Регионално

Марина Савиќ, „Атлантик група“: Настојуваме да бидеме динамичен систем

07 окт 2020

Во време на предизвици, најстабилните компании ја имаат најголемата предност, но и најголемата одговорност, бидејќи од нив се очекува да ги испорачаат зацртаните цели по секоја цена. Поминувајќи низ тешките периоди и непредвидливите услови, „Атлантик група“ успеа да опстане прилично безбедна, да создаде услови вработените да се чувствуваат сигурни и позитивно да придонесе кон општеството и потрошувачите. Приказната на Марина Савиќ, која е вработена во оваа компанија веќе три децении, сведочи за развојот на „Атлантик група“ низ бројните транзиции, турбулентни времиња и успесите.

Интервју со Марина Савиќ, раководител за корпоративна комуникација за Србија и Македонија во „Атлантик група“

Да се работи за истата компанија цели 30 години е знак на двострана доверба и посветеност, но и импресивна упорност да останете во истото опкружување во добро и во лошо. Што се промени во текот на овие три децении? Ако ја имавте шансата одново да бирате, дали нешто би промениле или би го избрале истиот пат во кариерата?

За сите овие години работно искуство поминав низ неколку сопственички трансформации и реорганизации, како и различни начини на работа, но останав во истиот систем, што можеби се должи на сплет на добри околоности.  Накратко, почнав да работам во „Соко Штарк“, набргу следуваше припојувањето на „Гранд кафе“ и словенечката „Дрога Колинска“. Потоа во 2010 година беше остварена една од најуспешните аквизиции во регионот и денес работиме во рамките на системот на „Атлантик група“. Преку приспособување на овие промени, се менуваа и моите позиции и се надоградуваше мојата кариера. Покрај тоа, се менуваше и општеството, како и начинот на работа и размислување на компанијата, а да не ни зборувам за технолошкиот развој и процесите на дигитализација. Но, суштината е да се приспособиш и да ги прифатиш промените. Во „Атлантик група“ сме свесни за тоа и постојано работиме и на процесите, и на луѓето. Настојуваме да бидеме еден динамичен систем, кој брзо се приспособува не само на барањата на пазарот и на потрошувачите, туку и на потребите и очекувањата на вработените. Со компанијата и нејзините вредности се менуваме и надградуваме и ние, па веројатно ако би морала пак да бирам, би го избрала истиот пат.

Ако зборуваме за корпоративната комуникација, наједноставно кажано, таа подразбира одговорна комуникација кон вработените, деловните партнери, заедницата во која работите, медиумите, односно достапноста до сите релевантни информации за сите наши корисници.

За да бидеш успешен на пазарот, мора да имаш добар производ, а за да имаш добар производ мора да го познавач просечниот потрошувач. Тука главна улога игра односот со потрошувачите и начинот на кој една компанија дава и добива информации. Кои се важните работи во светот на пи-ар комуникацијата во моментов? Колку сегашната комуникација е поинаква од порано?

Со појавата на пазарната економија, компаниите почнаа да комуницираат со јавноста, но тоа првично беше еднонасочна комуникација. Денес комуникацијата е двонасочна, базирана на дијалог и тоа е основната разлика. Без дијалог денес еден бренд не може да се развива, ниту да биде успешен. Ако зборуваме за корпоративната комуникација, наједноставно кажано, таа подразбира одговорна комуникација кон вработените, деловните партнери, заедницата во која работите, медиумите, односно достапноста до сите релевантни информации за сите наши корисници. Но исто така, поради двостраното разбирање со нашата јавност, важно ни е да бидеме и добар соговорник и да ги чуеме различните потреби, ставови и идеи на сите наши стејкхолдери, бидејќи само така можеме на вистински начин да одговориме на очекувањата. Тоа всушност е и основа на одговорното и одржливо работење. Значи, отворената и искрена комуникација е најдобра гаранција за доверба, додека градењето доверба и добри односи со јавноста се суштината на оваа професија. Резултатот е респектабилна компаниска репутација, како одгледало на сето тоа што го работиме и комуницираме.

