Вистински производ во соодветно количество
Доброто управување со побарувачката ѝ овозможува на компанијата да биде проактивна кон предвидената и реактивна кон непредвидената побарувачка.
Автор: Игор Ќика, извршен директор, „TQM консалтинг"
Управувањето со побарувачката е дел од процесот на управување со синџирот на снабдување, што ги доведува во рамнотежа барањата на клиентите со способностите на синџирот за снабдување. Тоа опфаќа и синхронизација со производните, набавните и дистрибутивните способности на компанијата. Доброто управување со побарувачката ѝ овозможува на компанијата да биде проактивна кон предвидената и реактивна кон непредвидената побарувачка.
Имањето на вистинскиот производ во соодветното количество на полиците ќе ја зголеми побарувачката и лојалноста на купувачот. Подобреното предвидување ќе ги намали резервите на суровини и на готови производи. Непречената оперативна егзекуција ќе ги намали логистичките трошоци и ќе го зголеми користењето на капацитетите. Ова подобрување ќе има позитивно влијание на сите членови во синџирот на снабдување.
Управувањето со побарувачката има стратешки и оперативни елементи.
Стратешки елементи на управување со побарувачката
- За стратешки процес потребно е:
- Да се одредат целите и стратегијата на управување со побарувачката;
- Да се дефинира текот на информациите;
- Да се планира текот на информациите;
- Да се одредат процедурите на синхронизација;
- Да се развие систем за управување со непредвидени случувања;
- Да се развие систем на мерења.
Тек на информациите во синџирот на снабдување
Слика 1: Приспособување на стратегијата во синџирот за снабдување
Слика: 2 Синхронизација на побарувачката и можности на синџирот за снабдување
Оперативни елементи на управувањето со побарувачката
Оперативен дел од процесот на управување со побарувачката се однесува на:
- Собирање информации;
- Предвидување на побарувачката;
- Синхронизација на побарувачката;
- Намалување на отстапките и зголемување на флексибилноста;
- Мерење на перформансите во процесот на побарување.
Предвидување на побарувачката
Предвидувањето е уметност и наука за гледањето на идните случувања. Во предвидувањето на побарувачката може да се користат историски податоци и да се проектираат во иднина со користење на некој математички модел. Може да биде субјективно и интуитивно гледање или може да содржи комбинација на едниот и на другиот, т.е. математички модел приспособен на човечкото расудување.
Предвидување на побарувачката според временскиот хоризонт покрива:
Краткорочно предвидување
Го покрива периодот до три години. Се користи за планирање на продажбата, производите, за финансирање и за анализирање на различните оперативни планови.
Долгорочно планирање
Покривајќи го периодот подолг од три години, ова предвидување се користи за планирање нови производи, капитални вложувања, лоцирање или ширење на објектите, истражување и развој.
Три главни предвидувања во планирањето на идните операции во организацијата:
1.Економските предвидувања се однесуваат на деловниот циклус на предвидените стапки на инфлација, дотек на пари и сл.;
2.Технолошките предвидувања се занимаваат со стапката на технолошки развој, што може да доведе до раѓање на нови производи, што бараат нови објекти и опрема;
3.Предвидување на побарувачката, кое служи како инпут за планирање на финансиите, маркетингот и луѓето.
Квалитативни и квантитативни предвидувања
Предвидувањата можат да бидат квантитативни и квалитативни.
Квантитативните предвидувања користат различни математички модели со историски податоци и причинско-последични променливи. Обично тоа се модели на временски серии и причинско-последични модели.
Квалитативните предвидувања се викаат уште и субјективни, бидејќи користат интуиција, емоции, искуство и систем на вредности за предвидување на иднината. Во таквите методи спаѓаат „Делфи" и анализата на пазарот.
Без оглед на тоа кој метод се користи, предвидувањата се состојат од следните чекори:
1.Одредување цели на предвидувањето;
2.Селектирање на производите што се предвидуваат;
3.Одредување на временскиот хоризонт;
4.Селекција на моделот на предвидување;
5.Собирање податоци;
6.Проверка на моделот на предвидување;
7.Извршување на предвидувањата;
8.Имплементација на резултатите.
Се вчитува следна вест...