Актуелно

Управување со синџирите на снабдување

26 Jul 2023

Точните прогнози на побарувачката на компаниите може да им помогнат да обезбедат оптимални залихи и да го подобрат стратешкото планирање на различни сценарија за ризик.

Приреди: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Светот на синџирите на снабдување повеќе пати беше потресен во последните неколку години поради различни глобални проблеми – ковид-19, војната во Украина, недостигот на контејнери за транспорт, катастрофалните временски услови, социо-економските прашања... Сите тие предизвици се надвор од контролата на компаниите.

Одржувањето на работењето претставуваше значаен предизвик за компаниите без цврсти синџири на снабдување или планови за вонредни ситуации. За да го олеснат тоа, експертите во синџирите на снабдување мораа да ги разберат потенцијалните ризици, со цел да го ублажат нивното влијание.

Додека сè уште сме во исчекување на неизвесната иднина, во продолжение ви претставуваме неколку клучни трендови и проблеми кои ќе влијаат врз управувањето со синџирите на снабдување и на компаниите ќе им помогнат да ги подготват новите стратегии.

Проблеми во синџирот на снабдување

Глобалната криза на трошоците за живот влијае врз куповната моќ и потрошувачката. На економскиот пад му се заканува глобална рецесија во текот на 2023 година, која би кулминирала со зголемен број работнички спорови и штрајкови. Избегнатиот штрајк на американската железница во декември 2022 година би бил катастрофален за жителите на САД  и за поширокиот синџир на снабдување.

Со оглед на тоа што трошоците се зголемуваат со највисока стапка на инфлација во последните 40 години, сега е време компаниите да ја анализираат својата моментална ситуација и да разберат како да ја подобрат ефикасноста и да ги намалат трошоците.

Ако купуваат суровини или компоненти, неопходно е компаниите да го прегледаат описот на материјалите за да видат дали е можно некои од нив да се заменат со поевтини опции или извори од алтернативни доставувачи. Тие треба да ги прегледаат нивоата на залихите и да ги идентификуваат производите што би можеле да ги отстранат од нарачката, бидејќи се свесни дека побарувачката ќе се намали. Анализата ABC/XYZ може да помогне за идентификацијата на највредните работи за нивното работење.

ПРАВИЛНИ ОСНОВИ

Подобрување на точноста на прогнозата

Точните прогнози на побарувачката може да им помогнат на компаниите да обезбедат оптимални залихи и да го подобрат стратешкото планирање на различни сценарија за ризик. Клучниот момент е обезбедувањето вистински нивоа на сигурносни залихи, за да можат да се задоволат неочекуваните скокови на побарувачката, без врзување непотребен капитал. Тоа, исто така, ќе го подобри и корисничкото искуство бидејќи компаниите ќе имаат доволно залихи за да ја задоволат побарувачката на купувачите.

Лошите прогнози носат висок ризик за недостиг на залихи или вишок и застарени резерви. Тоа може да им ја отежни работата и на доставувачите кога ќе сфатат дека процениле погрешно.

Софтверот на предвидување на побарувачката може да се интегрира во системот за планирање ресурси (Enterprise Resource Planning – ERP) и автоматски да ја генерира прогнозата на потрошувачката, земајќи ги предвид варијацијата на побарувачката, сезоналноста, трендовите и промоциите. Комбинацијата на подобрените прогнози од алгоритамскиот софтвер со соодветните нивоа на сигурносните залихи, ќе им овозможи на компаниите да ги ублажат ризиците и да одржуваат солидно ниво на услуга.

Зголемена видливост на синџирот на снабдување

Видливоста на синџирот на снабдување, односно можноста за следење на артиклот од доставувачот до магацинот и испораката до купувачот, го олеснува непречениот тек на синџирот на снабдување.

Дигитализацијата на синџирот на снабдување и примената на новите технологии овозможуваат полесен пристап до виталните информации, кој ќе обезбеди ефикасен и сигурен синџир на снабдување.

Иако само еден дел од софтверот на компаниите нема да им донесе целосна видливост, тие може да имплементираат различни решенија, засновани на деловните потреби. На пример, прво може да го применат софтверот за прогноза на побарувачката и оптимизација на залихите, а потоа и да поврзат дополнителни релевантни технологии – вештачка интелигенција, интернет на нештата (IoT, Internet of Things) и машинско учење. Како што бизнисот ќе расте, така компаниите ќе имаат на располагање и поголеми буџети.

Поврзувањето на различните алатки со системот за планирање ресурси ќе им овозможи на компаниите пристап до поголем обем на информации во различни фази од синџирот на снабдување. На пример, една алатка го ажурира ERP-системот за време на испорака и потоа му испраќа информација на софтверот за оптимизација на залихите. Од новите информации компаниите ќе дознаат дали можат да ги исполнат сите нарачки или дали постои ризик да останат без резерви.

Можноста за брзо реагирање и одржување на нивото на услуги може да им обезбеди на компаниите конкурентска предност во однос на другите играчи на пазарот, кои не се подготвени за новите технологии.

