Актуелно

Ќе има уште 18 нови „Рамстор“ супермаркети и 700 вработувања

05 апр 2021

Македонската компанија „Сити плаза“, новиот сопственик на „Рамсторе Македонија“ (во чиј состав влегуваат шопинг центарот „Рамсторе мол“, како и синџирот маркети „Рамсторе“) во следните пет години ќе инвестира повеќе од 105 милиони евра во проширувањето и развојот на оваа компанија.

Менаџерскиот тим на „Сити плаза“ денеска пред бројни претставници на државниот врв, претставници на дипломатскиот кор, бизнисмени и медиуми, ја претстави инвестициска програма за „Рамсторе Македонија“ за периодот од 2021 до 2025, при што и свечено ја презеде компанијата под свое раководство. 

„Сити плаза“ го презентираше и новото стратешко партнерство со холдингот „Мигрос“ од Република Турција. Оваа соработка подразбира заеднички вложувања во делот на обезбедување и франшиза на трговската марка „М“ за балканскиот регион, што ќе овозможи пристап и до други странски пазари, на кои покрај „Рамсторе“ ќе се вклучат и други македонски и турски производители. 

Со планираните вложувања, во следните пет години „Сити плаза“ ќе го зголеми капацитетот на трговскиот центар „Рамсторе мол“ во Скопје и ќе изгради подземна гаража за овој објект, ќе ја прошири продажната мрежа на „Рамсторе“ маркетите за 18 нови супермаркети, како и ќе изгради три „Рамсторе ритеил парк“ на локации низ земјава каде што „Рамсторе“ во моментов не е присутен. Дополнително, инвестицискиот план предвидува изградба и модернизација на логистички центар „Рамсторе“ на површина од над 25.000м2, изградба на нов административно-деловен простор, инвестиции во погон за преработка и пакување на прехранбени производи, како и изградба на фотонапонска централа од 5MW во Кочанско. Со преземањето на „Рамсторе Македонија“, компанијата „Сити плаза“ ќе ги задржи сите вработени, а со новите инвестиции ќе се отворат и дополнитени 700 работни места во сите сектори од работењето на друштвото. Вкупната вредност на планираните инвестиции ќе изнесува 105,2 милиони евра.

Во ера на пандемија која го зафати целиот свет, во време на здравствена и економска криза, ние одлучивме да инвестираме над 100 милиони евра во нашата иднина и во иднината на нашата држава. Не можеме да се бориме против оваа пандемија со тоа што ќе се затвориме целосно во изолација и ќе чекаме подобри времиња. Напротив, подобрите времиња треба самите да ги создадеме. Не можеме да дозволиме судбината да ни ја крои иднината. Иднината самите ќе ја градиме така што ќе бидеме храбри и ќе го развиваме бизнисот во нашата држава, рече сопственикот на „Сити плаза“, Ајдован Адемоски.  
„Сити плаза“ ја почна соработката со холдингот „Мигрос“ од Турција во 2004 година, кој оттогаш беше партнер кој учествуваше во деловните одлуки на македонската компанија. Но, од неодамна „Сити плаза“ донесе деловна одлука со која како целосен сопственик ја презеде сопственоста на „Рамсторе Македонија“ и планира да го вложи своето искуство и знаење во понатамошен развој на овој бренд и прилагодување на новите стандарди во трговијата.

Пред присутните гости се обратија и Озгур Торт, главен извршен директор на групацијата „Мигрос“ и претседател на Форум на потрошувачи CGF; Хасан Мехмет Секизќок, амбасадор на Р. Турција во Р.С. Македонија; Осман Арслан, претседател на Халк Банка во Р. Турција и премиерот Зоран Заев. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...