Актуелно

Мислења и коментари: Извоз во време на пандемија

22 Dec 2021

Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава за периодот од јануари до септември 2021 година изнесува 5,1 милијарди евра и бележи вредносен пораст од 26,4% во споредба со истиот период од претходната година (4 милијарди евра). Како што може да се забележи од податоците на Државниот завод за статистика, извозот на храна во првите девет месеци годинава изнесувал 285 милиони евра, што е за 8% повеќе од лани (264 милиони евра).

Приреди: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Токму извозот во време на пандемија беше тема за која зборувавме со нашите соговорници. Од нив побаравме одговори за извозниот потенцијал на македонските FMCG-компании, за најголемите предизвици со кои се соочуваат во време на пандемија, што треба компаниите, а што надлежните институции да преземат за извозните компании да бидат двигател на развојот на домашната економија во постпандемскиот период...

                                                                   СТАВ ОД СЕКТОРОТ                                                                           
Глигор Цветанов, генерален директор на „Макпрогрес“

„Макпрогрес“ има редовно присуство и извоз на производи на повеќе од 50 пазари низ светот. Најголема присутност имаме во регионот на Централна и Југоисточна Европа, но воопшто не е мал и делот во Западна Европа. Од вкупната продажба на сите категории производи, 75% се за извоз, а 25% пласираме на домашниот пазар. Кога се работи само за кондиторските производи, процентот на извоз изнесува 90%.

Од почетокот на појавата на коронавирусот како опасност за здравјето на населението во „Макпрогрес“ презедовме низа активности за превенција на вработените, но воедно и за да ја одржиме економската активност и да ги задоволиме барањата на потрошувачите низ светот. Рестрикциите придонесоа потрошувачите да ги променат приоритетите и начините на купување. Во некои случаи панично се купуваа залихи на основна храна, а во некои држави имаа ограничена можност и време да посетат супермаркет, што дополнително влијаеше врз потрошувачката. Генерално, рестрикциите во патувањата и затворањата многу влијаеа врз извозното работење, имајќи ја предвид неможноста за директна комуникација со клиентите.

Нарушените синџири на снабдување, сушните периоди, високите цени на транспортот, високите цени на енергенсите и амбалажите се причините за енормно зголемените трошоци за работење на компаниите од прехранбената индустрија. Последниов период главен проблем и предизвик за извозниците и понатаму ќе биде одржувањето на конкурентноста на производството во услови на енормно зголемување на трошоците на работењето, поради зголемените цени на суровините, амбалажите и енергенсите. Исто така, останува предизвик и недостигот на доволно избор на квалификувани кадри, како и задржувањето на вработените со оглед на континуираното отселување од државава.

Само со поголеми инвестиции во автоматизација, подобрен квалитет, зголемена продуктивност и енергетска ефикасност, компаниите ќе можат да стекнат подобра извозна конкурентност.

За компаниите, секако, приоритет треба да биде секој да се запраша што може да стори за да се подобри во сопствената компанија. Само со поголеми инвестиции во автоматизација, подобрен квалитет, зголемена продуктивност и енергетска ефикасност, компаниите ќе можат да стекнат подобра извозна конкурентност.

Ние ја искористивме кризата да направиме сериозни промени внатре, силно инвестиравме во нови капацитети и подобрување на постојните. Продолжуваме напорно да работиме да ја одржиме економската активност, да ги задоволуваме потребите на потрошувачите на сите пазари каде што сме присутни. На 12 ноември годинава отворивме Развоен центар, кој очекуваме да донесе многу нови иновативни производи и зголемен развој во годините што следуваат.

За мали држави и пазари како што е Македонија, извозот дефинитивно е најглавниот генератор за економски пораст, па затоа државните економски политики треба да бидат насочени кон зголемување на конкурентноста за извоз и поттикнување на компаниите кон извоз.

Законот за финансиска поддршка на инвестициите е добра алатка и дава можност компаниите да се охрабрат и да бидат извозно конкурентни. Државата дава поддршка за ова и треба да продолжи, а компаниите треба да го искористат тоа. Државата може да осмисли начини и за директно помагање или субвенционирање на извозните активности на компаниите, со што би ги стимулирала уште повеќе да се охрабрат и насочат кон извоз.

Една од главните работи што надлежните институции можат да ја направат е да се потпишат договори за слободна трговија, особено со земјите потписнички на ПЕМ-конвенцијата (Pan-Euro-Mediterranean) бидејќи во тие држави има огромен неискористен потенцијал за извоз.

                                                                   СТАВ ОД СЕКТОРОТ                                                                           
Марко Кутревски, трет извршен директор на „Пекабеско“

Со гордост можам да истакнам дека „Пекабеско“ се вбројува меѓу петте најголеми македонски извозници за храна. Нашите производи, освен во Македонија, се позиционирани и на пазарите во Србија, Косово, Црна Гора и БиХ. Компанијата доби и европски извозен број, со стратешка цел освојување нови пазари и проширување на дистрибутивната мрежа.

