Актуелно

Време на манипулирање, а и на лажење

17 Apr 2024

Велат во војната и во љубовта прва страда вистината. Оваа изрека во Македонија е дополнета со тоа дека вистината страда и во време на избори. Но, што е тоа вистина?

          Пишува: Горан Теменугов, економски новинар

Ако ја прашате платформата за вештачка интелигенција „Чет-ГПТ“, вистината ја дефинира како: Концепт кој се однесува на ситуацијата, состојбата или содржината која е во согласност со реалноста. Вистината може да биде објективна, што значи дека не зависи од личните мислења или интерпретации, или субјективна, каде што може да биде интерпретирана различно од различни личности. Вистината се определува со докази, факти или логика и не зависи од верувањата или желбите на луѓето. Иако трагањето по вистината е важен аспект на човечкото искуство, понекогаш донесувањето конечни заклучоци може да биде тешко поради комплексноста на реалноста.

Значи, требаат докази, факти или логика. Е тука почнуваат проблемите. Во ова предизборие сè повеќе сме сведоци на изнесување делумни податоци, па дури и неточни, за партиите да прикажат колку е добро или лошо во економијата. Секако, владејачката СДСМ и ДУИ се фалат и велат дека е добро, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека е лошо.

Во ваквото опкружување каде што најчесто царуваат делумни вистини или чисти лаги, се накотија и огромен број поддржувачи на двете страни. Тие на секој различен став од нивниот, на секој обид да се долови целата слика и да се воведе аргументирана и издржана дебата, ги вадат најдолните оружја за оцрнување на неутралните и објективни лица. Без контрааргументи се напаѓаат податоците што не се совпаѓаат со матрицата, со наративот што го искажува бранителот на одредената политичка партија.

Ова е дотолку раширено што веќе нема основа за каква било елементарна расправа. Многу интересен пример за набљудување се оркестрираните напади врз Стопанската комора. Не се одбираа оружја и погрдни зборови за да се нападнат ставовите на Комората по средбата со опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

За вистина требаат докази, факти или логика. Е тука почнуваат проблемите. Во ова предизборие, сведоци сме на изнесување делумни податоци, па дури и неточни, за партиите да прикажат колку е добро или лошо во економијата.

За чудење е како во јавноста се правеше обид да се создаде слика дека оваа комора е против СДСМ, а за ВМРО-ДПМНЕ. Уште повеќе за чудење е како се наметнува наративот со кој се сака оваа Комора, но и другите да се претстават како нерелевантни, непотребни, дека штитат интереси само на мал број бизнисмени кои се богатат на сметка на граѓаните.

Интересно, токму најголемиот број од граѓаните работат во фирмите кои се членки на некоја од коморите во државава.

Значи, многу сомнително е кога се тврди дека јавноста, граѓаните се против коморите и дека на нив гледаат исклучиво негативно.

Но, да видиме што толку ги здоболе сите оние што ја нападнаа Комората по средбата со ВМРО-ДПМНЕ?

Прво, секако е дека со нападот сакаше да се нападне и опозицијата.

Второ, и можеби најважно во мотивите за овој напад, е што подолго време Стопанската комора испорачува барања до Владата кои начелно се прифаќаат, но кога ќе дојде моментот за нивно спроведување, за нивно ефектуирање, тогаш или се доцни или воопшто не се применуваат.

Односно, бизнис-заедницата порачува не прифаќајте ни дел од нашите барања, но тоа што ќе го договориме, дајте, спроведете го. Е ова е болното прашање за Владата на СДСМ и ДУИ. Спроведувањето. И кога ова ќе биде истакнато од фирмите, исклучително боли, бидејќи иако сакаат да го минимизираат со нападите значењето на коморското здружување, сепак, десетици илјади фирми таму се здружени и вработуваат огромен дел од 540.000 лица кои се во приватниот сектор.

Но, штетите од нападите на коморското здружување нема да завршат со изборите. Негативниот наратив ќе остане белег и дел од јавноста ќе гледа негативно на бизнис-заедницата. Со тоа ќе се стесни просторот за нормална комуникација на сите чинители во општеството, партиите, граѓаните, синдикатите и коморите околу наоѓање решенија за сѐ посериозните предизвици во економијата. Идните влади, но и јавноста ќе мора да прифатат дека ќе бидат потребни сериозни мерки за да се надминат сѐ поголемите проблеми со големиот јавен долг, нефункционалниот буџет, немањето работна сила, лошото образование, иселувањето, закочените евроинтегративни процеси итн.

Се ближи моментот на сведување на сметките од досегашните економски политики на сите влади и потребата од општествен консензус на каде ќе треба да „тераме“ во иднина. Со сегашниве напади, еден значаен чинител - коморското здружување на подолг временски период се сатанизира и во јавноста се создава одбојност кон нивните предлози, колку и да се добри.

     

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...