Работење

Извезуваме: Позиционирање на италијанскиот пазар

19 Oct 2015
Зрел и софистициран пазар
 
На италијанскиот пазар има голема конкуренција, а италијанскиот потрошувач се карактеризира со изграден вкус, способност да го препознае квалитетот и да ги цени различностите меѓу исти типологии на производи
 
Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk
 
Според податоците од Државниот завод за статистика на Република Македонија, во првите седум месеци годинава Македонија оствари извоз во износ од 2,3 милијарди евра. Италија е шестиот најголем трговски партнер на Македонија. Во првите седум месеци годинава, остварен е извоз во вредност од 97,8 милиони евра, во споредба со истиот период минатата година, кога беше остварен извоз од 146,8 милиони евра на италијанскиот пазар. Иако сегашната ситуација покажува намалена вредност на извозот, сепак Италија останува еден од најзначајните економски партнери на земјава.
 
Постојат објективни поволни фактори за пораст на размената меѓу двете земји: географската и културната блискост, Коридорот 8 што поминува низ Македонија и Италија, поволните бизнис-услови, фискалната политика, квалификуваната работна сила, и двете држави се базираат на стопански и на производни гранки што се компатибилни. 
 
За можностите и за предизвиците на италијанскиот пазар, позборувавме со Иван Илиев, економски промотор во Италија од Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот (на сликата).
 
Според Илиев, Италија е зрел и софистициран пазар, каде има голема конкуренција од локалните компании, но и од други странски компании и тоа во сите пазарни сегменти. 
 
Од моето досегашно искуство со промоција на извозниот потенцијал на македонските производи во Италија, можам да кажам дека се реализирани успешни соработки меѓу македонски и италијански компании во текстилната, прехранбената и во агроиндустријата. Во најголемиот број случаи, станува збор за  производство и за извоз на производи според примери и формули од италијанските компании. Тоа што недостига е влез на брендирани готови македонски производи на италијанскиот пазар, пред сè создавање производ кој ќе биде конкурентен и ќе ги задоволи барањата на пазарот, објасни Илиев.
 
Тој се согласува дека тоа е потешкиот пат, кој подразбира инвестиции почнувајќи од квалитетот на производот, дизајнот на пакувањето, комуницирањето на  брендот, маркетинг-активности, промоција на саеми, наоѓање канали за дистрибуција, позиционирање на производот на пазарот итн. 
 
Во однос на можностите за пласман на производи на италијанскиот пазар, важат стандардите пропишани од ЕУ, иако, како што нагласува Илиев, во одредени случаи италијанските закони пропишуваат построги стандарди. Производите со влијание врз здравјето, безбедноста и врз животната средина се предмет на построга регулација.
 
Зависно од видот на производот, потребно е да се направи проверка на поважните технички барања поврзани со него. Овде се вклучени меѓународна акредитација, сертификација и стандардизација на производот, како и потребите за регистрација на интелектуална сопственост, односно дали производот или приватната трговска марка е регистрирана на италијанскиот пазар за да може да се извезе, истакнува тој.
 
Карактеристики на италијанскиот потрошувач
 
Во разговорот со Илиев, тој истакна дека италијанскиот потрошувач се карактеризира со изграден вкус, способност да го препознае квалитетот и да ги цени различностите меѓу исти типологии на производи. Според последното истражување на „Нилсен" – Италија, карактеристиките на италијанскиот потрошувач последните четири години бележат значителни промени и одат во насока на внимателни потрошувачи, ориентирани кон зголемено штедење и планирање. Овие промени во навиките на италијанскиот потрошувач се одраз на економската криза, резултат на големата конкуренција на пазарот. како и на забрзаниот стил на живеење со намалено слободно време. Не е за занемарување и сè поголемото влијание на социјалните медиуми и на интернетот, кои  во значителна мера ги променија потрошувачките навики.
 
