Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ - Салкиќ: Знаењето е благосостојба

19 авг 2021

Бидете свесни колку не знаете. Спознајте што треба да знаете. Откријте како ќе научите. Научете. Тестирајте. Применете. Победете

   Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, основач и извршна директорка на агенцијата „Консултор“

Или, така некако. А, всушност, е спротивното. Поточно, ако посакувате добро за себе и за својот бизнис, тим, кариера... продолжете ја низата. Ниту знаењето не е благосостојба, бидејќи учењето е трајно и бескрајно. Но, навистина е пат кон благосостојба.

Работата е многу едноставна. Завршуваме школи, факултети и што уште не. Се закитуваме со титули и звања. И тогаш почнуваме да работиме. И престануваме да учиме. Земаме, за потребите на оваа приказна, едно човече, ќе го наречеме Мики. Нема некоја посебна приказна зошто се вика така, веројатно отсекогаш сум сакала да раскажувам приказна за некој што има име што е прекар. Главно, Мики.

Мики заврши училиште, факултет, мастер... с. И почна да работи. Работа од соништата. Во својата струка, секако. И среќен поради тоа, почна професионална кариера. И му одеше многу добро некои десетина години, додека не дојде Мики 2.0 и го прегази. Повеќе фигуративно отколку буквално. Нашиот прегазен јунак почна да работи, а престана да учи. Бидејќи тој сè знае, сè разбира. Завршил школи. Нашиот антијунак, кој во реалноста е вистинскиот јунак, Мики 2.0, беше многу свесен за своето незнаење, па и кога почна да работи – продолжи да учи. Кога стигна до овој што не учеше, го прегази како плиток поток и продолжи понатаму. Мики да остане млад референт, а Мики 2.0 да биде менаџер.

Така е и со бизнисот. Така е и со тимот. Ако вие и вашите луѓе не учите, конкуренцијата ќе ве прегази. А тогаш е доцна за каење.

Сега кога сфативме дека, сепак, треба да учиме, ајде да видиме и како ќе учиме. Да, и тоа треба да се знае.

Веднаш ќе ве предупредам – нема скапо знаење. Скапо е само незнаењето. Сè што ќе платите да научите, ќе ви се врати повеќекратно.

Па, нема сега од страв да учите сè што ќе ви падне в раце. Соберете се и фокусирајте се. Прво размислете за тоа што воопшто треба да знаете за да можете да работите добро. Што треба да знаете за вашите резултати да бидат подобри. Што треба да знаете за да бидете подобри од конкуренцијата.

Во следниот чекор утврдете колку знаете. Колку вашите луѓе знаат, а колку е потребно да знаат. Не утврдувајте што не знаат, тоа ни е јасно. А, нема корист од тоа. Не учеле, ајде сега нека почнат.

Кога знаете што ви треба и кога знаете колку не знаете, ајде сега да видиме како ќе дојдете до знаење. Веднаш ќе ве предупредам – нема скапо знаење. Скапо е само незнаењето. Сè што ќе платите да научите, ќе ви се врати повеќекратно. Сè што нема да научите за да заштедите, ќе ве стигне кога најмалку очекувате. А тогаш со злато ќе платите.

Во дигиталната ера постојат безброј начини како да дојдете до потребните знаења и вештини брзо и поволно, некогаш дури и бесплатно. Само треба малку да се потрудите.  

Исто така, постојат многу канали преку кои можете да разменувате искуства и така да научите. Или, да видите како некој друг го прави тоа што вие не го знаете, па и така да учите.

За посебни знаења, ви требаат стручни лица. Во ред, најдете ги и платете ги. Поставете јасни цели, јасно кажете ги очекувањата и договорете како ќе проверувате дали трансферот на знаења бил успешен. Следете го процесот, активно учествувајте, учете и вие.

За посебни вештини ви се потребни и посебни школи. Најдете ги и запишете се. Учете, разменувајте искуства. Научете, применете во работата и напредувајте. И вие и вашата работа.

Само немојте да не правите ништо. Само немојте да штедите на знаење, а да не штедите на нов ултрамодерен автомобил, на пример.

Вашите луѓе мора да знаат што не знаат. Морате да им помогнете да го научат тоа. Морате да ги водите за да го применат тоа знаење.

Да ги повториме чекорите. Бидете свесни за тоа колку не знаете. Утврдете што треба да знаете. Откријте како ќе научите. Научете. Тестирајте. Применете. Победете.

Истото направете го и со вашиот тим. Вашите луѓе мора да знаат што не знаат. Морате да им помогнете да го научат тоа. Морате да ги водите за да го применат тоа знаење. На крај заедно ќе ги берете плодовите од тоа учење.

Знаењето е сè, знаењето е единственото нешто што може да ве одведе напред. Единственото што може да ве промени и да ве направи подобри.

Знаењето е благосостојба. Немојте никогаш да престанете да учите.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...