Извозот на „Пекабеско“ лани достигна речиси 10 милиони евра од вкупните годишни приходи на компанијата во висина од 75,5 милиони евра. Значајно е што во изминативе 4 месеци бележиме засилен пораст и на производството и на извозот на историски највисоки нивоа за компанијата.

И покрај тоа што бележиме историски најдобри резултати во својата работа, пандемијата на ковид-19 донесе или дополнително ги подвлече предизвиците со кои се соочуваме во нашата дејност. Зборуваме за проблеми поврзани со испораката и достапноста на суровини и репроматеријали, порастот на нивните цени, како и долгите рокови на испорака и недостигот на работна сила. Досега успеваме успешно да менаџираме, но постојат големи предизвици во набавката, за чие надминување секојдневно и посветено работи огромен тим.

Секоја криза нуди и одредени можности, а од нас зависи дали и како ќе ги искористиме. Многу е важно да продолжиме брзо и постојано да се приспособуваме и да инвестираме.

Секоја криза нуди и одредени можности, а од нас зависи дали и како ќе ги искористиме. Многу е важно да продолжиме брзо и постојано да се приспособуваме и да инвестираме. Само за пример, за период од девет години „Пекабеско“ инвестира над 23,5 милиони евра, а во пандемската 2020 година во основни средства инвестиравме 2,6 милиони евра, што претставува рекордно најголем износ споредено со сите изминати години.

На прашањето како надлежните институции може да им помогнат на компаниите да го зголемат извозот, би зборувал за „Пекабеско“ и за индустријата на преработувачи на месо. Тоа што директно може да помогне, на пример, е мерката за намалување на увозните царински давачки при увоз на замрзнато свинско месо за преработка. Оваа мерка веќе неколку години се продолжува на секои шест месеци, а со неа се изедначуваат условите за домашните компании да можат да бидат рамноправни со странските. Ова е од интерес за зачувување на илјадници работни места, но е од интерес и за секој граѓанин затоа што го спречува поскапувањето на цените на прехранбените производи.

                                                                   ЕКСПЕРТСКИ СТАВ                                                                          
Д-р Дарко Лазаров, универзитетски професор на Економски факултет, УГД – Штип

И покрај тоа што Македонија бележи релативно висока стапка на пораст на извозот во изминатиот период, тоа не се должи на пораст на бројот на извозни производи, туку многу повеќе на пораст на извозот на неколку производи, кои имаат релативно големо учество во вкупниот извоз на земјата.

Еден значаен дел од тие производи се полупроизводите што се дел од глобалните синџири на снабдување, а помал дел се производи за финална потрошувачка. Сепак, пробивот на некои домашни компании од прехранбената индустрија, фармацијата и од други сектори на странските пазари е сигнал дека македонската економија има потенцијали за дополнителна извозна експанзија на производи за широка потрошувачка.

Тоа што мора да го напоменеме е дека македонските извозници се соочуваа со многу системски проблеми и во периодот пред кризата. Дел од тие проблеми се ниската продуктивност и ниската конкурентност, непрепознатливоста на домашните производи на странките пазари. Дополнително, пандемијата креира нови предизвици за извозните компании што се должат на прекини во синџирите за снабдување, транспортни и логистички ограничувања за испорака на производите, намалување на светската побарувачка и поголема ориентација на странските потрошувачи кон домашни производи.

Надлежните институции конечно треба да разберат дека извозните компании се клучни за идниот економски развој на земјата и да ги насочат своите напори кон нивна поддршка во секоја смисла.

Извозните компании треба да бидат главниот мотор за закрепнување на домашната економија во посткризниот период, со оглед на фактот што можностите за генерирање економски пораст базиран на стимулација на домашната приватна и јавна потрошувачка се речиси ограничени. Оттука, токму извозниот сектор треба да биде клучната развојна компонента на македонската економија во периодот што следува. За да се случи тоа, потребно е да се создадат поволни услови преку поддршка на државата за извозните компании во насока на технолошка модернизација и градење поголеми производствени капацитети, но истовремено и компаниите треба да работат на градење поголема препознатливост на странските пазари преку инвестиции во маркетиншки и промотивни активности.

Надлежните институции конечно треба да разберат дека извозните компании се клучни за идниот економски развој на земјата и да ги насочат своите напори кон нивна поддршка во секоја смисла. Поддршка што ќе значи зајакнување на производствените капацитети преку инвестиции во нова технологија и иновативни процеси, како и поддршка за поголема извозна промоција на македонските компании и извозните производи на глобалните пазари.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...