Маркетинг

КАМПАЊА: Не пиј додека пловиш

21 јул 2022

За да ги потсети луѓето да се воздржат од пиење алкохол додека се на море, „Карлсберг“ – Шведска постави подводен бар во туристичкото место Смеген на шведскиот западен брег.

Длабоко под површината на морето, во близина на шведското туристичко место Смеген, се наоѓа бар на „Карлсберг“, кој предупредува за опасноста од пиење и пловење.

Барот со назив „Don’t Drink and Boat“ (Не пиј додека пловиш), всушност го симболизира последниот круг на дното од морето, бидејќи тука ризикуваат да завршат тие што пловат со чамци и бродови под дејство на алкохол. Наместо тоа, подводниот бар ги поканува посетителите да се напијат безалкохолно пиво под надзор на локален водич за нуркање.

Просторот што го зафаќа барот е околу 3,5 метри во ширина и 2,5 метри во висина. Барот е целосно опремен со шанк, столчиња закотвени на морското дно, светлоцрвен неонски знак над шанкот, фрижидер и чепови за точење пиво, а на менито има само безалкохолно пиво.

Како голем производител и дистрибутер на пиво, имаме и голема одговорност за тоа како се консумираат нашите пијалаци, изјави Хенрик Бистром, менаџер за комуникации во „Карлсберг“ – Шведска.

Пловните несреќи и случаите со давење поради алкохол се во пораст во Шведска. „Карлсберг“ се повикува на студија од Шведската агенција за транспорт, која порастот на случаи на поморски несреќи го припишува на консумацијата на алкохол.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...