Особините и одликите на еден квалитетен и модерен менаџер се гледаат од испорачаните резултати и од иновативноста во насока на заедничка корист и добивка за компанијата
Бобан Младеновски, менаџер за транспорт во „Теско“ – Велика Британија
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Бобан Младеновски, кој од неодамна е унапреден во менаџер за транспорт во „Теско“ – Велика Британија, отсекогаш сакал да работи со интернационални компании, но не ни помислувал за ангажман во друга земја. Повеќе се надевав дека тоа ќе биде некаква соработка со почести патувања, но сакав да останам дома, вели тој. Сепак, неговата одлука се променила при една приватна посета на Велика Британија...
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 7 декември 1981 година, Крива Паланка.
Образование: Правен факултет во Скопје; Британско право со специјалност за Англија и за Велс на АРУ – Лондон; фандрејзинг со правна база на податоци на Обединетото Кралство – „Вестлоу“; сертификати од продажба и од маркетинг; сертификат од Националната здравствена служба на Велика Британија за управување во кризни ситуации.
Кариера:
- Офис-менаџер во „Менс легис“, Скопје (од 2004 до 2006 година);
- Менаџер на тим и одговорен за продажба во „Диро“, Скопје (од 2006 до 2009 година);
- Менаџер на дилерска мрежа во „Киа моторс“ – Македонија (од 2009 до 2011 година);
- Супервизор во „Тун папирус“, Скопје (од 2012 до 2014 година);
- Сопственик и менаџер на „СМБ груп инт.“, Скопје (од 2014 до 2017 година);
- Специјалист за работење на магацин во „Лидл“ – Велика Британија (2017 година);
- Магацински соработник во „Теско“ – Велика Британија (од 2017 до 2020 година);
- Координатор во магацин во „Теско“ – Велика Британија (од 2020 до 2021 година);
- Менаџер во дистрибутивен центар во „Теско“ – Велика Британија (од 2021 до 2023 година);
Моментална функција: Менаџер за транспорт во „Теско“ – Велика Британија (од мај 2023 година).
Хоби: Пешачење покрај Темза, истражување на Лондон, патувања, посета и учество на настани од автомобилската индустрија, дружење со семејството и пријателите.
Брачна состојба: Оженет со Слаѓана, две деца – Марко (14 години) и Меланија (7 години).
Почеток на здрави основи
Првиот филм што Бобан како дете го гледал во кино бил „Топ ган“, по што добил инспирација и тој да стане пилот. Детската желба се променила и како што растел и се занимавал со спорт, сакал да стане врвен фудбалер... По завршената гимназија во родниот град, сепак се одлучил за правните студии во Скопје.
Уште како студент почнав да барам работа за дополнителен приход, но и за одредено работно искуство. Имав среќа што видов оглас во правна фирма која бараше практиканти и без двоумење аплицирав. По успешното интервју, почна мојот прв професионален ангажман, се сеќава тој.
Како практикант ги учел основите на канцелариското работење, комуникација со колегите, институциите и со клиенти, најчесто од други земји-инвеститори. За кратко време бев промовиран во одговорно лице во фирмата и ги научив основите на правното работење, изработувањето правни мислења, застапување на суд итн. Овој период го паметам како многу позитивен, одлична основа за понатамошниот развој во кариерата. Прв пат се сретнав со професионална работна средина, која ме научи на важноста од тимско работење за постигнување заеднички успех, истакнува Бобан и додава дека во тој период стекнал и многу добри пријателства, од кои некои прераснале дури и во роднински врски.
Со текот на времето нашиот соговорник добивал различни понуди за работа. Тоа за него било еден вид сатисфакција, а размислувал и дали да ја продолжи кариерата во правните води или по друг пат. Понудата што ја добил од првата фирма што работела увоз и продажба на автомобили му била многу интересна затоа што неговиот примарен ангажман бил одговорно лице на подружницата за рентакар. Сопствениците беа заинтересирани да влезат во тој сегмент и ми понудија да бидам прв човек што ќе го води и развива бизнисот. Не ми беше лесно да одлучам, но на крај пресуди љубовта на еден млад човек кон автомобилите, возбудата што ја носи овој бизнис, но и финансиската страна. Набргу станав одговорен и за продажбата на автомобили...
Во тој период Бобан научил многу за менаџирањето, комуникацијата со странски компании, начинот на нивно работење, дисциплина, точност, посветеност итн. За него била многу важна и комуникацијата со домашните фирми-дилери: Во овој период запознав прекрасни луѓе, професионалци во работата, вредни и посветени. Тие беа главната движечка сила за да дадам сè од себе. Љубовта кон автомобилите постои и денес и мислам дека ќе остане до крајот на мојот живот.
Сето тоа што претходно го имам работено ми дава голема предност да продолжам понатаму.
