Во групацијата минатата година продадовме повеќе од 100.000 тони пилешко месо, односно производи, што во историјата на „Перутнина Птуј“ беше рекорден резултат.
Разговараше: Игор Ѓуровиќ, igor.durovic@instore.si
Енвер Шишиќ е регионален директор на најголемата прехранбена компанија во Словенија и најголем регионален производител на пилешко месо и производи со силни и регионално препознатливи брендови. Во Словенија дошол во 1992 г., за време на војната во БиХ. По завршувањето на студиите на Биотехничкиот факултет во Љубљана, во 1998 година се вработил во „Перутнина Птуј“ како развоен технолог. Во 2003 година го презел раководењето со производството на готвени јадења, како и поголеми инвестициски проекти во странство. Меѓу 2007 и 2010 г. ја извршувал функцијата директор на „Перутнина Птуј“ БиХ. Од 2011 до 2012 година бил директор за стратешки развој на ниво на групација, а во 2012 бил назначен за директор на месната индустрија „Птуј“. Потоа преминал во „Лакталис“ како директор на „Дукат“ во Загреб. Кон крајот на 2016 г. ѝ се вратил на старата љубов „Птуј“ како извршен директор за производство. Сега е на позицијата генерален директор на најголемата прехранбена компанија во Словенија.
Дали со пандемијата, која го промени светот, се промени нешто во Вашето работење? Како ќе го споредите периодот од почетокот на пандемијата и сега?
Кога сето ова почна, бевме изненадени и тоа беше страв од непознатото, но подоцна знаевме да се приспособиме. Ако го погледнеме нашето интерно опкружување, ние со успешно управување со процесите и со ефикасна комуникација го ублаживме тој страв. Со оглед на специфичноста на производството, поголемо приспособување во дневното работење не беше потребно. Ние и во нормална ситуација работиме со маски, ги дезинфицираме рацете и се грижиме за хигиената бидејќи работиме со намирници. Ако погледнеме како ситуацијата се одрази врз пазарот, сликата е слична. Во Словенија во помала мера сме фокусирани на хорека-сегментот, а тој дел од продажбата успеавме да го пренасочиме во трговските системи кои непречено работат.
Нашите пазари ги делиме на традиционални, каде што ги ставаме државите од овој регион, и на пазари на Западна Европа. На традиционалните пазари, каде што нашите трговски марки се силни и препознатливи, лани забележавме најголем пораст на продажбата, во споредба со годината претходно. На извозните европски пазари, каде што нашите трговски марки не се толку силни и повеќе продаваме во хорека-сегментот, прометот беше нешто помал, но не драматично, и тоа токму поради фактот дека успеавме да ја преструктурираме продажбата.
Пандемијата не ја погоди прехранбената индустрија како што беше случај со други индустрии. Во групацијата минатата година продадовме повеќе од 100.000 тони пилешко месо, односно производи, што во историјата на „Перутнина Птуј“ беше рекорден резултат.
Вашиот украински сопственик, „МХП груп“, е силен и доверлив партнер, но неговата деловна култура е различна од нашата. Каде се најголемите предности и синергија?
Наш сопственик е една од најдобрите производно ефикасни компании во светот. Конкурирајќи на глобалниот пазар (а тоа значи дека цената е еден од главните фактори) и ако сакаш уште нешто да заработиш, мора да бидеш извонредно ефикасен во производството и тоа е нивен деловен модел. Поврзано со нивните природни богатства, бидејќи Украина произведува огромни количества жито, односно пченка и пченица. Од тие суровини многу зависи цената на пилешкото месо. Покрај тоа, имаат најсовремена светска технологија, па затоа се способни да конкурираат на европскиот и на светскиот пазар. Нам, со нивното знаење и искуство, ни помагаат да ја подобриме ефикасноста во производствениот синџир. За разлика од нив, кои дејствуваат на светските пазари и можат да продадат многу во хорека-каналите, ние во нашиот регион имаме трговски марки кои на овој простор се доста силни, добро познати и вреднувани. Преносот на знаења и искуства со нашите сопственици е двонасочен – на пример, нашиот сопственик може да ги црпи нашите богати искуства во изградба и развој на сопствени брендови.
