Работење

Лазар Ѓуров: Кризата ги вади лидерите на површина

23 Apr 2020

Кога ќе се измести тлото под нозете. Кога целосно ќе се смени начинот на живот и работење. Кога бизнисот не може да се одвива „as usual“. Кога старите правила веќе не важат. Кога постоечките процедури и процеси веќе не важат. Единствен начин да се заврши работата е лидерство.

Автор: д-р Лазар Ѓуров, универзитетски професор, обучувач и консултант

Постојат повеќе дефиниции и перспективи на феноменот лидерство. Во услови на криза, сите до една ни се потребни за да ја пребродиме и да излеземе посилни. Потребна ни е иновативност за наоѓање нови начини на функционирање – тоа е лидерство. Потребна ни е стабилност и брз „problem solving“ – тоа е лидерство. Потребно ни е покажување емпатија, силна поврзаност со тимот и влевање доверба – тоа е лидерство. Потребно ни е влијание врз другите за да ја гледаат ситуацијата на потребниот начин и да се движат во насоката во која ние сакаме – тоа е лидерство. Потребна ни е упорност, победнички mindset и решителност – тоа е лидерство.

Дали сите што раководеле во „мирновремени“ услови ќе се снајдат и во криза? Многу веројатно не. Зошто? Па, тоа е разликата меѓу да се биде лидер и да се биде менаџер. Менаџерот следи шаблони, почитува постоечки правила и процедури, планира и се движи според планираното, воспоставува рутини и бара тие да се почитуваат, врши контроли и бара доследност во системското работење. Во криза – нема правила. Изместена е рутината. Луѓето се под изразен стрес. Клиентите се однесуваат различно. Старите патеки не функционираат. Законитостите се нови и непредвидливи. Затоа може да се случи раководителите со изразен менаџерски пристап да се блокираат. Да не знаат каде да движат, како да работат, да се обидуваат да воспоставаат контрола на погрешен начин, да создадат дополнителен хаос обидувајќи се да се држат до старите шаблони.

Лидерите ја прифаќаат неизвесноста. Знаат дека одлуките мора да се носат врз основа на моменталните информации од теренот. Храбри се да размислуваат „out of the box“, да креираат уникатни решенија. Да преземаат иницијативи. Да тестираат брзо и да ставаат во погон нови решенија. Најважно од сè – емпатично да се поврзат со тимот. Да влеат доверба и сигурност и да го наметнат своето влијаение. Да ги тешат и водат луѓето. Да го најдат балансот меѓу заштитата и ризикот. Да успеат да ги утешат, но и да ги мотивираат луѓето за да дејствуваат и преземат акција и ги завршат задачите. Често и авторитетно да го организираат целиот процес, иако можеби другите и целосно не ја разбираат операцијата, но довербата прави да тргнат во акција верувајќи му на лидерот.

Многумина ќе се прашат како да препознаат кој покажува лидерски капацитети во тек на криза? Најпрвин, многу е важно да ја искористите кризата за навистина да направите практично работно „интервју“ за идните лидери и раководители во вашата компанија.

Што е важно да се забележи? Од каде да се почне?

Најпрвин, најклучна е стабилноста. Забележете кој покажува стабилност. Кој може да се носи со притисокот од кризната ситуација и да остане присебен, смирен, здраворазумен, сталожен и рационален. Кој има целосна слика за ситуацијата, не паничи, ги согледува фактите и останува фокусиран на креирање решенија. Стабилноста е подлогата без која нема можност за носење соодветни одлуки, а воедно и тимот брзо ќе ја изгуби довербата кога ќе лоцира дека лидерот не може да управува себе и дека е во паника или страв. Тоа автоматски го дисквалификува од можноста да го преземе „кормилото на бродот“, бидејќи гледаме дека е неразумен и под влијание на емоциите. Тоа значи дека нема да носи квалитетни одлуки.

Втора каратеристика е победничкиот и оптимистичкиот mindset. Човекот, кој во најголемиот мрак не губи надеж дека ќе ја најде светлината, е човекот што треба да води. Човекот, кој и кога сме долу, ни на крај памет не му доаѓа да размислува за откажување. Ни на крај памет не му доаѓа да почне да блада песимистички и црни сценарија. Тој е тој што треба да води. Оти нас ни треба некој што ќе нè извлече од темнината, а не да ни кукулека колку е темно. Кризата е одлична ситуација да ги истестирате mindset-ите на своите луѓе. Победниците и оптимистите се во групата на потенцијални лидери.

Третата каратеристика е брзината на размислување и способноста за креирање брзи, но издражани одлуки. Честопати овој квалитет се заменарува и потиснува од способноста на лидерот да привлече внимание и да биде харизматичен. Но, од праисторија до денес, ние потсвесно бираме за лидер (интелектуално) силна единка, која ќе донесе правилни и издражани одлуки како да стигнеме до целта. Способноста за брзо обработување податоци, разбирање на закономерностите и генерирање на издржани практични и лесно применливи идеи, е една од клучните способности.

Четвртата е како луѓето го примаат човекот. Дали го прифаќаат неговото влијание? Дали може да привлече внимание? Дали може да го задржи вниманието на себе? Дали кога зборува, луѓето го слушаат? Дали може да се изјасни кратко, јасно и разбирливо? Дали во рамноправна дискусија во група може да ги сослуша и другите до одредено ниво (во согласност со расположивото време), а на крај да го наметне своето решение (вградувајќи ги сите предлози од другите, во согласност со можностите). Бидејќи  едно е да си стабилен и да ти текнува, а друго е луѓето да сакаат доброволно да те слушаат и следат.

Искористете ја кризата. Набљудувајте ги своите вработените и раководители. Можете да се изненадите. Можете да видите дека најдобрите менаџери крахираат во криза. А во исто време, вработените или менаџерите кои во мирновремени услови немале предизвик, сега во криза можат да покажат огромен лидерски потенцијал. Бидете присутни и препознајте ги лидерите. И без двоумење, дајте им да водат. Направете специјални групи. Не се држете до стандардната организациска шема. Кризата бара специјални групи. Тоа секој добар генерал го знае. Бидете креативни. Препознајте го лидерскиот потенцијал во своите луѓе и без двоумење, дајте им можност да го искусат. Оти тоа е бесценето богаство. Пробајте и ќе се уверите самите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...