Instory

Чоко авиаторс: Страст кон височините, преточена во чоколадо

23 May 2017

На спортскиот аеродром Стенковец, бр. 151А, во Визбегово, се наоѓа малиот производствен погон на микрокомпанијата „Чоко авиаторс". Тој мал погон е местото каде што се создаваат вистински мали слатки ремек-дела – чоколадни лижавчиња и пралини изработени од квалитетно чоколадо и моделирани во најразлични форми, како и најновите стограмски чоколада, кои се спој на темното, белото и на млечното чоколадо во три варијанти – со боровинка, лимета и со брусница; со ананас и со кокос и третото – со вишна, ванила и со кајсија. Цвеќиња, овошки, животни, месечини, авиони, пирати, принцези... се само дел од веселото чоколадно портфолио. Билјана Кукуловски, која е главниот „виновник" за тие интересни чоколадни креации, ни ја раскажа приказната за почетокот на „чоколадните авијатичари", најинтересните моменти од развојот, пробивот во малопродажбата, за плановите и за очекувањата.

 

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

 

Лет во светот на чоколадата 

 

Компанијата „Чоко авиаторс" постои од ноември 2013 година. Сакав да работам нешто приватно, а идејата за чоколадниот бизнис дојде случајно, како инспирација од патувањата низ Европа. Ги гледав бројните чоколатерии во европските земји, кои ми беа интересни и се решив за нешто слично, бидејќи кај нас тоа го немаше. Идејата ми беше тоа да биде мало производство, а не класична чоколатерија како продажен салон, вели Билјана.

 

Луѓето најчесто се љубопитни и прашуваат за името на компанијата, што во превод значи „чоколадни авијатичари". Таа ни раскажа дека е страствен љубител на авионите и уште од дете се занимава со падобранство, едриличарство и со авијација: Едноставно, авијацијата ми е во гените. Татко ми целиот живот беше пилот, а и мојот сопруг е пилот. Решив името да го посветам на целата таа група луѓе што се занимаваат со авијација, кои за мене се специфични и ми значат. Затоа одбрав и на логото да стои авионче.

 

„Чоко авиаторс" е микропретпријатие со пет вработени. Иако во бизнисот не учествуваат други членови од семејството, сепак Билјана вели дека има голема поддршка од сопругот за нејзините одлуки, а честопати бара и совети од него. Рецептурата за чоколадата (процент на масти, какао, путер...) е целосно на „Чоко авиаторс", па и суровините се одбираат според таа рецептура. Комплетниот дизајн на брендот Choco aviators произлегува од соработката со агенцијата „Аксис": Кажуваме што ни е идејата, како би сакале да изгледа и тие тоа го изработуваат. Материјалите ги избираме заедно, дискутираме и заеднички решаваме како на крај ќе изгледа финалниот производ. Генерално, и јас многу се ангажирам околу тоа, можеби затоа што малку сум перфекционист.

 

Како особено значаен момент во досегашната работа на „Чоко авиаторс", Билјана ја издвојува поддршката од Фондот за иновации и технолошки развој, која, како што вели, се појавила во вистинскиот миг. Сосема случајно, го видела конкурсот објавен од Фондот, аплицирала со проект и кажала зошто ѝ се потребни средствата. Ми го одобрија проектот, кој траеше една година. Дел од средствата беа искористени за нови машини, дел за подобрување на амбалажата. Но, не само што добивме финансиска поддршка, туку и многу ни помогнаа во однос на контакти, семинари и на едукација. И претходно бизнисот одеше по нагорна линија, но многу побавно. Веројатно, ќе ни беа потребни неколку години без нив за да стигнеме до таму каде што сме сега, раскажува нашата соговорничка.

 

Патот до полиците и до клиентите

 

По првичните охрабрувања, брендот Choco aviators е подготвен за полиците на големите маркети. Билјана признава дека тој пат не бил ни малку лесен и дека барал, и сè уште бара, многу работа, упорност и вложувања. Компанијата има сопствена дистрибуција и производите ги доставува и до локалните продавници низ Скопје, а надвор од главниот град, брендот е присутен во поголемите супермаркети во Битола, Куманово и во Тетово.

