Со преземањето на словенечкиот синџир „Кеа“, „Студенац“ ја започна својата меѓународна експанзија. Драган Башкарад, член на управата за оперативни работи на „Студенац“, ги открива плановите за натамошното ширење, предизвиците на пазарот на трудот и како планираат да бидат водечки малопродажен синџир во регионот.
Разговараше: Јелена Лазариќ, jelena@b2media.org
На почетокот од септември „Студенац“ успешно го презеде словенечкиот малопродажен синџир „Кеа“ и така започна со ширење надвор од границите на Хрватска. Како тоа ќе влијае врз работата на „Студенац“?
Од 2018 година „Кеа“ е нашата јубилејна, десетта аквизиција, а воедно прва надвор од границите на Хрватска. Вклучувањето 32 продавници од овој успешен малопродажен синџир во „Студенац“ е важен потфат кон засилувањето на нашата работа и се надеваме дека е почеток на нашиот меѓународен пат. Словенија ја сметаме за еден од најатрактивните и најразвиени пазари во Средна и Источна Европа, што ни дава единствена можност за почеток на таканаречениот извоз на нашиот деловен модел.
На словенечкиот малопродажен пазар доминираат продавници од големи формати. Од друга страна, концептот на proximity продавници, оние што се во непосредна близина на купувачите, сѐ уште е недоволно развиен. Веруваме дека таму постои силна потреба за раздвојување на продавниците кои ги задоволуваат секојдневните потреби на купувачите.
Во врска со тоа, моментално на словенечкиот пазар не постои јасен лидер во proximity концептот, што остава многу простор за истакнување на сите предности на нашиот модел.
Всушност, затоа во Словенија гледаме голема можност за интеграција на нашиот докажан успешен концепт и со „Кеа“ како наш прв сопатник планираме да станеме препознатлив и водечки малопродажен синџир на продавници во соседството. Сметам дека „Студенац“ може значително да придонесе во разноликоста и во квалитетот на понудата во Словенија, додека истовремено ја засилува својата присутност и конкурентска позиција на регионалниот пазар.
Со оглед на состојбата на малопродажниот пазар во Хрватска, колку има простор за натамошна консолидација преку аквизиции, т.е. органско ширење?
Органското ширење е темелот на денешната пазарна позиција на „Студенац“. Од 2018 година „Студенац“ отвори над 450 нови продавници низ Хрватска. Врз основа на нашите анализи, сѐ уште постои значаен простор за натамошно органско ширење во Хрватска, со оглед на многубројните локации во делови од земјата кои се погодни за форматот на „Студенац“. Веруваме дека тоа е една од нашите компаративни предности.
Од друга страна, деветте големи успешни аквизиции во Хрватска покажаа дека ширењето на нашата мрежа и на овој начин може да биде важен чекор на нашата стратегија за раст. Од 2018 година до крајот на август 2024 година ја проширивме нашата присутност со спојување на 700 продавници во мрежата на „Студенац“, вклучувајќи 36 продавници на „Децентиa“, нашата најнова аквизиција на „домашен терен“, со која ја засилуваме својата позиција во главниот град на Хрватска. Благодарение на интеграцијата на „Децентиa“ во „Студенац“, купувачите денеска можат да нѐ пронајдат на повеќе од 140 локации на подрачјето на градот Загреб. Веруваме дека хрватскиот малопродажен пазар нуди значителни можности за натамошна консолидација, првенствено поради неговата фрагментираност и растечката важност на купувањето во непосредна близина, што е во согласност со нашиот деловен модел.
При изборот на добавувачи, клучните критериуми се квалитетот на производот, сигурноста на испораката и усогласеноста со нашите цели за одржливост.
Кои се главните стратегии што ги користи „Студенац“ за да се издвои на пазарот, да привлече нови купувачи и како го гледате развојот на секторот во следните пет години?
Нашата главна стратешка цел е да станеме водечки малопродажен синџир во регионот, познат по уникатниот концепт на соседски продавници кои во средиштето на својата работа ги ставаат купувачот и неговите потреби. Водејќи се од јасната визија, ја развиваме работата преку отворањето нови сопствени продавници, придружување на малите синџири во нашата мрежа и континуирано инвестирање во модернизација и унапредување на постојните продавници.
Сметаме дека се издвојуваме на пазарот благодарение на сите предности што ги носи концептот на нашите продавници кои се во непосредна близина на купувачите. Навиките на купувачите се менуваат, па тие сѐ почесто прават мали пазарења. И ние сакаме да обезбедиме да го прават тоа безгрижно во нашиот „Студенац“, каде што можат да најдат и „ситно“ и „важно“.
Според најновиот извештај на Даночната управа, малопродажбата покажала силен раст во првите осум месеци од годинава, а во „Студенац“ очекуваме овој тренд на лична потрошувачка да продолжи долгорочно. Најновите бројки покажуваат дека растот ќе биде доследен во текот на целата година, односно дека Хрватска ќе бележи рекорди не само во текот на сезоната, туку ќе напредува целата година. Тоа потврдува дека потрошувачката се стабилизира, а тоа за иднината на секторот малопродажба е исклучително важно. Исклучителен показател на растот на потребите и потрошувачката на купувачите неоспорно е порастот на издадени сметки во продавниците, секој месец од оваа година издадени се неколку милиони сметки повеќе во споредба со периодот од пред пандемијата. Исто така, од март 2023 година порастот на платите во Хрватска го надмина растот на цените, што ја зголеми куповната моќ на потрошувачите. Од сите тие причини, нашите очекувања се темелат на цврсти показатели дека потрошувачката расте поради зголемената куповна моќ на потрошувачите, што е клучно за идниот развој и подобрување на животниот стандард, малопродажниот сектор и целокупната економија.
