Дали цените останаа замрзнати само на хартија, и покрај казните, и дали Владата успеа да го заштити стандардот на граѓаните? Ставовите се различни и се движат од распонот на штетна за едни, а нужна мерка - за други
Подготви: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk
Институционален став
Горан Трајковски, директор на Државен пазарен инспекторат (ДПИ)
Во бизнисот постојат деловни традиции и етички норми. Бизнисот мора да се води на етички начин, но на тоа не можеме да влијаеме. Тоа зависи од поединците и од личниот морал. Ние се грижиме за законитост и еднакви услови за работа, но и за граѓаните кои се како заложници на мала група поединци кои се обидуваат да остваруваат екстра профити за лично богатење. Инспекторатот е на терен за да обезбеди коректни услови и никој да не биде оштетен. Ги штитиме граѓаните и правниот поредок во рамките на нашите надлежности. Што се однесува до постапувањето по одлуките донесени од страна на Владата, нашите надлежности произлегуваат од Законот за трговија – а досега се извршени над 4.500 надзори, и издадени се прекршочни платни налози во вредност од над 13.720.000 милиони денари. Сите економски субјекти имаат можност да си ги платат прекршочните платни налози, или да си го остварат своето право, доколку имаат забелешка, во судска постапка. Инспекторите што констатирале прекршок кај економските субјекти ќе се појавуваат на судските рочишта, и ќе ги застапуваат и бранат законите по кои ги констатирале прекршоците. Практиката од непојавување на инспекторите на судските рочишта нема да ја има во иднина бидејќи системот мора да профункционира.
Апелирам за општествена одговорност на сопствениците на дистрибутивните компании и коректен, фер однос кон граѓаните.
За разлика од порано, казните не се наменети за полнење на буџетот. Тоа е крајна мерка откако ќе увидиме дека не ги применуваат одлуките кои се во интерес на граѓаните. Нашата цел е да обезбедиме фер услови за работа и коректни цени за сите, но и редовно снабдување на производите на пазарот. Апелирам за општествена одговорност на сопствениците на дистрибутивните компании и коректен, фер однос кон граѓаните. Нема да дозволиме поигрување со граѓаните од страна на големите економски субјекти. Верувам дека и граѓаните препознаваат што се случува, затоа и нема да престанеме да постапуваме во рамките на нашите надлежности, а со тоа и да обезбедиме функционален пазар со заштитени права на трговците и потрошувачите.
Експертски став
Проф. д-р Борче Треновски, Економски факултет – Скопје, УКИМ
Пред да укажеме на ефектите од замрзнувањето на цените како една од политиките кои се преземаат во последните неколку месеци за зауздување на ценовните поместувања, кратко да елаборираме зошто овие цени „вознемирија“ голем дел од граѓаните. Различната структура на потрошувачката и исклучителната ранливост на граѓаните со најнизок доход (најсиромашните) на ценовните шокови поврзани со храната е клучниот фактор зошто зголемувањето на цената на храната предизвика паника, страв и барања за административни/рестриктивни начини за ценовно зауздување. Во оваа насока најсиромашните 10% од населението во нашата земја трошат околу 75-80% од својот доход за храна (слична е ситуацијата и со преостанатите 40% од граѓаните со понизок доход), доколку се земе предвид зголемувањето на цените последната година, овој процент се зголемува на 95-97%. Ова покажува дека оваа категорија на граѓани е на граница да биде во можност да покрие какви било други трошоци (здравство, станарина, електрична енергија, образование итн.), освен трошоците за храна. Од друга страна, зголемувањето на цените на храната генерално беше предизвикано од нарушеното снабдување со храна (како резултат на безбедносната криза), значајната зависност од увоз на нашата земја, зголемената побарувачка во услови на неизвесност и шпекулациите на страната на понудата/бизнис-секторот.
Затоа често се користат „плафонирања“ наместо замрзнување на цените – кои ја даваат највисоката цена и доволно време во кое оставаат пазарните субјекти и конкуренцијата да го направат своето.