Понуда на свежо месо во Македонија
Во Северна Македонија ќе се фокусираме на развој на понудата на свежо месо. Целта ни е „Перутнина Птуј“ да биде оној производител што ќе го развие македонскиот пазар на свежо месо и понудата на пилешко месо, како и контролата на неговиот квалитет. Денес на полиците во Македонија можат да се најдат многу производи, вклучувајќи замрзнато месо од различни земји и производители. Како што знаете, замрзнатото месо секогаш предизвикува одредени сомнежи во очите на потрошувачите, што не е случај со свежото месо. Што се однесува до инвестициите, на почетокот се потребни вложувања главно во развој на пазарот, со цел консолидација и препознатливост на нашите брендови низ призмата на квалитетот. За вложувања во производствени активности, краткорочно немаме таков план, а долгорoчно ќе видиме, во зависност од тоа како ќе се развиваме на тој пазар.
Цената и квалитетот се веројатно најважни за успехот на секој производ, што го докажавте на швајцарскиот и на австрискиот пазар. Што е најважно за Вашиот успех во регионот?
На пазарите во регионот важни се двете работи. Квалитетот мора да е неоспорен, и тоа само по себе е јасно на високо развиените пазари, но многу мал број производители се во можност да обезбедат константен квалитет по разумна цена. Клучот на нашиот успех во Швајцарија е во тоа што таму понудивме диференциран производ со пилешко од таканаречено „пријатно одгледување“ – производ со врвен квалитет по пристапна цена. Секаде во регионот имаме силни и препознатливи трговски марки, но тие се во различни животни циклуси. Успехот на „Перутнина Птуј“ на поединечен пазар во голема мера зависи од тоа колку ефикасно ги извршуваме сите активности во компанијата и тоа колку вешто е избран миксот на маркетиншки и продажни алати кои ги користиме при управувањето со нашите брендови. Секаде во регионот каде што има интерирана продукција, обраќаме внимание на двете работи. Но, свесни сме дека животниот циклус на храната, конкретно на месните производи што ги произведуваме, е релативно долг и промените не се брзи како во електрониката, на пример (освен во областа на пакувањето/амбалажата). Но мораме да размислуваме за постојано додавање вредност на производите. Од своите буџети за храна потрошувачите нема да бидат спремни да потрошат повеќе отколку што трошат денес. Единствено ќе сакаат за исти пари да добијат поголема вредност. Во тој контекст е многу важно ние, производителите, да се оптимизираме, за утре да му понудиме на потрошувачот повеќе за истите пари.
Како предност го наведувате тоа што на пилињата им обезбедувате „пријатно одгледување“. Што значи тоа, дали купувачите го препознаваат?
Во минатото на одгледувачите им било природно пилињата да се движат на свеж воздух во природа или околу куќата. Но со тој начин, за жал, денес не може да се нахрани светот. Таканареченото фармерско производство, во затворени фарми, е еден вид компромис. „Перутнина Птуј“ со години наназад, прва во Словенија, воведе нов стандард кој го приближува начинот на одгледување до оној што се одвивал во селските дворови. Новиот сертифициран стандард ги зема предвид современите наоди за добросостојба на животните. Специфичност во одгледувањето се отворени тераси и повеќе простор за движење на природна светлина. Густината на животните, исто така, е помала. Тоа влијае и врз квалитетот на месото, за тврдост на мускулите и сочност на месото. И ова е важна порака за потрошувачите, особено за младата генерација, на кои начинот на производството на храната им е важен кога одлучуваат за купување. На пазарите во ЕУ, каде што наидуваме на поголема заштита на домашните производители, со линијата Natur Premium од „пилешко од пријатно одгледување“, со истовремено осигурување на постојан квалитет на производите, правиме препознатлива предност на овие пазари што многу бараат. „Перутнина Птуј“ е прв и единствен производител во регионот кој има такво производство, поставувајќи нови стандарди кои ја влечат целата индустрија напред.
