Во кризни времиња прво треба да се погрижите за базата. За својот постоен тим, кој има знаење, кој носи резултати, кој ја работи работата. Треба да се погрижите тој тим да биде стабилен и мотивиран.
Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba
Сведоци сме на еден многу интересен момент на пазарот на трудот. Или комплексен. Како и да го наречеме, ситуацијата значајно се промени во споредба со претходниот период, да речеме, од пред три години.
Промената се случуваше тивко, но станува сѐ погласна и погласна. Проширувањето на тимот со нови луѓе стана невозможна мисија. И има сѐ помалку критериуми до кои организациите се држат кога одбираат и сите се сѐ поблиску до единствениот критериум „само да сака да работи“.
Не е веќе ни важно за која позиција станува збор, за кое ниво – паниката е еднаква. И зезнато е. Вистинска криза.
И што се прави во криза – па, се прави тоа што никогаш не се правело и се дава што никогаш не се давало. Се даваат бараните износи на плати, колку и да се незамисливи. Се даваат автомобили, авиони и камиони. По системот Еве ти сѐ, само дојди.
И тогаш доаѓа, па ќе биде добар или нема да биде... Но, не се повлекуваат потези баш веднаш и баш радикално бидејќи поголема е неволјата да се најде нов. Па се крпи и се поправа. И што сѐ не се прави, а за големи пари. Така е, не ви давам да заборавите колку го плативте.
За целото тоа време, што се случува со луѓето кои веќе се тука? Кои работат веќе некое време. Неколку години или повеќе.., Па, гледаат тие сѐ. Размислуваат за тоа. И вадат свои заклучоци. Што и онака се „крчкаат“ на тивок оган. А тогаш, „зовриваат“ кога треба да сработат нешто дополнително или некој налутено им се обраќа. Или поради некоја причина која е целосно неважна. Но, „вриењето“ неминовно се случува.
И што се прави во криза – па, се прави тоа што никогаш не се правело и се дава што никогаш не се давало. Се даваат бараните износи на плати, колку и да се незамисливи. Се даваат автомобили, авиони и камиони. По системот Еве ти сѐ, само дојди.
И што тогаш? Ништо, исто како кога ручекот ќе ви претече – половина го нема бидејќи истекува надвор од тенџерето. И се прави голем неред, што ви предизвикува дополнителна работа. Исто е и тука. Само што тука исчезнува цел човек. Заминува. Во друга фирма, под Биро за вработување, лута по планини... Неважно, тој нема да се врати. А, вам ситуацијата нагло и уште повеќе ви се искомплицира. Имате неред и дополнителна работа.
Како да ја спречите катастрофата? Како и сѐ друго, многу лесно.
Во кризни времиња прво треба да се погрижите за базата. За својот постоен тим, кој има знаење, кој носи резултати, кој ја работи работата. Треба да се погрижите тој тим да биде стабилен и мотивиран.
Да ви објаснам подобро – ако на новиот му дадете 1.000 евра само за да го привлечете, а стариот ја работи истата таа работа за 600 евра, тогаш нешто мора да смените.
Бидејќи, ако стариот можеби не го погодува тоа во прв момент, бидејќи разбира дека ситуацијата е тешка, недостигаат луѓе, има многу работа, бла, бла.... тоа разбирање ќе се потроши. И се претвора во фрустрација, па во лутина и бес, и на крај – заминува.
Може на новиот сте му дале некои привилегии и бенефиции што старите ги немаат. Што се случува? Истото како и со разликата во парите. Прво на стариот не му пречи, па почнува да му пречи, па си заминува.
Или, на новиот му го посветувате целото внимание, го развивате и го бодрите, го фалите до небо, постојано зборувате со него... а старите? Па ништо, тие се стари во фирмата, не им треба тоа ним. Ооооо, како се лажете. Им треба. На сите им треба. И старите треба да ги пофалите, да ги охрабрите, да ги бодрите и развивате. И да разговарате со нив.
Не паѓајте во замката на претпоставки и не мислете дека на некој не му треба признание за работите бидејќи долго е тука и добил многу признанија. Или да претпоставите дека е ок да разговарате само со новиот бидејќи, па се разбира, нов е. Старите се тука, тоа си е во ред. Па, денеска се, а утре којзнае каде ќе бидат.
Да не набројувам понатаму, мислам дека ви е јасно. Погрижете се за луѓето што ги имате, основниот тим, базата, мора да биде стабилен. А, потоа е лесно да се вклучуваат и да се додаваат нови луѓе. Па и ако не можете баш веднаш да најдете такви нови какви што ви требаат, постојниот тим ќе ја премости кризата и ќе работи повеќе. Бидејќи се грижите за нив, а тоа им е важно.
Тие можат да се потпрат на фирмата, фирмата може да се потпре на нив. И така заедно си пловите кон зајдисонцето. Едноставно, зар не?
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.