 

Од конкуренцијата, Билјана вели дека не се плашат, но се плашат од таа што е нелојална. Се посветивме да правиме висококвалитетно чоколадо, кое не содржи хидрогенизарани масти, палмини масла итн. Тука е нашата борба. Голем дел од потрошувачите прашуваат зошто тие би го платиле нашето чоколадо, кога има многу поевтини, но не можете секому да објасните. Се соочуваме со нелојална конкуренција, но тоа е нашиот пазар, знаевме однапред што нè чека, заклучува таа и додава дека нивната конкурентска предност е во убаво дизајнираниот производ, кој е атрактивен и квалитетен.

 

За среќа, на пазарот постојат клиенти што се спремни да го препознаат и да го купат тој производ. Доказ за тоа се и големите компании, клиенти на „Чоко авиаторс", меѓу кои се „Т-мобиле", „Мерцедес", ЕВН, „Тиквеш", градежни фирми..., за кои изработуваат пралини со корпоративни логоа.

 

Кога ќе сумираме, нашите клиенти се од 2 до 90 години, со насмевка вели Билјана. 

 

Освен што интензивно работи на олеснување на извозот,
„Чоко авиаторс“ подготвува и продажен салон, кој
би требало да биде отворен до септември. Салонот
повеќе ќе биде како изложбен простор, каде што
потрошувачите и клиентите ќе можат да го видат целото
портфолио.

 

Признанија и идни планови

 

Минатата година на јубилејното 10. издание на манифестација „Претприемач на годината", „Чоко авиаторс" го освои второто место во категоријата микропретпријатија. Нашата соговорничка ни откри дека не очекувале оти ќе добијат награда, бидејќи, според неа, сè уште се на почетокот и уште многу треба да се изработи. Сепак, едно такво признание, за нив претставувало голем поттик.

 

Дополнителен поттик добиваат два месеци подоцна, со учеството на најголемиот саем за производители на чоколада и на бонбони – ИСМ во Келн, Германија, каде што имало голем интерес за нивните производи. Освен интересот, на саемот добиле и конкретни понуди од компании од Австрија и од Холандија.

 

Моментално, тоа ни е борбата. Се бориме со проблемот што не сме дел од Европска Унија, а имаме нарачки од тие земји. Ако бевме земја членка на ЕУ, ќе немаше потреба од таа документација, сè ќе беше многу полесно. Како еден од начините за да го олесниме патот кон извозот, размислуваме за подружница во Хрватска или во Словенија. Патот кон извозот е долг, бара многу работа и дополнителни финансии, но мора да работиме на тоа. Како ќе биде понатаму – ќе видиме, вели Билјана.

 

Освен што интензивно работи на олеснување на извозот, „Чоко авиаторс" подготвува и продажен салон, кој би требало да биде отворен до септември. За тоа, поттикот дошол од интересот од клиентите, кои постојано прашувале каде може да се види целото портфолио: На крај, решивме дека можеби би било паметно да отвориме еден мал продажен салон, кој повеќе ќе биде изложбен салон и луѓето ќе можат да видат сè со што се занимаваме.

 

Размислуваат и за уште некој нов производ до крајот на годинава...

 

Билјана ни откри и дека е мајка на 10-месечно бебе и дека сака да упати порака до жените-претприемачи: Со сигурност можам да потврдам дека е многу потешко да си жена-претприемач отколку маж, но, воедно, би им дала совет на жените да не се плашат туку, напротив, амбициозно да ги остварат целите во работата. Сè се може, но секако, со мала поддршка.

 

 

 

За крај, што би можеле да им посакаме на луѓето кои веќе ги освоиле небесните височини, освен со истата страст да ги освојуваат и височините во бизнисот.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...