УПРАВУВАЊЕ СО ДОСТАВУВАЧИТЕ

Рангирање на доставувачите

Дури и најдобрите системи и процеси за управување со залихите нема да успеат без силен синџир на снабдување. Ако доставувачите не можат да го испорачаат тоа што е потребно и тогаш кога е потребно за компанијата, купувачите можат да се преселат кај конкуренцијата.

Би требало добро да се разберат неколку параметри – време на испорака, цени, локација, минимални количества за нарачка, квалитет, еколошки заложби, доверливост и алтернативи за секој доставувач. Иако нешто од ова компаниите ќе мора да го направат рачно, внесувањето на времето на испорака и трошоците за доставувачот во програмата за оптимизација на залихите ќе му овозможи на софтверот да им го препорача најдобриот доставувач, кој ја испорачува нарачката навреме и по најниска цена.

Изградбата на силни односи со доставувачите, исто така, може да помогне кога ќе дојде до нарушување, бидејќи на тој начин се зголемува веројатноста тие да им дадат приоритет на партнерите во однос на другите купувачи.

Фокус кон домашниот пазар

Како што покажа неодамнешниот прекин на синџирите на снабдување, земањето артикли од евтини доставувачи што се оддалечени од поскапите локални доставувачи предизвика проблеми. Тоа дополнително се влоши со недостигот на транспортни контејнери и со доцнењето со процедурите на пристаништата.

Повторниот фокус кон домашните доставувачи или преместувањето на операциите поблиску до домицилниот пазар може да ги намали проблемите предизвикани од недостигот или од блокадите, особено за производителите. Сведоци бевме на тоа како голем број американски компании ги преселуваа своите производствени погони од Кина и други азиски земји во САД, Мексико или во други географски поблиски земји.

Некои компании воспоставија билатерални синџири на снабдување. На пример, „Хонда“ има еден синџир на снабдување со кој го поддржува домашниот пазар и друг, кој е одвоен и наменет за опслужување на другите пазари.

„Тампони“

„Тампони“ се практики што можат да бидат надвор од вообичаените начини на работа и се користат за да задоволат огромна потрошувачка. Може, на пример, да се користат тампон-залихи, односно сигурносни резерви, во ситуации кога доставувачите имаат долго време за испорака или нарачките на купувачите се непостојани.

Тампон-капацитетите, како што се експресни нарачки, користење авионски наместо поморски превоз, плаќање прекувремена работа или доведување привремен персонал, може да помогнат во услови кога компанијата се бори да ја исполни зголемената побарувачка.

Временските тампони би требало да бидат последното средство кога се одложува испраќањето на стоки кон купувачот. Ако се изневери клиентот, тој ќе пронајде алтернатива.

ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА СИНЏИРОТ НА СНАБДУВАЊЕ

Дигиталните мрежи на снабдување можат да помогнат за изградба на отпорност и намалување на влијанието од нарушениот синџир на снабдување. Технолошкиот напредок носи повеќе можности за унапредување на традиционалниот синџир на снабдување.

Софтвер

Решенијата „софтвер како услуга“ (Software as a service – SaaS), кои се базираат на облак-технологија, нудат доверливи и безбедни опции за компаниите што сакаат да ги дигитализираат своите синџири на снабдување. Поголемиот дел од решенијата може да се поврзат со ERP или со другите бизнис-системи за да се подобрат процесите во синџирот на снабдување и управувањето со залихите.

Со додавање специфични модули на залихи на постојниот систем за планирање ресурси, компаниите добиваат можност да управуваат со доставувачите, да ја подобрат прецизноста на прогнозите, да постават тампон-залихи и нивоа на сигурносни резерви, да ги класифицираат залихите и да ги автоматизираат процесите за нивно управување.

Автоматизација и вештачка интелигенција

Автоматизацијата може да помогне во задачите што вклучуваат можен ризик за работникот, на пример, носење тешки предмети низ складиштето или преземање предмети од високите полици. Исто така, може да ја зголеми брзината на производство и да ја подобри ефикасноста на процесите.

Вештачката интелигенција им овозможува на системите да научат да ги извршуваат задачите или да ги завршуваат процесите на поефикасен и поделотворен начин. Алгоритмите што ги користи вештачката интелигенција обезбедуваат квалитетни податоци и анализа на синџирот на снабдување, со што овозможуваат одлуки базирани на подобри информации.

Машинското учење е гранка од вештачката интелигенција која користи алгоритми, софтвери или системи за учење и приспособување без посебни интервеции од човекот. Оваа област ги анализира трендовите, препознава аномалии и нуди увиди. Со помош на машинското учење компаниите добиваат поголема видливост во синџирот на снабдување, преку поврзување на системот за планирање ресурси со софтверот за прогноза на побарувачката и оптимизација на залихите. Дополнително, може да се постигнат подобри перформанси со додавање софтвер и уреди што ја поддржуваат вештачката интелигенција. Колку се поинформирани компаниите, толку се поголеми шансите да донесат подобри одлуки во насока на нивоата на залихите и оперативните трошоци.

Интернет на нештата

IoT ги поврзува уредите или објектите на дигиталната мрежа, така што тие можат глобално да се нагледуваат.