Во услови кога има недостиг на понуда (нарушени синџири на снабдување) и зголемена побарувачка од граѓаните, со цел ограничување на силна пазарна реакција на краток рок, од исклучителна важност е преземањето јасни и предвидливи мерки, водење ефикасна политика на регулација и во исклучителни моменти контрола на цените. Но, преземањето административни мерки на регулација/контрола како замрзнување на цените се мерки кои можат само да го ублажат првичниот бран на зголемувања на цените, доколку тие останат подолго, можат целосно да ја нарушат пазарната рамнотежа и да доведат до ограничена понуда на производи со замрзнати цени. Затоа често се користат „плафонирања“ наместо замрзнување на цените – кои ја даваат највисоката цена и доволно време во кое оставаат пазарните субјекти и конкуренцијата да го направат своето. Во ваквите периоди на замрзнување на цените од исклучителна важност е првичната отворена комуникација со бизнис-секторот, кредибилитетот и предвидливоста во носење на мерките со цел да се елиминираат неизвесноста и ривалитетот кој може да направи пазарни нарушувања и надмудрување меѓу бизнисот и државата. Треба секогаш да се има предвид дека е исклучително тешко државата или кој било јавен субјект со голема прецизност да ги калкулира сите трошоци/конекции/односи на пазарот на определени производи и истите успешно да ги менаџира на подолг рок. Секогаш треба да се земат предвид капацитетите на институциите и државата за ефикасно спроведување на своите најавени мерки. Најлоша ситуација е онаа кога се преземаат мерки на замрзнување кои ограничено се спроведуваат, долгорочно го менуваат однесувањето на бизнис-субјектите, ја нарушуваат пазарната рамнотежа, предизвикуваат недостиг на определени производи, влијаат врз политиката на вработување/набавка и продажба кај бизнисите, а ефектите за граѓаните се скромни.
Став од секторот
Стопанска комора на Република Северна Македонија
Претставниците на домашните синџири на маркети - трговци со прехранбени производи на мало ја поздравија владината одлука за определување највисоки цени за одделни производи, како и обврската на трговците да прибавуваат и да им продаваат на потрошувачите определени видови и количества од одделни стоки. Со заеднички напори на Владата и на Министерството за економија, учествуваат во примената на мерките за намалување на енергетската криза и за ублажување на порастот на цените. Но, паричните и кривичните казни за непочитување на владината одлука се изречени од причина што во маркетите немало количини или, пак, воопшто немало одредени видови овошје и зеленчук опфатени со мерките на Владата.
Претставниците на синџирите маркети не се во можност да продаваат производи ако добавувачот не им ги дистрибуира.
И покрај сите направени напори, нарачки и контакти со добавувачи, маркетите не успеаја да ги обезбедат потребните количини на овошје и на зеленчук пропишани со одлуката на Владата, па тие не се достапни на пазарот по оние цени по кои е наложено да се набавуваат и да се продаваат. Претставниците на синџирите на маркети, со најдобра намера за да им излезат во пресрет на своите потрошувачи, а истовремено и да ги исполнат одлуките на Владата, не се во можност да продаваат производи ако добавувачот не им ги дистрибуира. Оттука, трговците на мало со прехранбени производи упатуваат апел до сите надлежни институции да не ги оптоваруваат компаниите со казнени мерки кои ќе имаат финансиски последици врз нив во овие тешки моменти за стопанството.
Синдикален став
Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)
ССМ континуирано ја следи економската состојба во државата, а особено од аспект на обезбедување основни егзистенцијални права за достоинствен стандард на работниците и на граѓаните.
Како што може да се види од статистичките податоци за дел од прехранбените производи, цените од јануари 2022 година споредено со јануари 2023 година се многу повисоки од тие кои со Одлука на Влада се намалени за 10% до 15% и според тоа може да се види дека одлуката за „замрзнување“ на цените е задоцнета, требаше да се направи многу порано.
Побаравме од Централниот регистар податок за 2022 година за тоа колку приход имале најголемите маркети во државата. Според податоците што ги добивме, остваруваат енормна добивка: „Веро“ има добивка од 564.609.014,00 денари, односно 9.180.634 евра, КАМ има добивка од 304.432.435,00 денари, односно 4.950.120 евра, Стокомак“ има добивка од 214.007.889,00 денари, односно 3.479.803 евра, „Киппер“ има добивка од 207.787.775,00, односно 3.378.663 евра. Вината за ситуацијата е кај фирмите, затоа што газдите нехумано решија да ги зголемуваат цените и со тоа дополнително ги осиромашуваат работниците и граѓаните, и кај Владата, која премногу доцни со мерките со кои само навидум сака да им помогне на граѓаните и работниците.
Цените на храната и на енергентите на меѓународниот пазар веќе цела година се намалуваа, но тој тренд кај нас не се практикува од за нас нејасни причини.
Огромните профити ја подгреваат инфлацијата, како и огромните плати сега зголемени за 78% на функционерите, а не платите на работниците со кои одвај се преживува тековниот месец. Иако минималната плата во март 2023 година се зголеми за 4.981 ден. (32,78 %) споредено со март 2022 година, ова зголемување не даде позитивен ефект врз економската положба на граѓаните, во споредба со енормното зголемување на цените на прехранбените производи. Нема да влијае ни на подобрување на нивната егзистенцијална положба. Цените на храната и на енергентите на меѓународниот пазар веќе цела година се намалуваа, но тој тренд кај нас не се практикува од за нас нејасни причини. Потребна е одговорност од сите, како од алчните газди така и од страна на владините претставници!
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.