Фокус на решенијата
Иако имал многу контакти, Бобан не сакал да ја напушти родната земја и да замине во странство. Улогата на сопруг и татко уште повеќе го зацврстувала тој став. Првата понуда за работа во странство ја добил во 2010 година – ангажман во Дубаи преку американска компанија. По добивањето работна виза и авионска карта се премислив буквално 24 часа пред летот. Пресудно за да не се качам на авионот беше нашиот син, кој тогаш имаше една година. Сепак, како што годините минувале, со сопругата се согласиле дека ако некогаш повторно се укаже некоја слична понуда, посериозно ќе ја разгледаат. И се случи... Во 2016 година при една туристичка посета на Велика Британија стапив во контакт со менаџер во „Лидл“ – Велика Британија преку брат ми, кој веќе живееше таму. Комуникацијата ја продолживме и по моето враќање во Скопје, при што ми објасни дека имаат проект за одвојување на дистрибутивните центри – еден за храна и еден нов магацин за другите артикли. По размена на мислења и комуникација преку интернет, бев повикан во Лондон на официјално интервју, раскажува Бобан.
Иако со сопругата биле во слична ситуација како и претходно – ќерката имала една година, откако добил позитивен одговор, почнала неговата кариера во странство: Колку и да изгледаше примамливо промената на средината, оставањето на семејството и воопшто целата транзиција беше многу тешка. Но, бев решен дека ќе успеам и ќе дадам сè од себе, ќе учам и ќе напредувам... Бев решен да се фокусирам на решенијата, а не на проблемите и да гледам напред кон целта.
Работата во мултинационална компанија води до нови контакти, така што се случила и средбата со менаџер во „Теско“, кој во неформален разговор на Бобан му понудил таму да ја продолжи кариерата: Заклучив дека можам многу повеќе да напредувам во поголема компанија, број еден на британскиот пазар, со повеќе од 300.000 вработени. По интервјуто, следувал и новиот ангажман, кој нашиот соговорник го сфатил мошне сериозно. Носен од желбата за понатамошно напредување, преку соработник станав координатор на оддел во дистрибутивниот центар, а со тоа добив можност и да се школувам во компанијата. За време на обуката, која траеше една година, со менторот постигнавме незапаметени резултати и тоа во време на пандемија. Резултатите не останаа незабележани, така што по успешната обука бев промовиран во менаџер во дистрибутивниот центар.
Тој признава дека работењето на оваа позиција може да биде многу стресно бидејќи во центарот имало илјадници луѓе од повеќе од 43 земји од светот. Но, но од друга страна, Бобан потенцира дека е многу исполнувачки кога со заеднички сили се исполнуваат зададените цели и таргети на компанијата. Две години по ред бев оценуван со одлични оцени од компанијата и од вработените. Особено сум горд на наградата „татко на годината“, која ја добив со мнозинство гласови од вработените.
На почетокот од годинава Бобан бил повикан на разговор за трансфер во одделот за транспорт. По неколкумесечни разговори и договарања, од 30 април и официјално станува менаџер за транспорт во „Теско“. Примарна грижа на транспортот е да обезбеди безбедна, брза и ефикасна услуга за маркетите, запазувајќи ги сите законски регулативи. Исто толку важна е и грижата за вработените, обезбедување сигурност и стабилност за непречено работење. Тој признава дека работата во транспортот е предизвикувачка, но од друга страна го мотивирала да ги изучува законските регулативи, норми и насоки: При крај сум со изучувањето на британското право на универзитетот АРУ – Лондон, така што оваа работа не можеше да дојде во подобар момент.
За професионализмот, животот и за успехот
Бобан истакнува дека сите успеси се резултат на вербата, поддршката од семејството, љубовта кон работата, посветеноста, ефикасноста, образованието, флексибилноста... Но, најголемиот предизвик секогаш е соочувањето со себеси – разликата во социјалниот живот и комплетната промена на начинот на живот.
За една личност успешно да работи и да напредува во кариерата, според Бобан, мора да има соодветно знаење, желба за континуирано учење, фокусираност на резултатите, клиентите и најмногу на вработените. Ова се квалитети што се градат со образование и искуство. Сметам дека во голема мера ги поседувам, но тоа се вештини што се флексибилни. Неопходна е континуирана едукација, следење на најновите текови во сопствената индустрија и пошироко. Особините и одликите на еден квалитетен и модерен менаџер се гледаат од испорачаните резултати и од иновативноста во насока на заедничка корист и добивка за компанијата.
Бобан вели дека во животот има донесено многу погрешни одлуки, но кога станува збор за кариерата, смета дека ги има донесено вистинските. Сето тоа што претходно го имам работено ми дава предност да продолжам понатаму. И покрај исклучителните резултати, продолжувам напорно да работам и да се едуцирам за мојот најголем успех во кариерата допрва да дојде, заклучува тој на крајот од разговорот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.