Актуелно

Тема на InStore: „Новото нормално“ во работењето

26 May 2021

Одржливото работење и управувањето со операциите на еколошки и општествено одговорен начин повеќе не е добро е да се има, туку станува императив. Како да се пронајде баланс?

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

Во сè повеќе меѓусебно поврзаниот, сложен и турбулентен свет, работењето се движи по недоволно истражени патеки. Повеќе не е доволно само да се произведува, потребно е да се креираат конкурентни разлики кои ќе го привлечат вниманието на потрошувачите. Една од нив е одржливото работење, кое претставува патоказ за деловните можности. Компаниите што го спроведуваат одржливото работење се стремат кон економска ефикасност, општествена одговорност и заштита на околината. Освен потребата за одговарање на повикот за поголема транспарентност, општествена одговорност и заштита на животната средина, спојувањето на целите со профитот може да создаде единствена конкурентска предност. Таа ќе биде доволно видлива и за потрошувачите и за инвеститорите.

За бројките и можностите

Сегашниот економски систем почива на максимално искористување на ресурсите, користење енергија и работна сила во производството на различни производи кои ќе се продадат на крајниот корисник со очекување дека корисникот, по искористување на производот, ќе го отстрани како отпад и ќе купи нов производ. Со депонирање на отпадот се губи вредноста на материјалите содржани во отпадот, а тоа значи потреба од нови финансиски средства, трошење нови ресурси за производство на нови производи. Во 2012 година просечниот жител на Европа искористил 16 тони материјали од кои само 40% се рециклирани или повторно  употребени, а во однос на вредноста на материјалите, рециклирањето и искористувањето на отпадот, како енергија враќаат само 5% од вредноста на суровината.

Секоја година, приближно третина од произведената храна, или 1,3 милијарда тони во вредност од околу милијарда долари, завршува како ѓубре од потрошувачите и трговците. Домаќинствата трошат 29 отсто од глобалната енергија. Поради овие причини, создадени се Целите за одржлив развој, чиј потписник е и Македонија. Концептот на корпоративна општествена одговорност драматично се трансформира во последните неколку години. Од чиста филантропска перспектива (спонзорирање и донации), во концепт на одржливо претприемништво кое прераснува во нова фаза од својот развој. Овој концепт подразбира воведување нови производи, процеси или целосни бизнис-модели кои обезбедуваат економски, еколошки и општествен просперитет.

Виктор Мирчевски, програмски раководител во „Конект“,

Постои јадро на компании кои ги делат овие вредности и одат чекор понапред. Она што недостига се политики кои ќе ги наградат и стимулираат компаниите посветени на одржливоста.

 Но, каква е ситуацијата во нашата држава, кога станува збор за одржливото работење?

Од податоците на „Пакомак“ некои компании за пијалaци ја намалија тежината на пластичните шишиња и капачиња со цел да создаваат помалку отпад од пластика, дел исфрлија делови од амбалажата на своите производи како непотребни со цел помалку да загадуваат. Винарниците и пиварниците почнаа да употребуваат стаклени шишиња кои се произведени со нови технологии и тежат до 30% помалку од претходните. Сите големи синџири маркети се грижат за отпадот од нивните продавници и магацини.

Ова го потврдува и проф. д-р Стојан Дебарлиев од Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој додава дека кај македонските компании се забележува грижа кон општествените проблеми главно на неколку нивоа: 1. филантропски активности (вложување во заедницата во области како образование, здравство, култура и сл.); 2. усогласување на работењето согласно стандардите на одржливоста (на пример, согласно стандардите за заштита на животна средина), 3. одржливи иновации во производствените програми и оперативните процеси низ синџирот на вредноста, честопати подобрувајќи ја ефикасноста во работењето.

Ако ги набљудуваме македонските прехранбени компании, на пример, „Макпрогрес“, „Витаминка“, „Виталија“, се забележуваат иновации во нивните производствени програми во смисла на користење нови и поздрави производствени технологии или, пак, создавање нови брендови во сегментот на здрава храна, како што е брендот Натура на „Макпрогрес“. Сепак, сè уште не сме забележале компании што го промениле својот бизнис-модел за целосно интегрирано и јасно инкорпорирано во нивните мисии и бизнис-стратегии да пристапат кон адресирање на општествените или еколошките проблеми и предизвици, објасни Дебарлиев.

Според Виктор Мирчевски, програмски раководител во „Конект“, намалувањето на влијанието на животната средина, грижата за вработените, унапредувањето на човековите права, интегритетот и вложувањето во заедниците се само дел од аспектите на одржливиот бизнис. За сето ова не постојат формални пречки. Тој истакнува дека кај нас постои генерално непрепознавање дека само одржливиот бизнис е успешен. Недостига умеењето да се погледне бизнисот од перспектива на одржливост и општествена одговорност, отворено да се идентификуваат недостатоците и негативните влијанија, за понатаму да се дефинира стратегија и континуирано да се работи на подобрувања.

Сепак, постои јадро на компании кои ги делат овие вредности и одат чекор понапред. Она што недостига се политики кои ќе ги наградат и стимулираат компаниите посветени на одржливоста. Големите компании од FMCG-секторот, како „Скопска пивара“, применуваат сè повисоки стандарди и стратешки приоди, како: оптимизирање на производството минимизирајќи го влијанието на животната средина, зачувување на достапноста на квалитетна вода и екосистемите, работа на промоција на одговорно консумирање преку намалување на количеството во амбалажите и едукација итн., додава Мирчевски.

