Актуелно

Skopje Marketing Summit: Иднината на маркетингот е во односот човек со човек

25 May 2021

Со многу инспиративна енергија, споделени искуства за маркетингот во сегашноста и очекувања за тоа што за оваа индустрија ќе донесе иднината, на 20 мај се одржа Skopje Marketing Summit 2021, во организација на „Кликер маркетинг“ и магазинот InStore.  Онлајн-настанот, кој одеше во живо, имаше повеќе од 1.500 прегледи.

Екрем Дупановиќ, оснoвач и уредник на порталите Media Marketing и ART & Business (Босна и Херцеговина), кој во бизнисот е 51 година, се наврати на времето кога маркетингот беше „господска работа“. Порано, се дружевме со клиенти, во кафеани до зори, и се доаѓаше до креативни идеи. Денес, сите се во страв и сите играат на сигурна карта. Сега има секаква технологија што ние ја немавме, потребни се само ум и креативност за да се постигнуваат добри резултати. И потребно е да се хуманизираат деловните модели на кои денес се темели нашата индустрија, рече Дупановиќ. 

 Бранимир Бркљач, еден од основачите на „Студио Модерна“ (Србија), посочи дека комуникацијата, во која е важно само иницијално да се привлече внимание, на долг рок нема да успее. Таквото непочитување на потенцијалниот купувач доведува до тоа дека рекламата не допира до купувачот, бидејќи тој не се препознава во неа. Според Бркљач, маркетингот ќе ги одржува врските во иднина само ако секој купувач го третира како човек. Фокусот од компанијата и производот, треба да се насочи кон корисникот. Конзистентноста во комуникацијата е прв чекор кон воспоставување доверба. Главната намера не треба да биде „да се продаде“, туку „да се изгради однос“. Тоа веќе не е однос на бренд со купувач, туку на човек со човек. И затоа, иднината на маркетингот е во немаркетиншките комуникации, порача Бркљач.

Слична е пораката и на Лазар Џамиќ, еден од најистакнатите маркетинг и бренд стратези во регионот, екс раководител на секторот за бренд - планирање во Google ZOO, Лондон (Србија). Според него, главна причина зошто луѓето не ги гледаат рекламите е затоа што не се релевантни за нив. Смета дека емоционализацијата и корисноста од пораките треба да „работат“ заедно. Главното прашање денес е: Како ќе ве најдат во овој голем дигитален простор? И кога ќе ве најдат, зошто да не ве прескокнат? Бидете лесни да ве купат и бидете лесни да ве запаметат, кажа Џамиќ. Александра Дилевска, основач на Publicis Groupe, извршна директорка на Publicis за Македонија и за Хрватска и оперативна директорка за Адриатик Регионот (С. Македонија), зборуваше на тема „Водење на брендовите кон иднината“. Таа го сподели искуството дека сега, луѓето повнимателно ги трошат своите средства, посвесни се за социјалните теми и за односот кон околината, бараат повеќе од брендовите и бараат повеќе искуства. Тоа што ќе биде важно е да се дефинира вистинскиот идентитет на потрошувачите. И, заштитете си го талентот, рече Дилевска. Лилиана Каимакан, експерт за иновации, комуникации и деловна стратегија (Англија), како нови трендови на кои треба да се фокусираат брендовите ги наведе: дигитализација, фокус на животната средина и на социјалните притисоци, поразновидно искуство за купувачите...Компаниите се соочуваат со предизвици да обезбедат одржливо работење, да ја менаџираат трансформацијата, да креираат иновации....компаниите стануваат се похрабри, или едноставно се принудени на тоа. Следната година ќе видиме кој се фокусирал на иновации, а кој не, рече Каимакан. Јадранка Накова, искусен маркетинг и комуникациски стратег, (С. Македонија), се осврна на вредноста на дигиталното „јас“. Технологијата се развива побрзо отколку што може да биде употребена. Дигиталната трансформација го менува начинот на интеракција со клиентите. Веќе не се натпреварувате со вашите конкуренти, туку со последното најдобро искуство кое го имал вашиот клиент. Наоѓањето на клиенти сега станува помалку случајно, а има повеќе податоци и алгоритми, па безмалку е како „онлајн спојување“. Врските се важни, но односот е пресуден, рече Накова. Лења Фарагуна, маркетинг-стратег и основач на движењето marCareting (Словенија), ја испрати пораката: Бидете заеб....о отпорни во време на криза и станете marCAREteri. Верувам дека можете да бидете исклучителен маркетер и да се грижите за вашите купувачи и клиенти само ако прво добро се грижите за себе. Тогаш сте покреативни, посамоуверени, похрабри. Вистинската релевантна и човек-кон-човек врска е тоа што секогаш ќе вреди во маркетингот, а тоа е човечностаДанчо Димков, основач и извршен директор на BizzBee Solutions, (С. Македонија), ја објасни важноста на Linkedin за привлекување клиенти и начините на кои тоа може да се прави. Исто така зборуваше кој би бил таргетот на компаниите и кој би бил идеалниот клиент што можат да го добијат. Филип Петровски, основач и извршен директор на Data Masters (С. Македонија), посочи дека идниот добар маркетер нема да биде само оној кој има технички вештини, туку профил кој ќе биде мешан збир од технологија, иновативност, комуникација и аналитичко размислување. Се натпреваруваме со алгоритмите што ги користи конкуренцијата за да ги привлече нашите клиенти. Убавината денеска е што ги имаме платформите, имаме подобри податоци, можеме да правиме промена на стратегии и кампањи во реално време, кажа Петровски. Дарко Лукиќ, маркетинг-консултант (Србија), врз основа на невромаркетингот објасни како потрошувачите ги носат одлуките, со заклучок дека 95 отсто од одлуките се донесуваат несвесно. Посочи на техниките кои се користат за декодирање на однесувањето на потрошувачите и покажа креативни решенија од повеќе компании, кои на едноставен начин ја комуницираат главната порака до потрошувачите. 

 Голема благодарност за спонзорите на овој настан:

Благодарност и за медиумската поддршка:



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...