Економските турбуленции и тешкотиите со кои се соочуваат македонските стопанственици го поставуваат прашањето дали македонскиот пазар има капацитет за во него да функционираат поголем број трговски синџири.
Приредил: Петар Чаушевски, petar@instore.mk
По влегувањето на трговскиот синџир „Лидл“ во Македонија, според најавите, македонскиот пазар ќе стане побогат за уште еден странски трговски синџир. Како што пренесе порталот „Ритејл Србија“, еден од најголемите италијански трговски синџири „Конад“ најави влез на македонскиот и на црногорскиот пазар.
Со оглед на економските турбуленции и тешкотиите со кои се соочуваат македонските стопанственици, се поставува прашањето дали македонскиот пазар има капацитет за во него да функционираат поголем број трговски синџири.
Домашниот пазар е и моментално сатуриран. Има голем број домашни локални синџири кои работат на регионално ниво или во неколку градови кои дополнително ја усложнуваат ситуацијата. Влезот на странските синџири во најголем дел ќе придонесе за различна поделба на пазарот и префрлување на потрошувачите од еден во друг маркет. Од аспект на добавувачи има попозитивен момент бидејќи домашните компании ќе имаат можност да пласираат производи во интернационални синџири, вели Сергеј Зафировски, генерален менаџер на „Инсајдер ИД“.
Одлуката на големите меѓународни трговски синџири за влез на македонскиот пазар, според експертот за малопродажба и основач на „Ритејл ситис“, Реј Гаул, не треба да изненадува.
Меѓународните трговски компании на мало во Европа се стремат кон три цели: динамично снабдување (добивање достапни производи, особено прехранбени производи, од меѓународните пазари), технологија и работна сила со кои можат да се создадат дигитални трговски платформи и системи за поддршка и развој на приватни трговски марки преку кои се зголемува продадената количина и се поттикнуваат иновациите во квалитетот и презентацијата. Сите три цели можат полесно да се исполнат кога се користат двонасочни меѓународни инвестициски стратегии – увоз на прехранбени производи и приватна ознака од земјите во експанзија, а истовремено извезуваат производи и технологии. Како таква, не е изненадувачки што Северна Македонија се смета за атрактивен инвестициски пазар за најбрзорастечките трговци на мало во Европа со своето изобилство од земјоделство, особено со издржливо зимско овошје и зеленчук, како и со растечки „базен“ на работно квалификувана сила во кодирање и сметководство, констатира Гаул.
Зафировски: За да бидат маркетите атрактивни и да понудат уникатна вредност, ние треба да имаме и производствени капацитети и брендови кои ќе имаат додадена вредност.
Како пример, тој ги посочува инвестициите на „Амазон“ и „Теско“.
„Амазон“ има поставено дистрибутивни центри и ИТ-центри во Чешка и Словачка и покрај тоа што нема операции со кои се соочуваат потрошувачите во овие две земји. Исто така, „Теско“ има фарми во Кипар за да одгледува компири што во зимскиот период се продаваат во Обединетото Кралство и Ирска, вели Гаул.
Зафировски смета дека нашиот финансиски пазар е прилично неатрактивен во споредба со финансиските пазари во регионот.
Сепак, добрата логистика овозможува и пласман на производи кои се несвојствени за домашниот пазар. Ако започне со работа некој синџир и ги нуди истите производи како и другите на пазарот, тогаш вредноста е многу ниска, истакнува Зафировски.
Гаул: Не е изненадувачки што Северна Македонија се смета за атрактивен инвестициски пазар за најбрзорастечките трговци на мало во Европа со своето изобилство од земјоделство.
Сепак, покрај влезот на странските трговски синџири, не смее да се занемари и фактот што постојат македонски трговски синџири кои имаат одлична понуда и квалитетни брендови. Според Зафировски, атрактивноста на домашните синџири е во директна зависност и од целиот сектор за широка потрошувачка.
За да бидат маркетите атрактивни и да понудат уникатна вредност, ние треба да имаме и производствени капацитети и брендови кои ќе имаат додадена вредност. Предност е тоа што иако пазарот е мал, има компании кои имаат одличен квалитет и брендови кои можат да се пласираат на интернационалните пазари. Всушност, најголемата предност е тоа што количините што се произведуваат од домашните компании во апсолутни вредности се толку мали, што пазарот во ЕУ е сосема доволен да ги откупи сите. Тоа е и најголемата предност на домашните компании, смета Зафировски.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.