Кои се Вашите клучни принципи и вредности кога станува збор за водењето на тимот и управувањето? Како се справувате со предизвиците поврзани со работната сила, особено во текот на туристичката сезона?
Денес, нашиот тим се состои од над шест илјади вработени, а околу 90 од нив се вработени во нашите продавници. Тие се нашата најголема сила и клуч за успехот на „Студенац“ - тие се соседи на нашите купувачи и го претставуваат „Студенац“.
Свесни за предизвиците на пазарот на трудот во малопродажниот сектор и важноста од задржување на нашите вработени, ние сме исклучително фокусирани на подобрување на условите за работа и воведување различни поволности за нашите вработени. Без мотивирани вработени, денес „Студенац“ не би бил малопродажен синџир со најмногу продажни места во Хрватска и најбрзорастечки синџир во однос на приходите во последните пет години. Свесни сме дека целиот наш тим е голем и важен дел од тој успех.
Иако статистиките достапни на servisus.hr покажуваат дека платите на нашите вработени во продавниците растат побрзо од просекот во индустријата, позиционирајќи нѐ во овој сегмент над просекот во споредба со другите трговски синџири во земјата, сепак сме исклучително фокусирани на подобрување на условите за работа и воведување различни поволности за нашите вработени. Затоа, не престануваме да ги следиме потребите и барањата на пазарот и планираме да продолжиме да воведуваме промени и да дејствуваме со цел да создадеме работна средина во која сите наши вработени ќе се чувствуваат ценети и мотивирани.
Прашањето за достапноста на работната сила е исклучително широка и важна тема на европско ниво, а комерцијалниот сектор во Хрватска, особено за време на туристичката сезона, не е исклучок. Пристапуваме стратешки и проактивно. Привлекуваме кандидати со многубројни поволности и можност за постојано вработување, односно останување во „Студенац“ и по сезоната. Покрај наоѓањето нови вработени, големо внимание посветуваме и на задржување на постојните.
Кога станува збор за управување со тимот, верувам дека тоа се заснова на принципите на постигнување извонредност, поттикнување на иновациите и транспарентната комуникација и обезбедување висок ангажман на вработените. Како член на Управниот одбор, верувам дека лидерството е првенствено прашање на пример, па затоа се трудам преку моите постапки да покажам посветеност, интегритет и визија. И еднакво важно, се стремам да растам со своите луѓе.
Сметаме дека денеска се издвојуваме на пазарот благодарение на сите предности што ги носи концептот на нашите продавници кои се во непосредна близина на купувачите.
Колку за „Студенац“ е важна соработката со домашните производители и како ги одбирате партнерите од нив?
Убедени сме дека со поттикнување на локалното производство директно придонесуваме за развојот на заедницата во која работиме. Покрај зајакнувањето на бизнисот на многубројни производители, со тоа придонесуваме и за квалитетот на производите во нашата понуда. Нашиот примарен фокус е поддршка на малите домашни производители и OPG кои ги споделуваат вредностите на квалитет и одржливост со нас. Сепак, ние не ги поддржуваме исклучиво со купување на нивните производи, туку започнуваме кампањи во кои сакаме гордо да го претставиме нивниот импресивен труд во јавноста.
Така, со кампањата „Вкуси го локалното“ на јавноста ѝ претставивме мали семејни фарми кои работат напорно и вредно за да можат да се купат најквалитетни производи на полиците на „Студенац“. Дополнително, преку нашата општествено одговорна програма „Чекор поблиску до заедницата“ во 2023 година го започнавме проектот „Славонија во срцето и во 1.200 наши продавници“, со кој дополнително ги охрабривме малите производители да ни се придружат во нашата мисија за обезбедување квалитетни локални производи за купувачите на „Студенац.“
Кои се клучните критериуми што ги земате предвид при изборот на добавувачи? Како ги одржувате долгорочните и успешни односи со Вашите добавувачи?
При изборот на добавувачи, клучните критериуми се квалитетот на производот, сигурноста на испораката и усогласеноста со нашите цели за одржливост.
Одржуваме долгорочни односи со добавувачите преку транспарентна комуникација, редовни процени и заеднички проекти кои придонесуваат за заеднички раст. Ние се стремиме да изградиме партнерство засновано на доверба и меѓусебно почитување. Оваа стратегија ни овозможува стабилност во синџирот на снабдување и континуирана достапност на висококвалитетни производи за нашите купувачи. Сметаме дека силната соработка со добавувачите е исклучително важна за долгорочниот успех и одржливиот раст на „Студенац“.
Можете ли накратко да ни претставите како се одвиваше Вашиот деловен пат?
Во управата на „Студенац“ се вклучив во првиот квартал на 2020 година.
Јас сум задолжен и одговорен за оперативните работи на компанијата, а неодамна го презедов и управувањето со синџирот на снабдување. Така, во последните речиси пет години, по турбулентниот период што го „сервира“ пандемијата, ја водам оптимизацијата на малопродажните процеси и имплементацијата на новите стандарди со цел да се обезбеди ефикасност на нашите повеќе од 1.300 продавници низ Хрватска. Пред да дојдам во „Студенац“, работев во водечки компании за малопродажба во регионот, како „Конзум“ во Босна и Херцеговина, каде што бев извршен директор, и „Станиќ Трејд“, каде што бев одговорен за развој и проширување на малопродажбата. Дипломирав на Економскиот факултет на Универзитетот во Мостар и денес го применувам моето искуство и знаење со цел да го подобрам мојот бизнис и да го приспособам на новите пазарни предизвици.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.