Глобални концепти применливи за македонските компании

Одржливите претприемачи ги препознаваат можностите во балансот меѓу профитот, планетата и луѓето. Како што истакнува Мирчевски: Во насока на глобалните трендови, концептите што се применливи за македонските компании се: одговорното и одржливо користење на природните ресурси и континуирано управување со влијанието врз животната средина, грижата за вработените (на пример, родовиот и балансот на приватниот и професионалниот живот преку стандардот MAMFORCE); бизнис-интегритетот и колективното дејствување против корупцијата; интегрирање на водечките принципи на ОН за бизнисот и човековите права; соработката со други сектори за градење заеднички промени насочени кон Целите за одржлив развој (SDGs).

Дебарлиев ги посочува „Нестле“ и „Данон“ како добри бизнис-практики на глобално ниво кои се репозиционираат од прехранбени во компании за нутриционизам и здрава храна: Во оваа насока „Данон“ ги продаде бизнис-единиците за пиво, месо и сирење, фокусирајќи се на здрави млечни производи и вода, како и  храна за бебиња и медицинска нутритивна исхрана со целосно интегриран систем со инкорпорирани стандарди на одржливост во целиот синџир на создавање вредности.

проф. д-р Стојан Дебарлиев од Економскиот факултет

Ако ги набљудуваме македонските прехранбени компании, на пример, „Макпрогрес“, „Витаминка“, „Виталија“, се забележуваат иновации во нивните производствени програми во смисла на користење нови и поздрави производствени технологии или, пак, создавање нови брендови во сегментот на здрава храна. Сепак, сè уште не сме забележале компании што го промениле својот бизнис-модел во целосно интегрирани и јасно инкорпорирани бизнис-стратегии.

Стартапите се новите двигатели

И Дебарлиев и Мирчевски истакнуваат дека новите бизниси и стартапите сè повеќе се заинтересирани за овие аспекти. Се зголемува бројот на иновативни стартапи кои било да се финансирани од Фондот за иновации и технолошки развој било да се поддржани од одредени акцелераторски програми, во своите мисии и бизнис-модели се ориентирани кон создавање иновативни производи и услуги кои имаат општествено корисно влијание, односно решаваат проблеми од различни области на одржливиот развој.

Сведоци сме на македонски стартапи кои развиваат одржливи иновации во различни области: софтверски програми за оптимизација на потрошувачката на енергија, паметни прочистувачи на воздух, мобилни апликации наменети за намалување на индивидуалното влијание во емисија на јаглерод диоксид, хибриден фотоволтаичен термален колектор, екодостава на храна, дигитални технологии во земјоделство и др., истакнува Дебарлиев.

Во портфолиото на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), институција која е „отскочна штица“ за вакви бизниси, има над 500 компании, а досега се финансирани околу 50 проекти од областа на заштита на животната средина и енергетска ефикасност. Вкупниот обем на  инвестиции е над 7 милиони евра. Исто така, преку различни инструменти на ФИТР се поддржани и 7 проекти кои се директно од областа на кружната економија, со вкупен обем на инвестиции од над 1,3 милион евра. Фондот две години по ред спроведува и таканаречен „02 предизвик“, кој е наменет директно за поддршка на еколошки проекти, а новина е проектот „Стартап херои“, кој е во соработка со „Тинекс“. Повикот е можност за малите стартапи кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман, да добијат свое место на полиците на „Тинекс“.

Како понатаму?

Креирање нови приходи создавајќи нови можности за диференцијација и пораст на пазарот: Во нашата глобална економија, појавата на новата средна класа, драматичните поместувања во склоностите на потрошувачите кон одговорни производи и штедливи иновации создаваат нови пазари подготвени за пораст. Се очекува глобалната средна класа да се прошири за 3 милијарди луѓе до 2030 година и да заземе 70% од глобалната потрошувачка. 59% од потрошувачката на средната класа ќе биде во Азија. Освен потенцијалот за пораст поврзан со брзорастечката и разнолика потрошувачка база, се менуваат и склоностите на потрошувачите: 91% од глобалните потрошувачи недвосмислено веруваат дека компаниите мора одговорно да постапуваат во решавањето на социјалните и еколошките проблеми, а 90% веројатно ќе го заменат омилениот бренд со оној чиј квалитет и цена се слични.

Вработување и задржување на талентите со оптимизирање на својата работна сила: Компаниите сега глобално се натпреваруваат за прогресивни технички и професионални вештини на своите вработени. Има сè повеќе уверувања и докази дека различните таленти даваат подобри резултати.

Оптимизирање на производствените процеси и техники со континуирано подобрување на перформансите. Тоа најлесно може да го постигнете со контрола на квалитетот на производството и намалување на производствените чекори. Производството со помош на IOT автоматизацијата, 3Д-печатачите нудат пониски трошоци за производство и нудат ефикасност.

Зголемување на енергетската ефикасност и помала загаденост: минимизирајте ја употребата на енергија во производството користејќи обновливи извори на енергија. Обезбедете почисто и посигурно работно опкружување и пониски трошоци за грижа за отпадот.

Посветување на индустриската симбиоза: целта на индустриската симбиоза е да се имитираат одржливите природни циклуси во индустриските мрежи, каде што сите исфрлени материјали од еден процес се користени како ресурси во друг производствен процес.

Дизајнирање за преработка: Дизајнирајте производи така што нивните сегменти може изворно повторно да се искористат во производството на друг производ.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...