Постојат многу апликации за IoT во рамките на синџирот на снабдување кои можат да испраќаат информации во централниот магацин или во деловниот систем – од испорака на доставувачот до испорака до купувачот. Голем дел од компаниите веќе користат паметни сензори или РФИД (RFID, Radio frequency identification – идентификација со радиофреквенција) за снимање на производите во складиштето.

Користењето поврзани уреди во магацините може да ги зголеми ефикасноста и безбедноста. Локациските идентификатори во реално време им овозможуваат на вработените брзо и едноставно да ги најдат бараните производи. Во комбинација со автоматизацијата, вештачката интелигенција и роботите, тие може да ги планираат најбрзите и најсигурните маршрути.

Блокчејн

Слично на IoT, блокчејн-технологијата обезбедува поголема транспарентност во целиот синџир на снабдување, интегрирајќи ги различните елементи на синџирот во една платформа.

Различните учесници во синџирот на снабдување, како што се превозниците и логистичките провајдери, можат да ја користат истата платформа за ажурирање на податоците, подигнување фактури и за исплата.

Сајбер-безбедност

Заканите за сајбер-безбедност стануваат сè поголема грижа во синџирот на снабдување. Од хакирање на податоците до „киднапирање“ на системите, сајбер-нападите може да ги нарушат синџирите на снабдување за само неколку секунди.

Менаџментот на компаниите мора да го процени ризикот во дигиталниот синџир на снабдување и да се увери дека може да се заштити од напади. Треба да одлучи како да ги ублажи сите ризици и да им го соопшти планот за реакција на сите релевантни интерни и екстерни страни. Потребно е редовно да ги прегледува процесите за да ги одржи нивоата на безбедност и да ги има предвид новите практики и безбедносни методи.

УПРАВУВАЊЕ СО ЗАЛИХИТЕ

Премин од реактивно на проактивно

Додека до неодамна компаниите се соочуваа со прекини во синџирот на снабдување, голем дел од нив ги заменија стратегиите за управување со залихите со поекономични. Зголемувањето на капиталните трошоци за дополнителни залихи обезбеди тие да имаат можност да ја задоволуваат побарувачката и во случај на понатамошно нарушување.

Веројатно до крајот на годинава ќе бидеме сведоци на враќање кон рационалното управување со залихите и нормализирање на побарувачката на нивото пред пандемијата. Со економскиот пад и рецесијата што следува, побарувачката веројатно ќе продолжи да се намалува.

Прецизните техники за прогноза на побарувачката им овозможуваат на компаниите да ги комбинираат сигурносните залихи што се користат „за секој случај“ со управувањето на капиталот од „точно навреме“. Наместо да се нагаѓа нивото на потребните сигурносни залихи, може да се пресмета исплатливото ниво што ја намалува можноста за застарување на залихите.

Одржливост

Климатските промени и распространетоста на природните катастрофи високо ја позиционираа одржливоста во агендата на потрошувачите. Преместувањето на операциите поблиску до домицилниот пазар и дигитализацијата може да бидат поддршка за позелени синџири на снабдување.

Двете клучни области се зелените синџири на снабдување и циркуларната економија.

Зелени синџири на снабдување

Користењето на софтверот за подобрување на точноста на прогнозите може да го намали јаглеродниот отпечаток на компаниите. Операторите може да ја намалат практиката за итни нарачки по воздушен транспорт, така што ќе нарачуваат попаметно и попрецизно.

Подобрата структура на нарачките значи и дека доставувачите добиваат навремени информации за пратките и за нивниот обем, што им помага да ги комбинираат нарачките во серии, со што ќе го намалат бројот на пратки. Софтверот може да им помогне на компаниите целосно да ги наполнат контејнерите, односно да не ги испраќаат полупразни низ целиот свет.

Други начини за еколошки поприфатливо работење се надградба на осветлувањето со ЛЕД-светилки, рециклирање, воведување алтернативни опции за пакување, воведување електрични возила во возните паркови итн.

Циркуларна економија

Циркуларната економија може да помогне во одржливоста, но истовремено и да заштеди пари. Со оглед на постојаното зголемување на цените на суровините, компаниите можат да ги „разбијат“ своите готови производи и да ги вратат во суровинска форма за повторна употреба или препродажба.

Експертите препорачуваат компаниите навреме да се вклучат во дизајнот на производите за да можат да влијаат врз внесот на материјалите од кои се составени. Освен тоа, менаџментот на компаниите треба да размисли и како може да ги поддржи клиентите за да се продолжи векот на производот. На пример, да размисли за услуги за поправка и одржување на производите. Конечно, треба да размисли и за склучување партнерства за кружна економија.

Испораката се враќа на вистинскиот пат

По големиот број прекини на испораката поради недостигот на контејнери за купување и доцнењето со процедурите на пристаништата, се очекува до крајот на годинава да има нови флоти на бродови. Зголемувањето на капацитетите на бродовите би можело да доведе до намалување на стапката на контејнери, со што испраќањето ќе стане поекономично.

Според експертите, бродската индустрија реши речиси половина од предизвиците, а темпото на заздравување се зголемува.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...