Работење

Вработувањето лица со попреченост - Предизвици и можности во Македонија

19 Feb 2025

 Вработувањето лица со попреченост не е само прашање на законска усогласеност, туку и можност за компаниите да добијат лојални и посветени вработени кои можат да придонесат кон нивниот успех

Пишува: Елизабета Јовановска, сопственичка на „Абилитис нет“  

Во Македонија живеат 94.412 лица со различни видови попреченост, од кои значителен дел се соочуваат со тешкотии во пристапот до пазарот на трудот. Иако законите и државните програми обезбедуваат основна рамка за нивно вработување, реалноста покажува дека бариерите – физички, социјални и економски – сè уште го ограничуваат нивниот потенцијал. Ова прашање не е само правна обврска, туку и морална одговорност за создавање поинклузивно општество.

Законска рамка: Потенцијал што чека да биде искористен

Правото на вработување на лицата со попреченост е загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија, Законот за работни односи и Законот за вработување на инвалидни лица. Законот ги опфаќа сите компании што имаат над 50 вработени. Во Македонија сè уште не е казнив за компаниите кои не го почитуваат тоа, но ако видиме дека во цела Европа, па и во соседна Србија ова е казниво, треба да очекуваме дека во блиска иднина ќе стапи во сила и кај нас. Агенцијата за вработување нуди мерки како финансиски поттик за работодавците, адаптација на работните места и обезбедување опрема во согласност со потребите на вработените. На пример, работодавците кои вработуваат лица со попреченост може да добијат неповратни средства за вработување на неопределено време или финансиска поддршка за адаптација на работното место. Сепак, овие мерки често остануваат неискористени поради недостиг на информираност или долги административни процедури и пречки. Не мора да бидете заштитно друштво за да ги остварите правата за поддршка од државата. Заштитните друштва се важен чекор кон економска независност на лицата, но сепак не можат да ги заменат можностите што ги нуди отворениот пазар на труд. Но, за остварување на оваа финансиска поддршка, најчесто процесот е долг, а Агенцијата за вработување не нуди соодветен кадар за потребното работно место.

Примери што инспирираат

И покрај предизвиците, постојат позитивни примери каде што компаниите ја препознале вредноста на разноликоста во својата работна сила. Работодавците што вработиле лица со попреченост често сведочат за нивната дисциплина, лојалност и посветеност. Во поголемиот број случаи овие вработени ги надминуваат очекувања во извршувањето на работните задачи, а бенефитот кој го добиле компаниите се зголемување на продуктивноста на тимот и зголемување на профитот на компанијата.

Резултати од компании на светско ниво кои активно работат кон инклузија и активности за корпоративна социјална одговорност:

  • „Кока-Кола“ успешно имплементира инклузивни стратегии насочени кон лицата со попреченост, што доведе до зголемена видливост на брендот и пазарен удел;
  • Приходот од CSR активности за лица со попреченост за 2023 изнесува 834 милиони долари, што е зголемување од 193 милиони долари, или 30%, во споредба со 2022 година;
  • Компании како што се „Морган Чејс“, „Кока-Кола“, УПС, ЕЈ, ИБМ, „Волгринс“, „Старбакс“ и САП се примери кои ги покажуваат следниве резултати од примена на инклузивни практики:
    • Вработување лица со попреченост: 28% зголемена продуктивност во секторот;
    • Профит од активности: 30% зголемен бруто-приход;
    • Нови лојални купувачи: 75% испитаници пријавиле дека ќе купат производ кој му возвраќа на општеството и ја унапредува заедницата поради емотивно поврзување со брендот;

Бариери што го ограничуваат потенцијалот

И покрај законските мерки и успешните примери, лицата со попреченост се соочуваат со многубројни бариери при барање работа и вработување:

  • Физичка непристапност: Многу објекти и транспортни услуги не се приспособени за лицата со попреченост. Ова особено важи за лицата што користат инвалидски колички или имаат други телесни ограничувања;
  • Социјални стереотипи: Работодавците често имаат погрешни претпоставки за способностите на овие лица, што доведува до дискриминација при регрутирањето;
  • Недостиг на образовни можности: Ограничениот пристап до образование значително влијае врз квалификациите и подготвеноста на лицата со попреченост да бидат еднакви на пазарот на труд;
  • Транспортни бариери: Јавниот транспорт е често непристапен или недоволно адаптиран за потребите на лицата со попреченост. Ова ја ограничува нивната мобилност и пристап до работните места;
  • Психолошки предизвици: Недоволната самодоверба и стравот од дискриминација дополнително ги одвраќаат овие лица активно да бараат работа.

Трендови и идни насоки

Во последните години се забележува зголемена свест кај дел од компаниите во Македонија за потребата од инклузивност. Сепак, бројот на активни баратели на работа меѓу лицата со попреченост останува низок. Ова укажува дека е неопходно да се вложат дополнителни напори во следните области:

  1. Едукација и обука: Организирање семинари и кампањи за подигнување на свеста кај работодавците за придобивките од вработување лица со попреченост.
  2. Инфраструктурна адаптација: Подобрување на пристапноста во јавниот транспорт и работните места преку инвестиции во инфраструктура.
  3. Финансиски поттик: Зголемување на државната поддршка за компаниите што активно вклучуваат лица со попреченост во својата работна сила.
  4. Поддршка преку технологии: Воведување иновации кои ќе им помогнат на лицата со попреченост да ги извршуваат своите задачи поефикасно.

Вработувањето лица со попреченост не е само прашање на законска усогласеност, туку и можност за компаниите да добијат лојални и посветени вработени кои можат да придонесат кон нивниот успех. Со отстранување на бариерите – физички, образовни и психолошки – компанијата може да направи значителен чекор кон создавање поинклузивно општество каде што секој има еднакви шанси за успех.

 
За компанијата:

„Абилитис Нет“ е компанија која нуди доедукација и вработување на лица со попреченост.

За компаниите нудиме дата-база од работоспособни лица достапни за поврзување и ангажирање според потребите на компаниите и насоки до поедноставна административна процедура за целосна подготовка на работникот и компанијата за обезбедување на финансиската помош при вработување. Истовремено, изработуваме решенија за пристапност на сите попречености во вашите работни простори, по ISO стандарди, кои вклучуваат обука за инклузивност, пристапни простори, маркетинг-стратегии за освојување нов таргет на потрошувачи и изработка на кампањи за подигнување на јавната свест. Нашите специјализирани услуги помагаат во создавањето општествено одговорни стратегии за компании од различни сектори, вклучувајќи FMCG-компании, банки, хотели, корпорации и институции. „Абилитис Нет“ ја подигнува свеста и ги подобрува условите за вработување, овозможувајќи поголема економска и социјална интеграција. Контакт: Е-адреса: abilitis.net@gmail.com

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...