Планираме во Србија до 2025 година да вложиме 60 милиони евра, во најдобар случај, односно 30 милиони евра, во најлош случај.
Какви промени планирате да воведете во деловниот модел во Србија за да обезбедите сигурно и постојано снабдување со пилиња?
Во Србија веќе имаме воспоставено цел синџир, но земјоделската структура таму е крајно нестабилна поради влијанието на сивиот пазар и фактот дека одгледувачите на пилиња– конкретно во нашиот пример – денес работат за еден производител, а утре за друг. Ако сакате да бидете стабилен производител, кој на своите купувачи им гарантира непрекината испорака, производството мора да го имате во свои раце. Затоа во Србија интензивно ќе инвестираме во сопствена производна инфраструктура со чија помош ќе постигнеме значителна ценовна конкурентска предност.
Градите нова фарма за пилиња во Бачка Топола. Колкави ќе бидат Вашите вложувања на српскиот пазар во наредните години?
Планираме во Србија до 2025 година да вложиме 60 милиони евра, во најдобар случај, односно 30 милиони евра, во најлош случај, и тоа во примарно производство, екологија, подобрување на ефикасноста во нашите производствени погони, како и изградба на фарма, најмодерна во овој дел од Европа. На тој начин ќе обезбедиме конзистентност на трошоците во смисла на оптимизација на целиот производствен синџир. Ако на тоа додадеме дека таму веќе имаме силни брендови и голема доверба од потрошувачите, тогаш нема причини зошто не би можеле во Србија долгорочно да ја задржиме позицијата најголем производител на пилешко месо. Планираме да изградиме силоси за во текот на жетвата да можеме да ја купиме најголемата можна количина жито за да ја осигуриме исхраната на нашите животни. Накратко, Србија има голем потенцијал, па тука интензивно ќе инвестираме.
Што е со инвестициите во другите држави?
Продолжуваме со поставување стратегии и интензивни вложувања во сите држави во кои имаме сопствено производство. Секаде вложуваме во модернизација на производството и автоматизирање на процесите. Во Хрватска ги удвоивме производствените капацитети. Исто така, во сите земји вложуваме во зголемување на т.н. фармерски капацитети и во еколошки проекти, со цел зголемување на ефикасноста и намалување на влијанието врз околината.
Двигатели сте и во развојот на производи, што се потврдува и со вашата најнова паштета Poli. Какви се очекувањата од овој производ?
Poli, нашиот бренд-икона, заслужува таков производ во понудата. Тоа е пилешка паштета во конзерва. Како генерален директор на најголемата компанија за преработка на живина, горд сум на нашиот нов производ кој поставува нов стандард за квалитет. Колку што ми е познато, сега нема производител на пазарот кој користи толку голем удел на чисто месо во пилешка паштета, како во паштета Poli pate. Исто така, повеќето пилешки паштети се прават од месо кое механички се одвојува од коските, но ние оваа постапка не ја користиме во производството на Poli pate. За нашата паштета се користи само висококвалитетно свежо месо од цел мускул. Клучната предност е и што само „Перутнина Птуј“ може да обезбеди 100 отсто сопствена суровина. Исто така, производот е без вештачки адитиви, освен природните адитиви (протеини и белковини), со исклучително низок процент на протеини од соја, без кои технолошки е невозможно да се произведе таков производ. Точно е дека во оваа категорија постојат силни играчи со долга традиција, и тоа во секоја земја во регионот, но сигурен сум дека паштета Poli ќе ги увери нашите потрошувачи во својот квалитет. Тоа го потврдуваат и првите реакции од словенечкиот пазар.
Каде треба да биде „Перутнина Птуј“ за 10-15 години?
Кога ќе ги исполниме целите што ги имаме како производител на пилешко свежо месо и пилешки производи, долгорочно гледано, ќе прераснеме во производител на храна. Притоа ќе се потпреме и на силата на нашите брендови, на дистрибуциските можности, на обезбедување постојан квалитет и доверба кај нашите потрошувачи.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.