Продажба

Биљана Филиповска: Напред кон природата

26 Jan 2016

Алтернативните модели за поврзување на потрошувачите со производителите се произлезени од потребата да се дадат одржливи одговори и решенија на проблемите со кои се соочува светот и производството на храна денес.

Автор: Биљана Филиповска, основач на Прва задруга на потрошувачи на органска храна „Наша добра земја", www.dobrazemja.org

Од поголемите предизвици на денешнината, би можеле да се истакнат: прекумерното (неповратно) загадување од земјоделството и изумирање на почвата; загадување преку транспорт на производите; загадување на подземните води; отуѓување и целосна раздвоеност на консументите од производителите на храна (однос без доверба, пополнет со маркетинг и со многу пестициди); пораст на нееднаквоста – големите доминираат и загадуваат, а малите пропаѓаат и не можат да се изборат за да опстанат; зголемување на бројот на луѓе со прекумерна тежина, а истовремено и зголемување на бројот на гладните во светот...

Во развиените земји јавно се дискутира за овие проблеми, како и за тоа кое е најодржливото системско долгорочно решение. Или, како што луѓето во засегнатите кругови си го поставуваат прашањето, како да им оставиме здраво наследство на нашите внуци?

Алтернативните модели за купопродажба, како одговор на овие проблеми, самоиницијативно почнуваат да се дефинираат во светот уште во 1970 година во Јапонија, по 80-тите години се развиваат и во Европа и во Канада, а во последните години и на Балканот (во Хрватска и неодамна во Македонија). Нивната цел не е само да ја остварат својата практична цел на постоење (на пример, набавка на органска храна), туку членувањето во нив е и директен начин за изразување критицизам кон актуелниот доминантен начин на одгледување храна.

Едно од главните начела на алтернативните модели за набавка на храна е производот да овозможи директна врска меѓу купувачот и личноста што ја произвела храната, а со тоа и со земјата што реално ја „одгледала" таа храна.

Во различни земји, овие иницијативи носат различно име (на пример, во Хрватска се наречени групи за солидарна размена) и може да имаат мали разлики во начинот на организација. Сепак, нивниот вредносен систем секаде е сличен или ист.

Задругите (или кооперативи, како што се наречени во западните земји) се групи од граѓани кои се здружени формално или неформално. Членовите на задругата се и нејзини сопственици, со право на глас, кој се стекнува преку еднократен паричен влог и се враќа во целост, доколку некој од членовите одлучи да замине. Со тоа, секој член има директно влијание врз начинот на кој се раководат активностите во задругата. Доколку се оствари профит со работењето, тој се користи во согласност со статутот на задругата, т.е. во согласност со принципите на нејзиното постоење.

Задругите може да бидат мали, со 50 членови, но има и такви што вработуваат по десетици илјади (на пример, „Мондрагон" во Шпанија и „Џон Луис партнершип" во Англија). Ако задругата е регистрирана, тогаш таа подлежи на законите за трговски друштва, а неформалните групи функционираат волонтерски и непрофитно. Структурата на управување и во едниот и во другиот случај е хоризонтална и одлуките се носат транспарентно, со учество на членовите. Во ценовната политика, креирањето на цените е фер и прифатено од двете страни (и од производителот и од потрошувачот).

Социократскиот принцип е консензус, на некој начин. Се аргументира и се дискутира сè додека сите можат „да живеат" со одлуката, се волонтира на фармите и се создава однос на доверба и на договор со производителот. Храната веќе не претставува само потреба, туку и зближување со природата. Од друга страна, поинаку се гледа на процесот на производството и тој се цени повеќе.

Во насока на зголемување на одржливоста и на подобрување на еколошкиот печат, задругите се стремат кон целосно исфрлање од употреба на амбалажниот материјал (особено пластиката), целат кон целосна рециклажа и повторна употреба на материјалот што може да се користи (ротација на амбалажата со производителите), а се организираат и акции за собирање амбалажа.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...