Маркетинг

Минтел: Брендовите и инфлуенсерите (реални и виртуелни)

24 Jan 2024

Загриженоста за негативните последици од лажните содржини на инфлуенсерите води до зголемен фокус на автентичноста, додека истовремено, растечката возбуда за виртуелната реалност и метаверзумот претставува можност за користење и на виртуелни влијателни лица.

Извор: „Минтел“www.mintel.com

Со оглед на тоа што денешните потрошувачи стануваат сè помудри за инфлуенсер-маркетингот, начинот на кој брендовите ги користат влијателните луѓе за промоција ќе се развива во две различни насоки. Загриженоста за негативните последици од лажните содржини на инфлуенсерите води до зголемен фокус на автентичноста, додека истовремено, растечката возбуда за виртуелната реалност и метаверзумот претставува можност за користење и на виртуелни влијателни лица.

Сузбивање на лажниот адвертајзинг

Во април 2022 година агенцијата „Огилви“ објави дека повеќе нема да соработува со инфлуенсери што ги уредуваат или ретушираат нивните тела или лица во рекламите. Овој потег ја нагласува зголемената контрола и регулација на содржината на инфлуенсерите, бидејќи расте загриженоста за тоа како тие можат негативно да влијаат врз менталната благосостојба на луѓето, особено на помладите. Поголемиот дел од брендовите ја ставаат автентичноста во преден план и во фокус на инфлуенсер-маркетингот, нагласувајќи ги нивните заложби за прикажување на „вистинската слика“, која поцврсто ги поврзува со потрошувачите.

Недостигот на веродостојност е фактор број еден што предизвикува нервоза и одбивност кај потрошувачите за одредена објава од спонзориран инфлуенсер.

Истражувањето што го спроведе „Минтел“ ја нагласува важноста од веродостојноста на инфлуенсер-маркетингот. Недостигот на веродостојност е фактор број еден што предизвикува нервоза и одбивност кај потрошувачите за одредена објава од спонзориран инфлуенсер.

Денес, инфлуенсер-маркетингот е далеку од почетоците и потрошувачите се свесни за триковите – од различни филтри и ретуширања до неискрени препораки. Освен тоа што треба да користат необработени слики и видеосодржини, за да биде рекламата веродостојна, брендовите треба да вложат многу труд во потрагата по веродостојни инфлуенсери за кои луѓето искрено мислат дека го користат производот, а не да се ангажираат тие што имаат најголем број следбеници. Тоа значи стратегија за откривање на микроинфлуенсерите, односно влијателните луѓе со помалку следбеници, но ангажирани, кои за препораките чувствуваат и знаат дека се реални.

Денес, инфлуенсер-маркетингот е далеку од почетоците и потрошувачите се свесни за триковите – од различни филтри и ретуширања до неискрени препораки.

Поврзување со виртуелни инфлуенсери

Додека, од една страна, брендовите се фокусираат на автентичноста и реалноста на нивните инфлуенсери, од друга страна, постојат и многу можности да се оди во сосема спротивна насока со „лажни“, односно виртуелни инфлуенсери. Оваа стратегија вклучува компјутерски генерирани слики кои создаваат карактер на социјалните медиуми, кој не е вистинска личност. Истражувањето на „Минтел“ покажува дека речиси половина од луѓето што следат влијателни личности на социјалните мрежи се заинтересирани за виртуелен инфлуенсер.

Потенцијалот на виртуелната реалност во сите области од животот доби нов поттик откако Марк Закерберг од „Мета“ ја претстави визијата за метаверзумот, дигитален свет што користи проширена и виртуелна реалност. Оттука произлегоа и виртуелните инфлуенсери како нов маркетинг-концепт. Голем број компании, како на пример „Диор“, веќе почнаа да ги истражуваат стратегиите за маркетинг на своите брендови со виртуелни инфлуенсери, а истражувањето на „Минтел“ покажува дека потрошувачите се поврзуваат со нив.

Сè додека виртуелната природа е јасно видлива, потрошувачот ќе се чувствува дека не е измамен.

Ажурирање на маркетинг-стратегиите

Иако метаверзумот, како што е замислен и опишан од Закерберг, сè уште е далеку, овој веќе постоен интерес на потрошувачите за виртуелни инфлуенсери ги зголемува изгледите за низа потенцијални нови можности за рекламирање на брендовите сега и во иднина. Доколку виртуелните светови навистина станат позначаен аспект во животот на луѓето, тогаш виртуелните инфлуенсери ќе имаат значајна улога. Во поблиска иднина брендовите со сигурност ќе се поврзуваат и ќе експериментираат со виртуелни/дигитални инфлуенсери.

Виртуелните инфлуенсери најдобро ќе функционираат за поамбициозни и полуксузни брендови, каде што релатибилноста не е нужно основна компонента за нивната привлечност. Без какво било преправање дека некој инфлуенсер е реален, брендот ќе биде слободен да биде покреативен и експериментален. Сè додека виртуелната природа е јасно видлива, потрошувачот ќе се чувствува дека не е измамен.

Друга важна предност од користењето виртуелни инфлуенсери е тоа што тие ќе имаат помал ризик за репутацијата за брендот. Со партнерство и соработка со реална личност од социјалните мрежи што секојдневно е изложена на интернет, брендот секогаш ќе биде ранлив на нејзиниот начин на однесување, кој нема секогаш да биде соодветен на неговиот имиџ.

Заклучок

На почетокот од пандемијата многумина претпоставуваа дека ќе дојде до одредена дистанца од инфлуенсерската култура, со оглед на тежината на настаните што се случуваа. Сепак, тоа не се случи и луѓето продолжија да поминуваат сè повеќе време гледајќи содржини од инфлуенсерите на социјалните мрежи. Тоа беше доказ дека нивната важност за брендовите се зголемува. Пазарот на инфлуенсери треба да се развива, но со зголемен притисок на веродостојноста и автентичноста на виртуелните содржини што се споделуваат.

Во основата на двете насоки на развој – ангажирање реален или виртуелен инфлуенсер, е поголемата транспарентност. Потрошувачите се сè поупатени за манипулациите на инфлуенсерите и очекуваат да има јасна дистинкција дали некој инфлуенсер е вистински или лажен, наместо да останат „заглавени“ во чудниот меѓусвет на актуелните инфлуенсери.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...