Низ тешките и непредвидливи моменти што ја обележаа 2020 година досега, „Атлантик група“ мораше да се приспособи најдобро што умее, за да ја задржи стабилната позиција на пазарот. Како компанијата го направи тоа? И дополнително, како придонесе за нејзиното опкружување што помалку да ги чувствува суровите ефекти на глобалната пандемија?

Светот се бори со пандемијата на коронавирусот повеќе од шест месеци, а во „новото секојдневие“ сите учиме да живееме и да работиме. „Атлантик група“, благодарение на диверзифицираното портфолио на силни брендови, преку правовремени реакции како одговор на кризата и доброто стратешко планирање, а со целосна посветеност на вработените, успеа во првите шест месеци да покаже високо ниво на стабилност и да постигне добри деловни резултати со минимални негативни последици. И не само тоа, туку сите успеавме и да го задржиме позитивниот дух и заедништвото, да се избориме со најтешките епидемиолошки предизвици на сите пазари и да го зачуваме здравјето на вработените. Многу брзо ја приспособивме организацијата и начинот на работа во смени и од дома, како и логистиката и работата на терен и сето тоа функционира одлично. Негативните влијанија на рестриктивните мерки во вонредната ситуација во голем дел се надоместени со остварените резултати од продажбата на нашите стратешки брендови во малопродажбата. Благодарение на стабилната финансиска позиција, со зачувување на сите работни места и платите што одат и доаѓаат со нив, компанијата можеше активно да се вклучи во борбата против коронавирусот донирајќи вкупно 3,7 милиони евра за елиминирање на ефектите од пандемијата на сите клучни пазари, во координација со локалните кризни штабови и институции што беа одговорни за заштита на луѓето од заедницата. Најголемиот дел од наведениот износ се однесува на донации наменети за набавка на медицинска опрема, особено респиратори и материјали, неопходни за ефикасно работење на здравствените институции во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија и во Црна Гора, а еден дел од нив вклучува и донација на производи на здруженијата во координација со националните штабови, исто така на сите пазари на кои дејствуваме.

Грижа, отвореност, страст и пораст се нашите корпоративни вредности, кон кои се стремиме и кои се манифестираат преку подготвеноста да се излезе надвор од комфор-зоната.

Вашата работа како раководител за корпоративни комуникации за Србија и Македонија во „Атлантик група“ Ве става во позиција да имате директен или индиректен однос со многу засегнати страни, клиенти, потрошувачи и соработници. Кои се главните карактеристики што ги барате кај една личност за да бидете сигурни дека можете да ѝ верувате и да соработувате?

Грижа, отвореност, страст и пораст се нашите корпоративни вредности, кон кои се стремиме и кои се манифестираат преку подготвеноста да се излезе надвор од комфор-зоната. За да ја негуваме оваа култура, најважно е да привлечеме луѓе што имаат потенцијал да живеат во склад со нашите основни вредности. Во тој контекст, мотивацијата, насоченоста кон целта и енергијата, но и подготвеноста да се помогне на другите се тоа по што трагаме, бидејќи кога ќе се совпаднат вредностите на компанијата со поединецот, доаѓа до полна реализација на потенцијалот и задоволство за двете засегнати страни. Од професионален аспект, во „Атлантик група“ особено се нагласува поединецот како интегрирана личност, со максимално почитување на различноста, без разлика на полот, националната, верската и каква било друга припадност, како и можноста за сопствен развој и поддршка на сите аспекти на еден здрав и задоволен вработен.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 


Слична содржина



Виолета Ковачевиќ, Меркатор-С: Создаваме нови можности за развој на домашната економија

23 апр 2020

Ѕеферино Монини: Балканот е област со гастрономска традиција

23 апр 2020

Мерима Џевдетбеговиќ: Кризата треба да се гледа како промена, а не како крај

23 апр 2020

Драган Бокан: Кризата ги одложи плановите за ширење во соседните земји

23 апр 2020

Мери Кени, ФАО: Во време на пандемијата, секој мора да се приспособи

23 апр 2020

Ненад Манчериќ, „Певекс“: Им нудиме севкупно искуство на потрошувачите

23 апр 2020
Вчитува уште новости...