Актуелно

Стартап-сцената, магнет за инвеститори

07 Jun 2023

Денес во светот постојат 150 милиони стартапи и секоја година се отвораат по повеќе од 50 милиони нови. Стартапите од Средна и Источна Европа сè повеќе го привлекуваат вниманието на инвеститорите од целиот свет

Приреди: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Балтичкиот Регион, на чело со Естонија, се смета за дом на неколку од најголемите европски стартапи. Естонскиот ИТ-стартап CostPocket разви апликација за препознавање на текстот, која може да ги дигитализира хартиените документи со голема прецизност во рок од неколку секунди. Литванскиот isLucid е софтвер на платформата Microsoft Teams, кој ги организира транскриптите на онлајн-состаноците. Моделот користи вештачка интелигенција (ВИ) и говорниот јазик го преформулира во пишани белешки на повеќе од 30 јазици. Во Латвија стартапот RoboEatz изуми целосно автономен роботски кујнски систем, кој готви и послужува широк асортиман на јадења.

Во Унгарија EDUardo создаде интересна платформа за бизнис-симулација, која нуди образовна содржина во форма на интерактивни студии на случај и може да се интегрира во едукативните проекти во корпорациите, институциите и бизнис-школите. Казахстанскиот стартап Uniqa на корисниците им нуди можност за користење ВИ во секојдневниот живот.

Регионот на поранешна Југославија исто така има растечка стартап-сцена.

Хрватскиот Make IT Easy е технолошки стартап чија платформа mobilityONE се базира на облак-технологија, а поврзувањето со возилата овозможува едноставно управување со возниот парк. Во Словенија Qlector разви решенија за производство базирани на ВИ, кои ја напојуваат платформата Qlector LEAP и дигиталниот близнак. Тоа им овозможува на планерите и на тимските координатори заеднички да креираат оптимални планови, затворајќи го јазот меѓу планирањето и егзекуцијата. Софтверската платформа на српскиот стартап B2Bee содржи неколку интегрирани апликации. Нивната стратегија е да ги опфатат потребите од почеток до крај на големопродажните трговци – од прием до испорака. Хрватските Infobip и Rimac се примери што израснаа од регионално познати стартапи во еднорози. Еднорог е термин што се користи за технолошки стартап во приватна сопственост, кој вреди повеќе од 1 милијарда долари. Тоа се моќни компании што предизвикуваат големи промени.

Дигитално напредните земји се позелени, побогати, поиновативни и поконкурентни. Силната и дигитално развиена стартап-сцена е еден од клучните двигатели за зајакнување на локалната економија.

Иако е мал пазар, Македонија може да се пофали со стартапи кои нудат навистина квалитетни производи и услуги. Но, како се раѓаат успешните стартапи, со кои предизвици се соочуваат, особено кога се преговара со трговските синџири за производот да се појави на полица, и што може да се смени или подобри за стартап-компаниите да добијат подобри можности за работење на македонскиот пазар? За овие прашања во темата за стартап-компаниите што ја објавивме во мајскиот број на InStore поразговаравме со производителот на органски и луксузни сапуни Fedor и со „Евал“ - производителот на производи од тартуфи Tuf. Наши соговорници се и Дејан Алексов, коосновач на „Стартап Македонија“ и член на Управен одбор, како и Фестим Халили, директор на Фондот за иновации. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...