Нови трендови во поглед на исхраната и на дизајнот на производите
 
Биолошката храна и здравата органска храна сè уште го имаат приматот во диктирањето на новите трендови во исхраната. Концептот green food  е тренд во пораст и најавува поголема популарност на производи карактеристични за вегетаријанската и за веганската кујна. Се забележува сè поголемо присуство на прехранбени производи кои не содржат глутен, не само во супермаркетите, но и во рестораните кои имаат приспособени мениа на специјалитети. Сé поголем замав зазема т.н. луксузен шопинг на прехранбени производи, кој подразбира храна со повисок квалитет, посвежа, туку и поскапа. Ова се објаснува и со традиционалните навики и наклонетост на италијанскиот потрошувач кон селективност и особено внимание при исхраната. Во овој дух останува пасијата кон рачно произведени занаетчиски производи, кои се подготвени со одбрани состојки и со тоа наликуваат на храна подготвена во домашни услови, нагласува Илиев.
 
Дизајнот на производите и на амбалажата игра важна улога: естетика, комуникација и претставување преку материјали, форми, бои и комбинација од мириси и од вкусови. Сето тоа влијае врз креирање на крајниот ефект.
 
Новиот тренд на исхраната најдобро е отсликан во принципите: добро, чисто и вкусно, кои заедно го дефинираат „новиот квалитет" кој ќе биде баран на пазарот. Ова се три елементи кои треба да ги има секој прехранбен производ за да биде квалификуван како квалитетен, изјави Илиев. 

 

Тој додава дека ова произлегува од потребата да се истакне нераскинливата врска меѓу храната и природата, која треба да биде сместена во сите фази на производство на еден прехранбен производ, почнувајќи од примарната материја до неговото финално консумирање, преку претходна преработка и дистрибуција до потрошувачот.

 

 
Понуда на традиционални производи специфични за одредена земја
 

Тоа што е интересно е дека италијанските потрошувачи се лојални на производите од домашно потекло, но, сепак, покажуваат интерес и за т.н здрави производи.

Важно е да се подвлече посебната наклонетост на италијанскиот потрошувач кон локалните производи произведени под етикетата Made in Italy, која ужива висок степен на доверба и претставува синоним за високи стандарди за квалитет. Ова во голема мера го отежнува пробивот на производи од странство и е особено изразено во традиционалните сектори, како тектсилната и прехранбената индустрија, производството на мебел и автомобилскиот сектор, рече Илиев, нагласувајќи дека пазарот покажува интерес за нови производи кои се вклопуваат во растечкиот тренд за здраво живеење. Оттука е популарноста на производи како црна сол од Хаваите или чоколаден крем со сок од агаве. 
 
Можност за понуда на специфични традиционални производи постои. Битно е да се осмисли добро стратегијата за нивен влез  и за промоција и да биде јасно дека сето тоа не е можно без инвестирање. 
 

Илиев препорачува дека за традиционалните македонски производи е добро присуството на специјализирани саеми, како, на пример, саемот Fiera del Artigiano во Милано, кој се одржува секоја година во првата половина на декември, трае девет дена и има повеќе од 200.000 посетители кои имаат можност да се запознаат и да ги купат изложените типични производи од повеќе од 100 земји од светот. Тој го истакнува фактот дека секоја година италијанските региони инвестираат во промоција на своите традиционални типични производи и покрај фактот дека се добро познати и се дел од навиките на секојдневниот италијански потрошувач. Тоа зборува за потребата од постојана промоција и комуницирање на брендот со потрошувачката јавност.

 
Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија покрај фокусот на привлекување странски директни инвестиции, преку работата на секторот за промоција на извозот и преку своите економски претставници во целните земји, посветува еднакво внимание на промоција на македонскиот извоз на странските пазари. Преку преземање континуирани мерки и активности за поддршка на домашните компании во насока на олеснување на пласманот на нивните производи на странските пазари, Агенцијата нуди пристап до пазарни информации за извозниците на целните пазари, можности за воспоставување контакти со увозници, дистрибутери, синџири на супермаркети и хипермаркети, информации за главните саеми и настани од соодветни индустрии, како и информации за извозните сектори во Македонија.
Веб-страница: http://www.investinmacedonia.com/
Tелефон: +389 2 3100 111

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...