правно сигурни услови, кои се основа за донесувањето на одлуката кој и колку ќе инвестира во земјава. Сите субвенции, стимулирања за странските инвестиции „паѓаат во вода" кога нестабилната политичка состојба и состојбата во правниот систем не дозволуваат беспрекорен протек на развојот во економијата. Во ниту еден случај не смее да се прави дискриминација меѓу пазарните субјекти генерално, па во тие рамки ниту дискриминација со различни услови за работење за домашните и за странските инвеститори. Сè додека го имаме синдромот дека туѓото ни е попривлечно од домашното, не можемеда успееме.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.