Што знае дете или во нашиов случај гласач што се 500 килограми. Стара, но безвремена шега на овие балкански простори. Меѓу повеќето поенти секогаш една доминира, а тоа е дека некого можеш бескрајно да го товариш, но сè додека не му кажеш колку е тоа во килограми, нема да се побуни дека му е тешко.
Пишува: Горан Теменугов, новинар
Но, овде во Македонија се поставува едно друго прашање. Не дали ни е тешко, туку дали цело време сме со 500 килограми товар или си се жалевме дека не можеме да издржиме и при товар од 25 килограми.
Така, во ек на можеби најголемата светска економска криза, која има повеќе делови, како здравствена, поради пандемијата и енергетско/безбедносна, а како последицата се зголемените цени на сите производи, пред сè, на храната и на енергентите, ни се случија и повеќе штрајкови во Македонија. За поголеми плати се побунија вработените во образованието и во градинките.
По неколку недели штрајкот заврши со нејасни резултати. Синдикатот бараше 18,4% поголеми плати, Владата нудеше само 10%, по што понуди 12%. Ова не беше прифатено, но штрајкот беше ставен во мирување.
Значи, типично македонска работа. Проблемот е ставен под тепих, најдено е некое половично решение со кое секој ќе може пред своите да се пофали дека нешто добил/дал.
Сега, кога товарот е огромен и е потребна вистинска помош за граѓаните, просторот е многу намален, истенчен, оти пари нема. Односно, парите од заемите со кои главно се финансира секоја нова мерка или помош се очекува да бидат сè поскапи и поскапи
Но, штрајкот подотвори многу дилеми. Главната е дали во вакви исклучително тешки економски моменти во државава требаше да се бараат повисоки плати. Одговорот е да. Работа на синдикатите е да се грижат за работниците и да си решат кога е време да се штрајкува. Значи, штрајк да.
Сепак, проблемот не е во тоа што се штрајкуваше. Туку во тоа што реално нема од каде да им се даде. А тоа никој во државава не сака да го каже. Затоа што ако се спомене тоа, можеби некој ќе отвори дузина прашања, меѓу кои колку чинат сите ад хок досегашни покачувања на платите на јавната администрација, па да се праша како ќе се трошат новите 900 милиони евра што сакаме да ги земеме од Меѓународниот монетарен фонд, кој заемот ќе ни го даде со 1% камата. Може и да го поставиме прашањето како се потрошија заемите од над 1,5 милијарда евра за време на ковид-кризата, кога мал дел од овие пари заврши кај граѓаните, а добар дел во сектори, како банкарскиот, здравствениот, фармацевтскиот и ред други кои имаа големи профити и без државна помош.
Во превод, имаше период кога реално бевме товарени со 25 килограми, но на сиот глас врескавме колку ни е тешко, колку сме на работ на преживувањето. Во времето на пандемијата никој немаше храброст да ги подели секторите на оние што прават профит и оние на кои навистина им треба помош. Никој во Владата не сакаше ни да ги подели вработените во јавната администрација на оние што работеа нонстоп и им даваа услуги на граѓаните и оние што си седеа дома или работеа неколку дена во месецот.
А дали треба да се зголемат платите? Секако дека треба поради инфлацијата. Но, проблемот е што сега сме товарени со 500 килограми, односно буџетот и јавниот долг на државава се растегнати до максимум. Сега, кога товарот е огромен и е потребна вистинска помош за граѓаните, просторот е многу намален, истенчен, оти пари нема. Односно, парите од заемите со кои главно се финансира секоја нова мерка или помош се очекува да бидат сè поскапи и поскапи. Исто така, реално е да очекуваме дека за дадените 900 милиони евра од ММФ, оваа финансиска институција во иднина ќе очекува драстични реформи. А минатото покажа дека кога ММФ бара реформи, тоа пред сè значи големо стегање на ременот и многу често забавен економски пораст.
Во вакви услови, Владата ќе мора да направи неколку работи. А тоа е прво да си ги одмери силите дали во Собранието може да има стабилно мнозинство и второ, да почне сериозни реформи. Ама навистина сериозни. Со реформите, кои ќе бидат болни, ќе изгуби СДСМ. Едноставно, гласачите не сакаат да им се нарушува комодитетот. Но, без реформи речиси сите ќе почувствуваме дека е многу лошо. Така што и вака Владата ќе изгуби. Но, со реформите ќе може да го мобилизира оној неутрален дел од граѓаните. Ова ќе биде добар влог за иднина, но и фрлена ракавица кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, оваа голема економска криза е можност малку и да се потсмират политичките страсти, иако опозицијата побара предвремени избори, со што како да долева масло на огнот. Но, веројатно како и многу пати досега, државава ќе се извлече од кризите, иако политичкиот капацитет и водство се сè полоши и полоши.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.