Instory

Елико олива гарден: Сериозното количество е императив

21 Jun 2019

Маслиновото масло е нераздвоен партнер на добрата храна, кое може да раскаже интересни приказни за тие што се расположени да ги слушнат. Тоа има шаренолика лепеза од чудесни вкусови и ароми, поради што достигнало речиси култно ниво. Низ вековите се користело како храна, лек, за осветлување, за производство на сапуни, за различни ритуали... Не е познато каде точно почнало првото производство на маслиново масло, иако според некои податоци тоа би можело да биде во 4 милениум пр.н.е. во Израел. Оттаму маслинката се пренела низ целиот медитерански басен. Денес иако маслинката е распространета низ целиот свет, поголем дел од производството на маслиновото масло доаѓа од медитеранските земји (Шпанија, Португалија, Италија, Франција, Грција), но квалитетно производство имаат и Хрватска, Турција, Тунис, Израел, Алжир, Калифорнија... Каде е Македонија на таа мапа?

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Бизнисменот Раде Петровски, по професија градежен инженер, е сопственик на „Елико олива гарден“, фирма која се занимава со производство на екстра девствено маслиново масло. Тој речиси три децении ја води софтверската компанија „Елико софт“, а веќе 12 години раководи и со градежна компанија. Третата, најмладата „Елико олива гарден“, која е основана во 2016 година, е еден сосема нов бизнис за него.

Идејата за новата компанија потекна од тој што ми беше партнер. Тој инсистираше заедно да влеземе во бизнисот за производство на екстра девствено маслиново масло. Година и пол ја избегнував неговата идеја затоа што ова за мене беше целосно непозната област. Нормално, што и да се работи, треба добро да се познаваат и фелата и луѓето, а не само бизнисот... Тоа подразбира и технологија, технолози, многу работи... На крај, по толку инсистирање – прифатив, раскажува Петровски.

Тој долго размислувал за идејата. Сфатил дека голем дел од луѓето од неговата генерација отвориле винарници, потег што бара многу време и огромна организација. И производството на маслиново масло бара работа и време, но малку е поразлично. Знаете, како доаѓаат годините, сфатив дека човек се врти кон тој тип производство. Ја нема таа динамика, како во бизнисот со софтвер и хардвер, каде што промени се случуваат на дневна основа. Едноставно, тешко е да се следат промените, а камоли да се имплементираат. За млад човек тоа е во ред, го правев тоа 30 години. И сега по нешто работам за старите добри клиенти... Претходните бизниси сакам полека, полека да им ги оставам на младите, тие повеќе да се ангажираат. Сепак, мислам дека производството на маслиново масло е некако посоодветна работа, што може со мерак да ја работи човек на моја возраст, објаснува тој.

Патот од идејата до реализацијата бил исполнет со многу нови работи што требало да се научат. И, како што вели Петровски, сè уште учи. Најпрвин контакти со сосема нови луѓе од една друга фела, набавка на оптимална опрема за работа, постојани консултации со деловни грчки колеги. Решивме суровините да ги набавуваме од Грција. Дојдов до сознание дека колку појужно, толку поквалитетен производ. За мене сè тоа беше ново – трпезна маслинка или мастоидес, наменета за производство на масло... Освен тоа, тој сакал да навлезе и да го следи и тоа што се случува на светскиот пазар, што значат Италија и Шпанија како најголеми производители на маслиново масло, потоа Турција, Грција, Хрватска, помалите како Албанија... Тоа што ми беше најинтересно како идеја и ми претставуваше најголем предизвик e и Македонија да ја ставиме на таа мапа, каде што претходно ја немало. Тоа, нормално, бара многу сериозен пристап, истакнува Петровски.

Нашиот соговорник е свесен дека во денешно време од извонредно голема важност за стратегиски одлучувања во еден бизнис се и аналитичките податоци од истражувачките агенции. Затоа тој вели дека постојано соработува со агенција за да има увид што бара пазарот и во кој насока да се оди. Потрошувачката на маслиново масло во земјава, како и во светот, е со нагорен тренд, а според податоците што ги добива, македонскиот пазар и не е баш количински за занемарување.

Тоа што ми беше најинтересно како идеја и ми претставуваше најголем предизвик e и Македонија да ја ставиме на мапата со земји-производители на маслиново масло.

Фаза на преструктурирање

„Елико олива гарден“ е една од ретките компании во земјава за производство на екстра девствено маслиново масло. Тој вид масло се добива со пресување на плодот само со физички процес, без хемиски и топлотни процеси. Процесот е наречен ладно пресување, а продуктот што се добива е чисто и природно масло, извлечено од плодот.

Маслото Елико олива гарден се пакува во стаклена амбалажа од 0,5 и 0,75 литри. Може да се користи во исхраната како масло за зачинување на салати, преливи, сосови и сл., а може да се употребува и како масло за готвење. Изобилува со минерали, витамини А и Е, (не)заситени масни киселини, како и со моќните антиоксиданси – полифеноли, вели Петровски.

Компанијата е со седиште во Скопје, а погонот досега се наоѓаше во индустриската зона Раброво, Валандово. Во моментот кога го правевме интервјуто Петровски ни откри дека се во фаза на преселба на погонот во Гевгелискиот Регион. Освен тоа, интензивно преговараат за да обезбедат уште пет-шест хектари за насад на маслинки, кои подоцна би ги користеле во сопственото производство.

Сфатив дека не е само да произведеш нешто, потребно е и некаде да се позиционираш. Дали ќе останеш тука или ќе направиш нешто посериозно и ќе одиш напред. А, за да стигнеш некаде, мора да имаш количество и континуитет во квалитетот.

Фазата во моментов повеќе е инвестиција, техника... Ова не е некој голем бизнис ако нема солидно количество. Затоа, брзаме за да се реструктурираме, да го направиме тоа што ни е во план за да можеме да понудиме сериозно количество, истакнува Петровски и додава дека зголемувањето на количеството нема да значи компромис со квалитетот.

Според него, иако на македонскиот пазар побарувачката за маслиново масло се зголемува, сепак, земјава е мал пазар за што било, па и за ова. Производството сепак треба да биде насочено, ако не подалеку, барем кон регионот – Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, па и Бугарија. Нормално, како и за секоја работа, бара време. Сепак, треба да се работи на количеството, без тоа нема бизнис.

Претходно неколку странски клиенти покажале интерес за маслиновото масло Елико – од синџир ресторани од Лондон, клиенти од Швајцарија, Токио... Сите тие релации го натерале нашиот соговорник да биде уште поцврст и подециден во своите ставови: Сфатив дека не е само да произведеш нешто, потребно е и некаде да се позиционираш. Дали ќе останеш тука или ќе направиш нешто посериозно и ќе одиш напред. А, за да стигнеш некаде, мора да имаш количество и континуитет во квалитетот. Тоа важи за сите производи. Всушност, тоа е и слабоста на македонските производи. Потребни се многу средства, труд, посветеност и верба за тоа да се достигне, вели Петровски и додава дека времето ќе покаже, но тој останува голем оптимист.

Тоа е и неговата порака: Сериозност со опрема, технологија, количество и квалитет.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...