Актуелно

Икица Павлоски: Како понатаму?

15 мар 2023

Пишува: Икица Павлоски, комерцијален директор, „Лион“

Во мојата долгогодишна кариера, изминативе три години беа најнепредвидливи и најтешки години во FMCG-секторот.

Дефинитивно корона-пандемијата како глобален процес направи тектонски нарушувања како во нормалниот живот така и во економските и социјалните процеси, со што наидовме на некои нови предизвици кои дотогаш не беа видени.

И само што си помисливме дека конечно се враќаме во нормала, почна војната во Украина, а со неа почнаа нови, уште потешки процеси за нашите бизниси.

Сериозното поскапување на сите суровини и репроматеријали, енормното поскапување на струјата и другите енергенти, транспортот и секако инфлацијата...

Борбата не завршува тука. Пред нас доаѓаат сериозни предизвици за кои во иднина ќе мора не само ние како дел од оваа фела, туку и државата заедно со нас да најде решение како понатаму.

Дури на почетокот на 2022 година можевме да останеме и без суровини кога сите наши соседи и доставувачи забранија извоз на основните суровини за производство, за да се заштитат од недостиг на суровини.

Цените на производите почнаа енормно да растат од месец на месец, нашите партнери, како на домашен така и на странски пазар, не ги прифаќаа новите цени толку лесно, па дури дел од нарачките беа ставени под знак прашалник, а со тоа и прометот.

Во тој момент со менаџментот на „Лион“ си го поставивме прашањето - како понатаму?

Секој артикал, секој производ си има своја максимална цена на полица (price tag) по која нашиот верен купувач може да си дозволи да го купи. И тоа ни кажуваше дека не може да одиме до бесконечност со поскапувањето на цените на нашите производи бидејќи платите останаа непроменети, а семејниот буџет сè помал и помал.

Во нашата компанија веќе го имавме почнато процесот на редизајн и стандардизација на комерцијалните пакувања на речиси сите артикли од брендот Leona. Целта беше да се доближиме до новите светски стандарди и пакувања на нашата конкуренција, а до потребите на крајните потрошувачи. Одлучивме да одиме во една послаба варијанта од  процесот shrinkflation – минимално приспособување на грамажата на голем дел од нашето портфолио, што ни донесе простор да нема ново поскапување на цената на полица. На овој начин успеавме да ги задржиме нашите лојални купувачи, нашите партнери за извоз и секако прометот кој е од најголемо значење.

Исто така, одлучивме уште повеќе да се фокусираме и да ја продлабочиме соработката со оние канали на продажба што имаа придобивки од веќе настанатата ситуација на пазарот, а тоа се дисконтите, каде што договоривме неколку ПЛ-производи. Секако, никако не смеевме да го заборавиме и наjголемиот канал на продажба во Македонија – KA/LKA каде што со заеднички напори и инвестиции преку нашиот дистрибутер успеавме да ја продлабочиме соработката со сите големи играчи, направивме одличен пораст на прометот, подобар удел на полица и проширување на асортиманот.

Но, борбата не завршува тука.

Пред нас доаѓаат сериозни предизвици за кои во иднина ќе мора не само ние како дел од оваа фела, туку и државата заедно со нас да најде решение како понатаму.

Целиот сектор е во сè поголем притисок од фиксните трошоци, како струјата, нафтата и гасот, покачувањето на платите на вработените, одливот на труд и сè помалку обучен кадар, намалениот број на вкупното население во државата, инфлацијата, голем број локални синџири маркети се затворија и на крај најбитното, а тоа е финансиската дисциплина која е двигател на целата економија.

Затоа, борбата не смее да заврши. Потребно е постојано да се наоѓаат соодветни решенија за да се продолжи понатаму.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...