Човечки ресурси

Иновацијата наша насушна

05 мај 2022

Дајте им на луѓето можност да бидат иновативни. Низ системот што ќе го поставите и што ќе ви одговара само вам и на вашата организација. Па ќе предлагате сите, наградите ќе ги делите и ќе давате признанија. Кога ќе добијат можност, луѓето прават чуда – особено оние од кои најмалку очекувате

 

Автор: Ениса Селмановиќ - Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba   

Кој за што, сите за иновациите. Мора да се иновира. Иновациите се иднината. Ние сме иноватори. Ние сакаме да бидеме иноватори. Иновираме затоа што сме успешни. Може да се продолжи со која било пригодна реченица, важно да го вклучува зборот „иновација“.

Кога ќе се каже зборот „иновација“, дел од луѓето помислуваат на великаните што ги измислија струјата, светилката, телефонот... не мора баш по овој редослед. И тука ја заклучуваат својата сопствена способност да иновираат оти реално, ај биди фраер па надмини ја струјата. Нема шанси.

Дајте му шанса на уште некој да смисли нешто и јавно да проговори за тоа. Па кога ќе си дојдете на себе од шок, можете да го пофалите и да го наградите.

Другиот дел од луѓето кога ќе чујат „иновација“, добиваат наплив на адреналин, напад на возбуда... Можат со денови да зборуваат за иновации, тек-тук со предзнакот „јас“, а понекогаш и „ние“, чисто за баланс. Не затоа што нешто измислиле, па имаат иновација за натпревар, туку затоа што знаат убаво да зборуваат за иновации. Дека тоа е супер. Дека тоа ни треба. Ве прашуваат како тоа не иновирате. И така натаму, и така натаму. Нема иновација, ама има приказна за тоа дека треба да ја има.  

Што е полесно – да се живее со товарот дека не може да се смисли ништо ново (оти сè е веќе измислено) или да се живее со уверување дека сте иноватор (ако нешто не е измислено)? Претпоставувам дека не е лесно ни едното ни другото, дека секоја насока има свој товар и тежина.

А што, воопшто, е иновација? Да, сите знаеме дефиниции, но тоа сега не нè интересира. Секојпат кога ќе смислиме како нешто од секојдневието да го правиме на начин што ќе биде побрз или полесен или ќе ни донесе некоја дополнителна вредност – тоа е иновација.

Првиот што веруваше дека Никола Тесла бил иноватор – сега падна во несвест смртно навреден од оваа беспоштедна банализација. Оној вториот што може со денови воодушевено да зборува за иновации – сега значајно кимнува со главата и се сложува. Не затоа што со мене се сложува. Туку ете, се споменува иновација, па што да прави освен да кима со главата.

Да се вратиме на мојата нежна дефиниција. Многу се зборува за иновациите и дека тие се иднината.

Е па, не се. Иновациите се сегашност. Се случуваат сега и мора да се случуваат сега за воопшто да има иднина.

Сега, кога тоа го прифативме, одиме понатаму. Каква врска имаат иновациите и луѓето? Па, многу едноставно – иновациите доаѓаат од луѓе. Тоа е тоа.

А, како да имате иновативни луѓе? Не е дека се лоши, си работат. Но никој од нив не смислил алтернативна форма на фосилните горива. Или струја. Аха, а со што се занимавате вие? Продаваме брашно.

Сега навистина, како да имате иновативни луѓе?

Прво, дајте им можност да бидат иновативни. Низ системот што ќе го поставите и што ќе ви одговара вам и на вашата организација. Па ќе предлагате сите, наградите ќе ги делите и ќе давате признанија. Кога ќе добијат можност, луѓето прават чуда – особено оние од кои најмалку очекувате. Намалете ги очекувањата. Не очекувајте фосилни горива или струја. Очекувајте мали чекори што ќе доведат до големи промени.

Од слава не се живее, па таа идеја треба да се награди и некако материјално. Некој сака пари, некој слободен ден, некој да напредува во кариерата, некој спа-викенд со жената... разговарајте со луѓето, дознајте што ги мотивира и направете систем на награди.

Второ, а врзано за првото – не занесувајте се дека вие сте единствениот мислител и нестрашлив визионер. И дека само вие имате идеи. Не е дека нешто се прославивте со нив. Дајте му шанса на уште некој да смисли нешто и јавно да проговори за тоа. Па кога ќе си дојдете на себе од шок, можете да го пофалите и да го наградите. Па така да ги поттикнете и другите иновативно да размислуваат. Подобро тоа отколку само да коментирате како никој нема никакви идеи. Дајте им можност, тргнете се настрана.

Трето, сега кога имаме луѓе што се вклучени и иновативни – тоа е феноменално, но треба и некако да ги следите и да ги реализирате. Немојте сега да станете бирократи. Ништо не ја убива животната радост како бирократијата. Таа ја убива и иновативноста. Ја убива толку, што никогаш веќе не се враќа. Заедно најдете некој фин, едноставен начин да ги проследите сите тие сјајни идеи, да ги реализирате и да ги наградите. Да искомуницирате за сите идеи и да им дадете признанија на сјајните иноватори. А, во секого се крие по еден срамежлив иноватор. Повторувам – едноставен начин. Едноставноста е клуч – кој предложи, дали го усвоивме предлогот, која е наградата, рок за реализација, дали е реализирано. И сè тоа можете да го ставите во една фина табеличка. 

Четврто, имаме идеи, имаме иноватори, имаме следење, сè имаме. Е сега – наградите. Веќе неколку пати ги споменав, но толку се важни што ќе им посветиме посебен простор. Да, само по себе е награда да се биде во опкружување во кое можеш да дадеш идеја, таа идеја да се реализира и некако сите да профитираат – па има ли нешто подобро? Има. Признание, по можност јавно – дека тој и тој се сетил, дека размислувал надвор од рамките, дека му е важно. Се сетил и браво за него. Браво! Од слава не се живее, па таа идеја треба да се награди и некако материјално. Некој сака пари, некој слободен ден, некој да напредува во кариерата, некој спа-викенд со жената... разговарајте со луѓето, дознајте што ги мотивира и направете систем на награди според тежината на идејата. Бидејќи логично, нема да дадете наградно патување во Монте Карло за идејата да се купат помали спојници бидејќи постојните се големи и тешки.

На крај, погрижете се секогаш да бидете транспарентни: и како може да предложат, и кој ги разгледува нивните идеи, и кој што предложил, и кои се наградите, и што ќе се реализира, а што нема... сè треба да биде транспарентно. Така луѓето ќе веруваат во системот што сте го поставиле, така ќе бидат поттикнати да го пуштат оној срамежлив иноватор да излезе и да збесне. Така ќе чувствуваат гордост и припадност.

Така ќе станете иноватори. Иноватори од сегашноста кои креираат иднина.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...